|
СВЕДОШТВА
Историјата не е само минато
ДРЕВНИ И СОВРЕМЕНИ ИСТОРИЧАРИ КОИ ПИШУВААТ ЗА ЗАСЕБНОСТА НА МАКЕДОНЦИТЕ
Пишува: Александар ДОНСКИ
- Дека Македонците не биле Грци пишувале голем број древни историчари.
- Во светската наука, полека но сигурно, се прифаќа вистината дека
денешните Македонци се наследници на античките Македонци.
П родолжуваме со темата од минатиот
број со мојот одговор на Гркот (или погрчен Македонец) Омонос.
Многу јасен доказ дека Македонците не биле никакви Грци Плутарх дава и во
биографијата за спартанскиот крал Агис. Овде тој пишува дека до времето кога
Филип Македонски ги покорил Грците, ниту еден грчки крал не загинал на бојно
поле, со исклучок на Клеомбротус. Плутарх пишува:
"Видовме дека во многуте битки водени помеѓу Лакадемонците (Спартанците,
з.м.) и останатите Грци, се до времето на Филип Македонски, ниту еден крал
не бил убиен, со исклучок на Клеомбротус, кој почина откако беше ранет од
копје во битката кај Леуктра".
Ова е исто така голем доказ дека Гркот Плутарх (за разлика од денешните
грчки шовинисти) сосема јасно знаел дека Македонците не се никакви Грци.
Едноставно, тој овде пишува дека се до времето на Филип Македонски, т.е. до
времето кога грчките градови држави биле поробени од Македонците, ниту еден
грчки крал (освен Клеомбротус) немал загинато за време на некоја битка.
Доколку Македонците биле "Грци", тогаш оваа констатација треба да се
однесува и за нив. Но, тоа воопшто не е така. Имено, се знае дека во битка
загинал македонскиот крал Пердика Трети (кој владеел од 365 до 359 година
пред Христа, т.е. пред времето на Филип Македонски). Овој македонски крал
загинал токму во битка и тоа против дарданскиот водач Бардил. Значи, доколку
Македонците биле "Грци", Плутарх ќе го спомнел и Пердика Трети како "грчки
крал", кој загинал во битка. Но, тој тоа не го сторил.
Од Плутарх можам да Ви наведам и други цитати за разликите меѓу
Македонците и Грците како два одделни народа. Или можеби сакате да Ви го
спомнам античкиот латински историчар Квинтиј Куртиј Руф (биограф на
Александар Македонски) кој јасно пишува дека Македонците зборувале на
засебен јазик (иако некои од нив го знаеле и грчкиот јазик) и дека за
меѓусебна комуникација им биле потребни преведувачи?
Или можеби да Ви го цитирам античкиот еврејски историчар Јосиф Флавиј (1
век), кој исто така одделно ги споменува Македонците од Грците?
Треба добро да запомните дека не постои НИТУ ЕДЕН антички историчар кој
има напишано: "Атињаните и Грците" или "Спартанците и Грците" или "Тебанците
и Грците" и сл., додека мнозина имаат напишано "Македонците и Грците", што
значи дека ги ставаат еден до друг овие два етнички термина, т.е. прават
разлика помеѓу нив.
СОВРЕМЕНИТЕ ИСТОРИЧАРИ
Или можеби повеќе ги сакате современите историчари, кои со докази
потврдуваат дека Македонците не биле никакви Грци?
Ајде да "скокнеме" во 19 век и тоа во Англија - државата спонзор на
создавањето на современа Грција. Еве Ви цитат од книгата
"Историја на Грција" од авторот Џорџ
Герот, каде во врска со јазикот на античките Македонци пишува:
"Македонскиот јазик бил различен од илирскиот, од тракискиот, а по се
изгледа и од пајонскиот. Тој исто така бил различен и од грчкиот...".
(History of Greece by George Gerote, Vol.II, third
edition, London, John Murray, Albemarle Street, 1851,
дел 2, стр. 14 и 15).
