|
Изложби
Македонида
Брисел, 9 јануари.
Во општината Андерлехт на белгискиот град Брисел на 9 и 10 јануари е
одржана презентација на дел од македонското културно наследство. Здружението
за валоризација, популаризација и педагогија на културното наследство "Македонида",
градската управа и градоначалникот на Андерлехт на заинтересираните
посетители им ги понудиле предавањата на проф д-р Елизабета Димитрова на д-р
Панче Велков посветени на ремек-делата од средновековна Македонија. Во
Андерлехт е отворена и изложбата "Едно училиште - еден споменик" кој како
проект е иплементиран од страна на здружението "Македонида" и досега е
презентиран во Музејот на Македонија и Советот на Европа.
100 години Илинден
Струмица, 13 јануари.
Во организација на уметничката галерија, Советот на Општината и Друштвото
на ликовните педагози деновиве беше отворена првата детска ликовна колонија
"100 години Илинден". Со тоа младите струмичани, први во Македонија, го
започнаа одбележувањето на 100 годишнината од Илинденското востание.
Во ликовната колонија учествуваат 30-тина ученици од основните и средните
училишта во Струмица кои заедно со нивните ликовни педагози ќе создаваат
дела инспирирани од ликовите и настаните од илинденската епопеја.
Други визии
Берлин, 17 јануари.
Во палатата на лавовите на фондацијата "Shtarke",
се отвара изложбата "Други визии" (Foreign visions).
Тоа е изложа на македонски и руски уметници чија реализација ја овозможи
Министерството за култура на Република Македонија, а организирана во рамките
на програмата на Прима Центар - Скопје.
Уметници кои учествуваат се Јован Балов и Новица Трајковски од Македонија,
како и од Русија. Изложбата ќе ја отворат со поздравен говор
Jirg Shtarke, директорот
на фондацијата "Shtarke",
Горан Рафајловски, македонскиот амбасадор во Германија, Михаел Грабар,
културен амбасадор на Руската Федерација во Германија.
Книги
Македонски извор
Будимпешта, 10 јануари.
На иницијатива на Здружението на Егејските Македонци во Унгарија излезе
од печат најновиот број на весникот "Македонски извор". Весникот, иако мал
по странички, сепак го отпечати 66-от број.
Црквата и световното
Скопје, 10 јануари.
Деновиве издавачката куќа "Слово" од Скопје ја издаде книгата "Црквата и
световното" од Љупка Христова - Башевска.
Оваа студија е успешен теоретски и методолошки пробив во онаа област на
хуманистичките истражувања во која се допираат, се конфронтираат и се
обединуваат сознанијата од најмалку три фундаментални науки (филозофијата,
теологијата, социологијата).
Фантастични раскази
Скопје, 10 јануари.
"Македонска книга" неодамна ја издаде книгата "Фантастични раскази" од
Ернест Теодор Амадеус Хофман (1776 - 1822). Книгата е преведена од германски
јазик од Зорица Симовска со поговор на Влада Урошевиќ.
Обден
Скопје, 10 јануари.
Неодамна излезе од печат најновата стихозбирка на истакнатиот македонски
поет Тодор Чаловски, насловена како "Обден". Во книгата опфатени се триесет
и шест нови песни поделени на шест циклуси: "Побуда", "Нимб", "Заврзок", "Скриеното
во нас", "Дипли" и "Разбирање на молкот".
Нови дела за награди
Скопје, 11 јануари.
На конкурсот за годишните награди на Друштвото на писателите на
Македонија (ДПМ) пристигнаа 70 нови дела од членови на оваа асоцијација.
Книгите конкурираат за наградите "Стале Попов" за најдобро прозно
остварување, "Ацо Шопов" за поезија, "Димитар Митрев" за критика и есеистика
и "Ванчо Николески" за книга за деца.
Одлуките за признанијата ќе ги донесат тричлени комисии, а наградите на
свечен начин ќе бидат врачени на 13 февруари, денот на основањето на
Друштвото на писателите на Македонија.
Сигнал
Скопје, 13 јануари.
