|
КУЛТУРА
КНИГИ: "Зрно по зрно - погача, камен по камен - палата" ново издание на
книгоиздателството "Вишарица" - Јабланица
РАКОПИСИ СО БЕЛЕГ НА ТРАДИЦИЈАТА
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Народните пословици и поговорки се кратки умотворби во кои човекот ги
искажал своите чувства и мисли.
- Збирката изобилува со пословици и поговорки во кои е кристализирана
целата мудрост на македонскиот народ.
Н еодамна во издание на
книгоиздателството "Вишарица" - Јабланица излезе од печат кни-гата "Зрно по
зрно - погача, камен по камен - палата". Книгата е збир од македонски
народни пословици и поговорки чии приредувачи се Петко Домазетовски и
Апостол Поп - Јовановски.
Објавувањето на оваа збирка не значи дека се е исцрпено и обелоденето на
овој план. Ова е само помал избор од она што авторите го собрале и сработиле.
Кај еден од нив, Петко Домазетовски, се наоѓаат уште многу теренски записи
што чекаат да бидат публикувани. Меѓу нив, освен народните пословици и
поговорки од Долни и Горни Дримкол, односно од Струшко, се наоѓаат и
благослови, клетви, брзозборки, народни песни за деца, закачки, гатанки итн.
УМОТВОРБИ
Собраните народни пословици и поговорки се главно на Апостол Поп -
Јовановски и Петко Домазетовски, а еден дел на Богомир Петровски. Во
збирката се застапени вкупно 4.182 пословици и поговорки.
Инаку коавторите Домазетовски и Поп - Јовановски збирката "Зрно по зрно -
погача, камен по камен - палата" ја започнуваат со појаснување на
историјатот на пословиците и поговорките. Во неа тие велат дека македонските
народни пословици и поговорки се народна мудрост и мошне стар литературен
вид кој е меѓу најраспространетите народни умотворби кај нас. Изразувајќи ја
вековната народна мудрост и филозофија, како и социјално-историското
искуство на народот, пословиците и поговорките често биле употребувани во
секојдневниот говор. Тие се кратки умотворби во кои човекот ги искажал
своите чувства и мисли, а голем број од нив се создадени во стих или во
ритмички слободен говор.
ПОУКА
Современата фолклористика ги дефинира пословиците и поговорките како
синтетизирани мисловни изрази, коишто содржат судови за некого или за нешто
што значи функцијата на пословиците и поговорките била отсекогаш да искажат
некаков мисловен заклучок што ќе ги прикаже меѓучовечките односи. Како што е
познато, авторот на творбите не се знае, односно тие се наречени народни
затоа што народот ги измислил и искажал.
При недостиг од писмени документи за потеклото на пословиците и
поговорките, трагите од првобитното човеково мислење, застапени во нив,
зборуваат за длабоката старост на овие народни умотворби. Пословиците и
поговорките најчесто ги кажувале постарите луѓе едни на други или постарите
на помладите со цел тие да добијат некоја поука.
Коавторот Домазетовски и понатаму продолжува со теренските истражувања и
собирачката дејност на овој вид македонско народно творештво. И како што
вели авторот Домазетовски, нашава земја е необично богата со културно
наследство и на ова издавачите треба посебно да обрнат внимание.
|