Во истата оваа книга во врска со етничкото потекло на античките Македонци
пишува:
"Македонците од седмиот и шестиот век пред Христа претставувале целина
од жестоки внатрешни племиња, распоредени во посебни мали кнежества и биле
посебни во однос на Грците... Херодот, кој ги смета епирските Молосијани и
Теспротијаните како деца на Хелен, децидно го мисли спротивното во однос на
Македонците ( History of Greece,
цит. дело, дел 2, стр. 11).
Или можеби сакате цитат од современиот историчар Артур Вајгал, кој во
врска со засебноста на античко-македонскиот јазик, пишува:
"Грците ... не можеле да го разберат македонскиот јазик, кој немал речиси
никаква сличност со нивниот, а немало ни литература од која би можел да се
проучува" (овој цитат на англиски е од неговата книга преведена на
македонски и објавена во Скопје, 1992, п. 24, но сигурно дека лесно ќе ја
најдете книгата во оригинал на англиски).
Или можеби сакате цитат од научното дело "Спортот и културата во
античко-македонското општество"
од познатата американска историчарка и
универзитетски професор д-р Синдја Сиднор Словиковски, која во врска со
засебноста на Македонците, како народ, пишува:
"...Грците не ги признавале Македонците како свои Хелени и Македонците
не можеле нормално да учествуваат во панхеленските натпреварувања" ( D-r
Synthia Syndor Slowikowski, "Sport and Culture in the Ancient Macedonian
Society", The Pennsylvania State University, 1988, p.
51).
Или можеби сакате цитат од светски познатиот историчар и познавач на
античка Македонија, универзитетскиот професор д-р. Еуген Борза, кој во
својата книга "Во сенката на Олимп. Појавата на Македонците", пишува:
"Обајцата, Херодот и Тукидид, ги опишуваат Македонците како странци, како
посебен народ кој живее надвор од границите на грчкитее градови-држави.(...)
Македонците... себеси не се сметале како грчко племе, ниту како каков
било друг балкански народ, туку само како Македонци. Ова го знаеле сите
странски протагонисти - од времето на Дарие и Ксеркс, до времето на римските
генерали ( In the Shadow of Olimpus, The
Emergence of Macedon, Princeton Univercity Press, Princeton, New
Jersey, ISBN 0-691-05549-1, USA, 1990,
р. 96).
Или сакате да Ви го спомнам познатиот германски историчар Улрих Вилкен,
кој во врска со етничките разлики помеѓу античките Македонци и Грците, во
своето познато историско дело "Alexander the Great"
запишал:
"Македонците беа наполно здрав народ. Тие не беа тренирани како
грчките атлети, туку беа како Римјаните со војнички навики. Но, покрај овие
добри особености, тие имаа и многу лоши навики, останати од дамнешните
времиња, како што беше неумереното пиење, со што, во очите на Грците беа
вистински варвари. Меѓутоа, антагонизмот беше реципрочен, бидејќи
Македонците беа израснати во една горда и самосвесна нација, која со презир
гледаше на Хелените" (И ова Ви го преведов на англиски од преводот
наВилкен на македонски. Неговата книга
"Alexander the Great" во оригинал
е објавена во 1931 година, а во превод на македонски е објавена во Скопје,
во 1988 г.).
Верувајте ми дека има уште многу вакви сведоштва, но заради просторот
овде ќе прекратам.
ЗА ДЕНЕШНИТЕ МАКЕДОНЦИ
Што се однесува до Вашето тврдење дека целиот свет ги смета денешните
Македонци како Словени, ќе Ви кажам дека денешната македонска нација во себе
ја содржи крвта и културата и на античките Македонци. Ова е сосема логично.
