Ослободете се од омразата!

(Повод: Интервју со Игор Аврамовски, претседател на Здружението на Македонските општини од Австралија и на Советот на Македонската заедница од Сиднеј, "Македонско сонце" бр. 441 од 13.12. 2002 година, стр. 8)

Повод за моето јавување е интервјуто на господинот Игор Аврамовски во вашиот и нашиот неделник "Македонско сонце". Не знам дали функцијата на господинот му дозволува со таков тон да се нафрлува на нашите црковни лица, те на владиката Петар, те на нашиот Поглавар, г.г Стефан.

По многу написи по весниците во Македонија и Австралија и по многу потрошени пари во судските спорови помеѓу Македонската православна црква и дел од македонските православни црковни општини во Австралија, навистина не е јасно кој за што се бори. Но, таа борба е жестока и беспоштедна, крајот не & се наѕира, а резултатот е подвоеност на Македонците до мера на органска и патолошка нетрпеливост. Се преговара, се договара меѓу спротивставените страни, ама засега никој не попушта. Нема никаква основа за преговори. Има многу лидери и лидерчиња меѓу кои е и господинот Игор Аврамовски за кој луѓето кои го знаат велат дека повеќе личи на сончоглед отколку стабилен водач на Македонците. Не сакам да навивам ниту за една страна. Христијанин сум од мајка Македонка и татко Македонец, па според тоа сметам дека не треба да се зачленувам во ниедна црковна општина. Ги почитувам нашите црковни личности, но исто така не сум член на ниедна општина која функционира како приватна компанија, преку која се вршат нечесни економски зделки. Не очекувајте дека ќе се дознае вистината.

Зошто толку жестоко се нафрлува господинот Аврамовски на нашите црковни лица? Никој не спори дека навистина овде е се изградено, со одвојување средства на генерации и генерации Македонци, но зарем во Македонија и во другите места во светот не се граделе цркви и манастири? Ајде да тргнеме од народната "од народ за народ". Тогаш ќе се ослободи големата негативна енергија и белким страстите ќе се смират. Аврамовски по функцијата која ја кажува треба да го води орото на национално и верско помирување, но тој долева масло на и онака запалениот оган. Навистина ако Македонската православна црква не попушта во спорот, попуштете вие господине Аврамовски. На Македонците во Австралија не им требаат лидерства, им требаат пријатели кои ќе лобираат за нашата праведна борба со албанскиот тероризам. Вие со вашето интервју се ставате над сите. Претпоставувам дека сте верник, освен тоа нека не ве интересира ништо друго. Се бавите со персоналните работи на црквата и кажувате кој е подобен, кој не е борец за македонската кауза. Таман работа ако владиката Петар мора на сите да ни се допаѓа или пак од Австралија да наредуваме каков владика ќе ни одредат. Можеме да влијаеме, ама не толку колку што Вие мислите. Подобро е господине Аврамовски да ја кажете вистината околу тие цркви и клубови кои се во спор со Македонската православна црква и владиката Петар. Дека основниот спор е само во профитот. Не се тоа обични спорови, зад нив се кријат разни лоби групи кои токму Вие не ги гледате. Може и ги гледате, ама може и вие имате некоја корист, ако не материјална, може ете "духовна". Се нарекувате претседател, како што ги има многу овде во Австралија, или тоа го работите од надалеку прочуениот македонски инает. И токму тие вам слични се најопасни по разнебитувањето на македонското ткиво во Австралија. Ја спомнувате Македонската обединета општина во Перт за која тврдите дека наводно поради судскиот спор е пред банкротство и веќе е затворена. Таму веќе се знае дека недомаќински се работело со години.

Македонската православна црква со векови градела, не разградувала и затоа треба да веруваме, да одиме во црква, а не да се мешаме и таму каде не ни е место. Да си подаваме рака еден на друг и да се почитуваме. Да ја афирмираме нашата нација и нашата црква. Тоа е не само должност, туку и право. Црквата била и ќе биде пред нас и по нас, а интересите на поединци се привремени. Ослободете се од омразата која ја искажувате за нашите црковни лица што поскоро и Господ ќе ви помогне.

Душан Андовски


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"