Издавачкиот центар "Три" ја објави најновата книга поезија на Славе Ѓорго
Димоски, "Сигнал". Поговорот го напиша академик Матеја Матевски. Збирката е
од 100 песни, поделени во три циклуси од по 33 песни и воведната според која
книгата и го носи наловот "Сигнал".
Македонија утре
Букурешт, 13 јануари.
Во Букурешт, Романија, токму пред Новата година, од печат за првпат се
појави списанието "Македонија утре" кое излегува двојазично, на македонски и
на влашки јазик. Списанието го издава Здружението на студенти од Македонија
кои се школуваат во Романија.
Вевчански карневал
Вевчани, 13 јануари.
Годинава во издание на Општина Вевчани од печат излезе книгата "Вевчански
карневал" од авторите Никола Шутиноски, Горан Величковски и Васил Радиноски.
Во книгата покрај другото содржани се и триесетина фотографии, богато е
илустрирана со цртежи на тема карневал од Никола Угриноски, сликар од
Вевчани, а содржи и CD
со што се овозможува она што е ставено на хартија и визуелно да се доживее.
Литературни портрети...
Скопје, 14 јануари.
Издавачката куќа "Матица македонска" деновиве ги објави првите два тома
од четиритомниот проект во кој се поместени делата на истакнатиот македонски
поет, прозаист, драмски писател, научен работник и преведувач, Георги Сталев.
Првиот том насловен како "Литературни портрети, истражувања и критики",
содржи досега веќе објавувани текстови на авторот од сферата на книжевната
историја, теорија, критика и есеистика.
Театар
Јане Задрогаз
Вевчани, 12 јануари.
Во пресрет на годинашниот карневал атмосферата во Вевчани беше подгреана
со предкарневалските настани. Драмските аматери на сцената во Домот на
културата премиерно ја одиграа "Јане Задрогаз" од Г. Стефаноски, во режија
на Тоше Чочороски.
Музика
Вечер на славјански автори
Скопје, 12 јануари.
Операта на МНТ го изведе својот традиционален концерт по повод празникот
Василица. Годинава концертот беше наречен "Вечер на славјански автори". На
концертот беа застапени автори од повеќе славјански држави, почнувајќи со
аријата од операта "Разделба" од Трајко Прокопиев, потоа арии и хорски
нумери од делата на Антонин Дворжак, Александар Бородин, Михаил Глинка и
увертирата "1812" од Петар Илич - Чајковски. Диригент на концертот беше
Оливер Балабурски. На оваа традиционална вечер настапија и Хорот и
Оркестарот на Операта на МНТ и оркестарот на Армијата на Република
Македонија.
Сашо во Франција
Скопје, 14 јануари.
Пејачот на забавни мелодии Сашо Спасовски и неговиот менаџер заминаа во
Франција каде што во продукција на "Деди рекордс" паралелно ќе снимаат два
албума. Едниот ќе биде со песни на македонски, а другиот на англиски јазик.
Филм
Македонски етнофилмови
Скопје, 14 јануари.
Во првите денови од оваа година го одбележавме учеството на македонските
етнофилмови "Белградски казанџија" на Елизабета Конеска и " Во името на Бога"
на Владимир Боцев на "11 Меѓународен фестивал на етнолошки филмови" во
Белград. Во средината на декември минатата година имаше уште една
презентација, но овој пат во Нуоро, град сместен во италијанската Сардинија.
Имено, споменатиот филм на етнологот Владимир Боцев од Музејот на Македонија
беше прикажан на Меѓународниот фестивал на документарниот филм, кој во
организација на " Instituto Superiore Regionale
Etnografico of Sardinia" (ISRE)
се одржува биенално и се смета дека претставува една од ретките прилики во
Италија да се присуствува на реализацијата на највисоко ниво на
етнографскиот филм. Неговото последно издание е реализирано под заедничка
тема "Храна", а првото македонско учество на Фестивалот ќе се запамети со
прикажување на филмот за "Курбанот", обичај за жртвување и конзумирање на
животни во Македонија, отсликувајќи го севкупниот општествен систем и
улогата на Црквата во афирмација на овој обред.
|