ИСТОРИЈА

Петте страшни години - Егејска Македонија (37)

СТАВОВИТЕ НА СТАЛИН ЗА ГРАЃАНСКАТА ВОЈНА ВО ГРЦИЈА

Пишува: д-р Ристо КИРЈАЗОВСКИ

  • "Американците и Англичаните многу се интересираат за Средоземното Море. Тие во Грција сакаат да имаат бази и нема да жалат средства за да одржат таму влада која ќе ги слуша. Тоа е голем меѓународен проблем" - изјави Сталин.
  • По успешната битка на ДАГ на Малимади, Захаријадис на 12 септември 1948 година допатува во Москва каде од советското раководство побара 1.000 топови од различен калибар, еден милион гранати, авиони и друго. Барањето беше прифатено, но нереализирано.

Сталин ми одговори сериозно:

- Нека даде Господ да имате право. Можеби јас грешам. Јас веќе имам погрешено во еден сличен случај. Тоа беше Кина. Не верував во победата на кинеските комунисти. Бев сигурен дека Американците ќе направат се да го загушат тоа востание. Го поттикнав Мао, велејќи му дека е подобро да се помири со Чан Кај Шек да формира со него еден вид коалициона влада. Поканив уште и кинеска делегација во Москва. Делегацијата дојде, послуша тоа што & реков, согласно кинеската традиција, сите се смееја, ги мрдаа главите дека божем се согласуваат и си заминаа и кога се вратија, Мао ја почна големата револуционерна офанзива и победи. Како што гледате, може и тука да грешам. Нека даде Господ да се случи истото и во случај на Грција. Но, треба да речам дека не верувам во богот. Грција не е Кина.

РАЗГОВОРИ СО СТАЛИН

Георги Димитров во својот "Дневник", продолжува:

- Сталин: "Ако грчките партизани бидат нападнати вие ќе почнете војна?

- Кардељ: "Не".

- Сталин: "Јас тргнувам од анализа на соодносот на партизанските сили и силите на нивните противници. Во последно време почнав да се сомневам во победата на партизаните. Ако не сте уверени дека партизаните ќе победат, партизанското движење треба да се стопира. Американците и Англичаните многу се интересираат за Средоземното Море. Тие во Грција сакаат да имаат бази и нема да жалат средства за да одржат таму влада која ќе ги слуша. Тој е голем меѓународен проблем.

Ако се стопира партизанското движење, нема да имаат повод да ве нападнат. Не е така сега лесно да се почне војна, ако за тоа нема повод дека вие со Грција организирате Граѓанска војна.

Ако вие сте убедени дека партизаните имаат шанса за победа, тоа е друго прашање. Но, јас се сомневам во тоа".

Трајче Костов: "Ние сметаме дека еден пораз на партизанското движење во Грција, на балканските земји ќе им создаде големи тешкотии".

Скапо го платија името македонско!

Сталин: "Се разбира партизаните треба да бидат поддржани. Но, ако перспективата на дотична земја пропаѓа, подобро е да се одложи борбата за поповолни времиња. Во случај на неповолен сооднос на силите, неопходна е рамнотежа на силите. Ако се покаже дека во даден момент не оди, ќе треба да се подготвиме тоа да го признаеме. И друг пат беше наложено стопирање на партизанското движење, ако условите не се поволни. Ако денес не може, утре ќе може. Вие се плашите сериозно да го поставите прашањето. Вам ве спречува моралната обврска. Ако не можете да ја поднесете дадената тежина, со која се натоваривте, треба тоа да го признаете. Вие не треба да се плашите од некаков "категоричен императив" по прашањето на моралната обврска. Кај нас такви "категорични императиви" - нема. Целото прашање е во соодносот на силите. Ако си силен удри, ако не си, не прифаќај борба. Ние ја прифаќаме борбата не кога сака противникот, туку кога е во наш интерес".

Кардељ: "Да причекаме неколку месеци да се разјасни прашањето. Да се види какви се шансите на партизаните".

Сталин : "Добро, тогаш, обидете се, можеби сте во право. Јас исто така се сомневам дека Кинезите ќе успеат и ги советував времено да се договорат со Чан Кај Шек. Тие формално се согласија со мене, но во практика продолжија по своето, продолжија да ги мобилизираат своите сили, силите на кинескиот народ. Потоа отворено го поставија прашањето: "Ќе продолжиме да се браниме. Народот е на наша страна". Ние рековме: "Добро, како што е потребно. Се покажа дека кај нив почвата беше поволна. Се покажа дека не сме во право, но ние сакаме да дејствуваме сигурно".

Костов: "Дали Американците ќе допуштат да победат партизаните?".

Сталин: "Ние нема да ги прашаме. Ако има сили за победата и има луѓе кои можат да ги поведат народните маси, треба да се продолжи борбата. Не треба да се мисли дека ако во Грција ништо не излезе, се е изгубено.

Пограничните држави последни треба да ја признаат владата на генерал Маркос. Прво нека ја признаат другите, тие што се подалеку...".

ЗАКЛУЧОЦИ

Од цитираните истражувања можат да се извлечат следните заклучоци:

1. Сталин веруваше во победата на ДАГ, но на почетокот на 1948 година почна да се сомнева во неа.

2. Ја обелодени улогата на Југославија во Граѓанската војна. Од раководството на КПЈ бара да ја стопира вооружената борба на ДАГ.

3. Судбината на вооружената борба на ДАГ ја решаваше во отсуство на грчките раководители.

4. Оценката на Сталин дека вооружената борба на ДАГ нема услови за успех беше правилна.

По успешната битка на ДАГ на Малимади, Захаријадис на 12 септември 1948 година допатува во Москва каде од советското раководство побара 1.000 топови од различен калибар, 1 милион гранати, авиони и друго. Барањето беше прифатено, но нереализирано.

На средбата на КПСС, КПГ и АПГ што се одржа во Москва во јануари 1950 година, Сталин не ја критикуваше одлуката на вооружено востание, туку договорот во Варкиза.

Од горенаведените и други факти произлегува заклучок дека Сталин не само што беше запознат, туку ја одобри одлуката на вооруженото востание од февруари 1946 година. Меѓутоа, имајќи го предвид интересот на Велика Британија и САД за Грција, манипулираше со вооружената борба, односно ја користеше интервенцијата на западните сили во Грција во корист на десницата како покритие за наложување на својот режим и за задушување на отпорот на народите против истиот во земјите што паднаа под негова контрола.

(Продолжува)


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"