И денешните (вистински) Грци со право сметаат дека во себе ја носат крвта и
културата на древните Грци. И денешните Бугари и Албанци (со право) сметаат
дека во себе ја носат крвта и културата на Тракијците и на Илирите, т.е. на
староседелците во денешна Бугарија и Албанија. Сосема ист е случајот и со
денешните Македонци кои во себе ја носат крвта и културата на античките
Македонци. Античките Македонци не испариле во воздух и може да се каже дека
поголем удел во денешната македонска нација оставила античките Македонци,
отколку Словените. Но, точно е дека светот допрва треба да биде информиран
за етно-културните врски помеѓу денешните и античките Македонци и тоа допрва
треба да го направи македонската, но и објективната, светска наука. Досега
на Македонците не им беше дозволено слободно да ја истражуваат сопствената
историја, а тоа и денес е забрането во Грција и во Бугарија. Дури од
неодамна почнаа да излегуваат на виделина многу докази за врските помеѓу
денешната македонска нација и античките Македонци (обичаи, фолклорни мотиви,
ономастика, материјално налседство, па дури и генетика). Но, времето е пред
нас и останува само да причекаме кога светската јавност ќе ги дознае и
прифати овие аргументи. Научните сознанија бавно се примаат во светската
наука, но сепак се примаат! Досега светот за историјата на Македонија во
основа го слушаше само она што ќе го кажат не-македонските субјекти (Грци и
Бугари). Но, ваквите ставови ќе се изменат порано или подоцна. И Коперник
своевремено бил запален заради нешто што го тврдел, а денес тоа што тој
тогаш го тврдел, сите го прифаќаат. Еден народ, дури откако ќе формира
сопствена држава, може да очекува сопствено вистинско претставување на
својата историја пред светот. Имањето држава создава идеални услови за
форсирање на сопствената историја. Така било и со современите Грци. Вие
очигледно не знаете дека во 19 век, познати европски политичари изјавувале
дека грчка нација не постои. Истовремено мнозина жители на Грција себеси се
декларирале како "Ромеи" (Римјани), а не како "Грци" и тоа дури и во 19 век!
Дури по формирањето на Грција, народот почнал полека да ги осознава своите
грчки корени. Нешто слично денес се случува и со Македонците. А, дека оваа
вистина, полека но сигурно е прифаќана и од странската научна јавност, еве
Ви цитат од францускиот академик Жорж Сорбело Салањак, кој во врска со
етничкото потекло на денешните Македонци пишува дека тие во себе повеќе ја
носат културата и крвта на античките Македонци, отколку на Словените: Овој
академик пишува дека и навистина во 6 век на Балканот се појавиле Словените,
но дека тие, како заостанато племе, не можеле да станат доминантни жители на
Македонија, поради што бргу се претопиле во древните Македонци кои тогаш
биле културен и цивилизиран народ. Пишувајќи за Словените тој вели:
"...Не зависејќи од никаков авторитет, не формирајќи никојпат еден
организиран народ и очигледно незајакнати од нови елементи, тие конечно се
растопуваат во популацијата на староседелците... Словените кои ќе ги најдеме
подоцна во Илирија апсолутно не произлегуваат од нив"
("Les origines ethniques des Europeens" Editions Perrin, 1992, Paris,
France, p. 269).
Откако дава објаснување кои биле древните Македонци, потенцирајки дека
тие не биле никакви "Грци", овој истакнат француски академик пишува: "Македонците
постојат и денес во Македонија, поделени на два дела. На југ грчката
провинција Македонија, на север Република Македонија... И едните и другите
имаат јасна свест за своето заедничко етничко потекло, и од Скопје и од
Солун тие не се чувствуваат како странци".
("Les origines ethniques des Europeens" Editions Perrin, 1992, Paris,
France, p. 96).
Значи, битката за докажување на "грчкото потекло" на античките Македонци
вие Грците веќе ја губите во светот (без разлика што мислите кај вас).
Доколку немаше толку шовинизам кај вашите политичари и јавност, ќе сфатевте
дека античките Македонци денес можеа да претставуваат мост за пријателство
помеѓу нашите два сегашни народа, затоа што тие (било како окупатори, било
како сојузници), сепак биле составен дел и од грчката историја.
(Продолжува)
|