Овој далеку познат Карневал е сврзан и со денот посветен на св. Василиј,
кого вевчанци по свое го викаат св. Василја. Токму поради тоа и маскираните
се нарекуваат "василичари". Карактеристика на Вевчанскиот карневал е
архаичноста, таинственоста и импровизацијата.
ТЕАТАР ПОД МАСКИ
Вевчанскиот карневал со долгогодишна традиција по своите специфични
особености се разликува од сите други карневали во светот. Се случува низ
целото Вевчани кое два дена во годината се претвора во своевиден театар под
маски. За време на Карневалот василичарите ја имаат сета слобода и занес во
која до израз доаѓа креативноста на духот. Се маскира секој по своја волја и
тогаш може да се видат најразлични маски. Традиционални во кои спаѓаат "Зетот
и невестата", "Глупавиот Август", "Ѓаволот", "Попот" и "Музичарите" кои ја
предводат карневалската поворка, но исто така може да се видат и маски кои
на мошне саркастичен, ироничен начин ги претставуваат актуелните состојби во
Македонија кои мора да признаеме дека ги има многу. Актуелните маски се
јавуваат само еднаш и преку нив се исмејуваат одредени личности, појави во
општеството во дадениот миг. Вообичаено е на овој Карневал да се маскираат
само машки лица кои во минатото манифестирале и одредена доза на суровост
која го симболизирала новото лето, суровата година. Пеат прости песни, јадат
и пијат во неограничени количини, се исмејуваат, се навредуваат, кажуваат
несолени шеги, но само додека се под маските. Сето тоа е проследено со
звуците од традиционалните македонски тапани и зурли, "налеани" со греана
ракија и црвено вино.
ВЕВЧАНСКИ ДУХ
Во Вевчани тогаш се прославува вистинската Нова година. Тогаш за нив
почнува новата надеж за подобар живот, здравје и бериќет. Вевчанци, познати
неимари, за Василица се враќаат од сите светски дестинации во родното место
за да бидат заедно, да се видат, да поразговараат и да се поздрават. Во овој
поздрав е содржана искрената желба повторно низ годините да се биде заедно и
да се опстои вечно на сопствените огништа. Меѓутоа, на овој карневал доаѓаат
и луѓе кои не потекнуваат од Вевчани, но сепак имаа желба да го видат овој
Карневал за кој надалеку се слуша. Затоа вреди овие два дена да се биде во
Вевчани, да се почувствува духот на вевчанецот како гаранција дека ќе биде
зачувана многувековната традиција како показ на светот дека народ без
традиција и обичаи не може да опстане.
Благодарение на овој Карневал, Македонија влезе во друштвото на земјите
со карневалска традиција во 1993 година кога стана член на "Здружението на
европските карневалски градови".
Во изложбениот салон при Домот на културата во Вевчани беше отворена
изложба на фотографии од Анастас Ќушкоски, вевчанец којшто со својот
фотоапарат повеќе од дваесет години ги регистрира настаните на Вевчанскиот
карневал. Негови омилени теми се пејзажот, старата архитектура, народните
обичаи, а посебно место зазема василичарскиот обичај во Вевчани. Во текот на
2002 година во родното Вевчани авторот приреди изложба на фотографии која
беше насловена како "Вевчани низ објективот на Анастас Ќушкоски". Од
изложените 120 фотографии 25 се со тема од вевчанските василичари. Со
најновата изложба тој фонд се збогатува со уште 50-тина фотографии.
Изложбата е реализирана во рамките на Проектот "Вевчани - жив музеј".