ФОРУМ

АЛЕКСАНДАР КРИС ИВАНОВСКИ Е ИЗМАМНИК!

Стамен Филипов, Скопје

  • (Повод: "Македонија, држава без душа и карактер!", текст на Александар Крис, новинар, соработник на неколку невладини организации за заштита на човекови права, "Македонско сонце" од 27.12. 2002 година, стр.34).

За содржината на написот нема да говорам, туку сакам само да кажам неколку збора за неговиот автор, Александар Крис.

Имено, тој се има претставено на вашите читатели и со написот: "Нашето (не)зависно и (не)угледно судство" - "Македонско сонце" од 24.05. 2002 година, стр. 36 - 37. Во тој напис се прикажа како Александар - Крис Ивановски, независен новинар, соработник на Советот на Европа и неколку невладини организации за заштита на човекови права, титули преку кои јас сум измамен, за што подетално ќе дознаете од долу наведената содржина.

Но, во неговиот нов напис од 27.12. 2002 година, тој повеќе не се претставува со презимето Ивановски и не го прикажува повеќе неговото својство: соработник на Советот на Европа!? Поради тоа се поставува прашањето зошто сега Крис Александар во неговиот нов напис не ги прикажува овие атрибути и својства!?

Сметам дека одговорот на ова прашање може да се најде во објавената вест на весникот "Дневник" од 25.11. 2002 година, стр.13, под наслов: "Собрал илјада евра ветувајќи работа во невладина организација", а која вест гласи: "Измамник, кој се претставувал како службеник на Советот на Европа, му собрал повеќе од илјада евра на скопјанец кого три месеци го лажел дека ќе му обезбеди работа во невладина организација. Скопјанецот Стамен Ф. во четвртокот пријавил во полициската станица Аеродром дека во периодот од август до 8 ноември годинава бил измамен од непознато лице, кое се претставило како вработено во Советот на Европа, во Одделот за човекови права и слободи. "Европеецот" се претставил како Крис Александар Ивановски и рекол дека има намера да отвори канцеларија на Советот на Скопје, каде што Стамен ќе работел како хонорарец. Потоа со разни лаги успеал да му земе 1.170 евра, 450 југословенски динари и 4.500 денари, по што исчезнал. Полицијата собрала податоци за измамникот и работи на негово откривање. (С.Т)".

Ете, кој е Александар Крис, а не независен новинар, соработник на Советот на Европа и неколку невладини организации за заштита на човекови права, како што лажно се прикажува!

Од понатамошните анализи и коментари намерно се воздржувам, бидејќи токму јас сум тој измамениот од Александар Крис и во врска со тоа полициската постапка веќе е завршена и се надевам дека ќе има и кривично-судска разврска за наведената измама.

Меѓутоа, ова писмо сакам да го објавите во Вашиот весник со единствена цел: овој "заштитник на човекови права" да не измами - излаже и други лица! И, во иднина да не ни даде Господ вакви и слични новинари, соработници на Советот на Европа и заштитници на човекови права, како што е Крис Александар!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"