осподине Премиер на Република
Македонија, зедовте преголема одговорност врз своите плеќи со Вашата партија
за да го надоместите сето она што го пропуштивте за време на Вашето владеење
во периодот од август 1992 година до ноември 1998 година. Тогашното Ваше
лошо владеење се одрази врз македонската економија, а и на надворешен план
се пропуштија низа прилики за да си ги средиме работите да дојдат на
вистинско место за да заживее правната држава по европски терк. Не сакам да
ги набројувам сите негативности што ги направивте, но за мене како Македонец,
несфатливо остана сменувањето на знамето и дел од Уставот (49) и пазарењето
со името.
По катастрофалното владеење на таканаречената најмакедонска партија
ВМРО-ДПМНЕ од ноември 1998 година до ноември 2002 година, македонските
гласачи пак ви ја дадоа довербата скоро заборавајќи се и простувајќи Ви за
Вашето лошо владеење. За таа Ваша победа придонесе и расцепканоста на
гласачите сконцентрирани во малите партии од десна и централна провиненција
кои глумеа големи Македонци на чело со лидери кои не заслужуваа да бидат ни
претседатели на месни заедници, а камоли да водат партии и држава.
Господине Премиер, не сакам да Ви солам памет, бидејќи како политичар Ве
паметам уште од првиот Парламент и по моја оценка знам колку сте способни и
кадарни. Знаете во секоја ситуација да се снајдете убедувајќи ја јавноста
дека за се има решение, но треба само поголема волја и трпение за да си
дојде се на свое место. Многу пати Ве слушам на прес-конференција кога
изјавувате дека за кавга треба двајца, но и за мир треба двајца. Но, како
најпрост пример би го навел примерот со Шемшево. Сами изјавивте дека е
постигнато компромисно решение, односно да се отстрани името "Даме Груев",
да се дислоцира бистата на Јумни Јонузи, да се врати секретарката на старото
работно место и училиштето да го добие името Шемшево. Но, од сето тоа
господине Премиер нема ништо, освен само преселување на децата Македонци да
учат во друго училиште. Би Ве прашал, каква е таа љубов на соживот на двајца
коалициони партнери кога Албанците си ги задоволуваат своите барања нацртани
во нивната големоалбанска стратегија, а ние Македонците правиме постојано
отстапки за кое било прашање што се однесува за западниот дел на Македонија,
се со цел да се зачува мирот и соживотот.
Господине Премиер, немојте да мислите дека сум од оние кои заговараат
војна и немири, односно нестабилност во државата, туку напротив се залагам
за правна држава каде Премиерот треба да му наложи на својот ресорен
министер да го реши проблемот и меѓу своите сограѓани Албанци да го
промовира соживотот за мир и толеранција, а доколку тој или преостанатите не
го сакаат тоа, целата македонска јавност нека биде информирана за суштината
на настанатиот проблем. Истото би можел да го кажам и за решавање на кој
било проблем кој настанува на национална основа. За решавање на
преостанатите проблеми сакам да функционира правна држава и истите да се
решаваат преку државните институции, секои во своите ингеренции.
Несфатлив остана и проблемот со киднапираните за кои водачот на ОНА, Али
Ахмети, изјави дека ништо не знае за нивната судбина, иако според мое
мислење нема водач кој ја спроведува воената стратегија да не знае што
работат неговите команданти на теренот. Тоа би било исто, господине Премиер,
Вие да не знаете што работат Вашите министри.
Министрот за одбрана при посета на Општина Липково јавно изјави дека сака
при наредната посета албанското знаме со кое беше пречекан повеќе да не биде
истакнато на општинските згради. "Јас би сакал албанското знаме во најскоро
време да биде симнато од сите јавни институции и други места. Албанците
имаат право да го користат само партиското знаме и да го истакнуваат на
своите партиски манифестации". Со други зборови, правилно да се дефинира
употребата на државното и партиските знамиња и да се спроведе нивна примена.
Вашата активност за справување со криминалот во Република Македонија и
апсењата на корумпирани личности што произлегоа со тој процес го поздравувам,
а совпаѓањето на осомничените личности дека се членови на сега опозиционата
ВМРО-ДПМНЕ не треба да го плаши членството на таа партија, бидејќи на тој
начин и самата партија ќе се ослободи од тие личности кои на најлош начин ја
претставуваа во делувањето на државно ниво. Без нив партијата најбрзо би се
вратила на идејата за создавање на независна, самостојна и обединета
Македонија, декларирана во документите од 1990 година.
Досегашните влади постојано вршат коалицирање со една албанска партија со
цел вклучување на Албанците во општествениот живот во државата. Меѓутоа,
изгледа вистинското коалицирање е само меѓу албанските партии бидејќи додека
едната е во позиција т.е коалиција со победничката македонска партија,
другите албански партии од опозицијата ги заземаат најрадикалните ставови.
Промената на албанската партија во позиција значи само промена во носителот
на радикализмот кај Албанците. При непостоење на сличен став кај
македонските партии, и заради попустливиот став на партијата на власт
изгледа дека добитниците се само Албанците во целост. Се прашувам - до кога?