ајни рецепти за долг живот" од
Димитар Цонев е втора книга на овој наш познат и ценет Македонец кој долги
години живее во Торонто, Канада. Тој е автор и на публикацијата "Со масажа
до здравје" која воедно го афирмираше господинот Цонев како личност која има
одлични познавања кога е во прашање човековото здравје. Господинот Цонев е
автор и на повеќе текстови кои се однесуваат на човековото здравје, а се
објавени во Канада и во Република Македонија.
Во Торонто, Канада, господинот Димитар Цонев ги завршил медицинските
гранки "Шијатсу", "Мастер хербалист", "Акупунктура", "Ирис дијагностика", "Рефлексотерапија",
"Капиларна пунктура" и "Дијализа со крвна дијагностика" кои му помогнале да
ги напише неговите книги.
СТРУЧНОСТ
Новата книга на господинот Цонев ја обработува темата од областа на
витамините и минералите. Во делото се дадени објаснувања за овие хранливи
состојки кои настануваат природно во растенијата и во животните и кои се
есенцијални за животот. Господинот Цонев во ова негово второ дело го третира
прашањето на здравјето на човекот, во одредени негови сегменти, со цел
човекот да си помага сам себеси. Книгата има за цел да им помогне на сите
оние кои се грижат за нивното здравје и сакаат да го подобрат своето здравје
со што би го подобриле и квалитетот на животот.
Книгата "Тајни рецепти за долг живот" на Димитар Цонев има исклучително
значење и дава можност секој човек што се грижи за сопственото здравје со
помош на витамините и минералите да си овозможи здрав начин на живеење.
Сепак, на почетокот на книгата господинот Цонев има нагласено едно
предупредување дека оваа книга содржи корисни упатства и други препораки и
нема тенденција да биде медицински прирачник. За примена на сите тие
лекарски совети потребно е секој којшто ќе ја прочита книгата да се
посоветува и консултира со неговиот лекар пред да почне со каква било
терапевтска програма.
БИОГРАФИЈА
Авторот на оваа книга, Димитар Цонев е роден во Штип каде што завршува и
Педагошка академија - одделенска настава. Во далечната 1970 година заминува
во Канада каде и сега живее, но носталгијата за Македонија го "тера" одвреме
навреме да го посети родното место. Во Торонто завршува школа за телевизиска
глума и пропаганда (режија по економско-пропагандна програма). Во 1975
година го отвора и првиот ТВ час надвор од Македонија и Македонска радио
програма.
Има освоено шест интернационални натпреварувачки награди во Филаделфија,
Чикаго, Монтреал и во Њујорк како и наградите под името "Мастер
ирис-дијагностичар" и "Мастер хербалист".
Господинот Цонев се има опробано и во областа литературата. Има објавено
поголем број поетски остварувања во публикации на литературното друштво "Браќа
Миладиновци" од Торонто и други гласила. Бил учесник и на Струшките вечери
на поезијата.