|
ИСТОРИЈА
Коле Неделковски, поет и револуционер - 90 години од раѓањето
"ГЛАС ОД МАКЕДОНИЈА"
Пишува: Анита ДИМОВА
- Неодамна ја одбележавме 90-годишнината од раѓањето на Коле Неделковски.
Како ехо одекнува "Глас од Македонија", глас тревожен за неразбраното
македонско минато на македонската сегашност, на македонската вистина.
- Коле Неделковски загина по јуначкиот пример на солунските атентатори.
Не затоа што тој беше индивидуалист, туку затоа што нивното дело беше за
него синоним на револуционерно јунаштво. Не зашто тој ги носеше нивните "гемиџиски"
идеи, туку затоа што тој исто беше романтичар со бескрајна љубов кон
својот народ и кон неговата борба за слобода и правда.
К оле Неделковски е роден на 16
декември 1912 година во велешкото село Војница, во сиромашно земјоделско
семејство. Во родното село го завршува четиригодишното основно образование,
и според некои истражувачи, уште во ова време (1919 - 1923 година) Коле
пројавува интерес за литературата.
Со желба да ги прошири своите знаења за многу непознаници, а составни
елементи за човековото живеење, Неделковски се запишува во велешката
гимназија. Но, по три месеци, поради недостиг на материјални средства, што
беше карактеристично за најголемиот број македонски семејства во периодот
меѓу двете светски војни, при туторство на великосрпските хегемонисти во
Вардарскиот дел на Македонија, Коле го напушта школувањето. Во потрага по
елементарна егзистенција заминува во Скопје и му се посветува на молерскиот
занает.
ВО НОВАТА СРЕДИНА
... Неделковски се пројавува како интелектуално и општествено ангажирана
личност. Освен што го посетува неделното трговско училиште, тој развива и
забележителна активност како синдикален деец. Меѓутоа, длабоко во неговата
душа се уште тлее љубовта кон литературното творештво.
Во 1932 година, на 20 - годишна возраст, по повод смртта на еден другар,
Коле ја пишува песната "Проштално писмо" која, за жал, не е зачувана. Веќе
во наредната 1933 година, крајно разочаран од неможноста за духовен развој
на македонскиот национален индивидуалитет, поради репресијата на
великосрпските власти, Неделковски по кратко задржување во Атина емиргрира
во Бугарија.
Надежта дека во бугарската метропола ќе обезбеди материјална егзистенција
и услови за слободно раскрилување на творечките потенцијали на духовен и
национален план, на самото место ја согледува како нереална. Разочаран од
положбата во која се наоѓа македонската емиграција во Бугарија и
противречностите на некои македонски средини, Коле Неделковски се повлекува
во себеси и паѓа во длабока депресија.
Но, неговите душевни неспокојства по извесно време ќе исчезнат,
благодарение пред се на силната љубов кон поезијата и кон македонското
народно творештво. Денски работи како декоратер, а во долгите ноќи проучува
материјали од минатото на својот народ. Преку Зборникот на Миладиновци
деноноќно другарува со македонската народна песна, а во тоа време ги пишува
и своите туѓински изгнанички песни. Во периодот од 1933 до 1938 година
посетува повеќе образовни курсеви со цел да го дополни испуштеното во своето
образовно оформување.
ПОЕТСКОТО ДЕБИ...
... На Коле Неделковски започнува во јули 1938 година, кога во органот на
Илинденската емигрантска организација, списанието "Илустрација Илинден" ја
објавува песната "Стојан Војвода".
Во есента истата година, по формирањето на Македонскиот литературен
кружок во Софија, Коле станува негов активен член. Творечките немири на
Неделковски најдоа плодно тло во средината на неговите истомисленици и
врсници: Никола Јонков - Вапцаров, Антон Попов, Михаил Сматракалев, Ѓорѓи
Абаџиев, Димитар Митрев и другите.
Во наредниот едногодишен период Коле објавува уште пет песни, а во 1940
година ја објавува и првата стихозбирка "Молскавици", посветена на мајка му,
која содржи 16 песни.
Делото на Коле Неделковски претставува инспирација и за повеќе современи
македонски поети. Зборувајќи за создавањето и активноста на македонскиот
литературен кружок во Софија (1938 - 1941), академик Гане Тодоровски, во
една пригода ја подвлече мошне јасната позиција на поетот во однос на
националното прашање.
Вљубеникот во народната поезија на сопствениот народ и предвесник на
новото време, Коле Неделковски, во август 1941 година ја објавува својата
втора стихозбирка "Пеш по светот", посветена на младите македонски борци.
Покрај истоимената поема, ова дело на Неделковски содржи уште седум песни.
Тие претставуваат израз за борбен извик на поетот против големата опасност
од фашизмот. Песната "Глас од Македонија", во тој однос, претставува
своевидна апотеоза на македонскиот народ на неговите вековни страдања и
национални стремежи.
Токму во миговите на поетска раскриленост и револуционерна развиоренсот
во служба на македонското револуционерно ослободително дело, на втори
септември 1941 година, во екот на полициската рација трагично ќе загине,
оставајќи голема празнина кај македонскиот народ.
Коле Неделковски загина како член на диверзантската група во Софија која
имаше задача од една страна да предизвика извесен неред среде побеснетите
фашисти, а од друга да ги натера револуционерните сили да се дигнат на
отворена борба против фашизмот. Таа задача Коле ја презеде со готовност и
гордост. И во таа смисла даде се од себе.
Коле имаше два објекта над кои требаше да изврши атентат. Тоа беше
редакцијата на весникот "Зора" и германската воено радиостаница во квартот "Подуени".
Првиот објект, за кој лично Коле направи подробен план, влегувајќи
два-три пати во приземните простории на редакцијата, брзо беше изоставен
поради недостаток на неопходното доволно количество експлозивен материјал.
Оваа идеја беше замената со планот за атентат над директорот на весникот -
Данаил Крапчев. Се разбира, атентатот пак да се изврши во зградата на
редакцијата, но во кабинетот на директорот, за да се изрази незадоволството
не само против личноста на Данаил Крапчев, туку пред се, против
профашистичката редакција на тој весник.
Вториот објект Коле направи обид да го разурне на први септември
приквечер. Но... на 2 септември, весниците објавија дека Коле загинал. При
обидот на полицијата да го блокира квартот околу зградата во која живееше и
да го уапси фрлил една пеколна машина против нив, а потоа се фрлил од
прозорецот на својот стан. Не е исклучено да бил проследен од полицијата во
обидот да ја изврши задачата над германската радиостаница, меѓу 4 и 5 часот,
а постои веројатност полицијата и случајно да го открила вршејќи претрес во
блокираниот квартал. Меѓу другото, постојат индиции дека е извршено
предавство од некој студент, кој живееше до неговата соба.
Коле Неделковски загина по јуначкиот пример на солунските атентатори. Не
затоа што тој беше индивидуалист, туку затоа што нивното дело беше за него
синоним на револуционерно јунаштво. Не зашто тој ги носеше нивните "гемиџиски"
идеи, туку затоа што тој исто беше романтичар со бескрајна љубов кон својот
народ и кон неговата борба за слобода и правда.
Глас од Македонија
О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба -
пакостен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.
Таа ете веќе векови цели
пишка и стенка од волци гости-
за брата вијат кој да го дели,
за да му глода сувите коски.
Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д' издигне славно свој род без врева.
Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј - на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.
|