КУЛТУРА

ИН МЕМОРИАМ: Нада Гешоска, доајен на македонското актерство

ДО ПОСЛЕДЕН ЗДИВ НА ТЕАТАРСКАТА СЦЕНА

Пишува: Милева ЛАЗОВА

  • Нада Гешоска како актерка со стил, со едноставност, сила, богатство и разнообразие на ликовите не му препушташе ништо на случајот. Умееше на најпрофесионален начин да ја донесе глумата на сцена и пред публиката.
  • Таа е единствен добитник на наградата "Златна колајна" во Македонија, во нејзини раце се најдоа и други награди кои беа признание за неа како врвен актер.

Токму на денот на најголемиот христијански празник, Божиќ, многумина актери и почитувачи на македонското актерство се збогуваа со доајенот на македонското гледалиште, Нада Гешоска. Таа почина на 73 годишна возраст оставајќи зад себе бројни остварувања на театарската сцена и на филмското платно.

Мајката во "Крвави свадби" од Лорка

Милка во "Чест" од Васил Иљовски

Својата актерска кариера ја започнала во прилепскиот Народен театар во кој како една од водечките артистки настапувала во периодот од 1951 до 1958 година. Дел од богатата актерска кариера ја има поминато во Македонскиот народен театар, каде што вниманието на публиката и посебно на југословенската театарска критика им го свртела со своите ролји во дела од Лорка, Иљоски, Островски, Кручковски, Чехов и други. Во 1964 година со поголема група истакнати артисти од Македонскиот народен театар преминала во Младинско-детскиот театар (денешен Драмски театар) каде што ја постигна и својата најголема афирмација.

Нејзиниот раскошен актерски талент најцелосно го изрази во безброј претстави, но особено вредни за паметење се улогите во "Тројанки" од Сартр (Хекуба), во "Злосторство и казна" од Достоевски (Настја), во "Тил Ојлентшпигел" од Вајзенборн (Лампита), во "Ослободување на Скопје" од Д.Јовановиќ (Бабата)...

ПРОФЕСИОНАЛИЗАМ

Инаку настапот во пиесата "Пат во злосторство" од словенечкиот писател Мишко Крањец го одредил патот на Нада Гешоска во светот на актерството. Токму улогата во оваа пиеса & ги отвори портите и & даде шанса да го покаже талентот со кој успеа да изгради успешна долгогодишна актерска кариера. Во прилепскиот Народен театар настапувала до 1958 година и за тоа време одиграла импозантен број улоги во околу четириесет најразлични дела и жанрови од домашната и светска современа и класична драматургија. Прилепскиот театар за неа претставувал еден вид нејзина "Театарска школа".

"Злосторство и казна"

Во филмот "Јад"

Сцена од филмот "Македонскиот дел од пеколот"

Таа оставаше впечаток со богатата гласовна палета, со звучните димензии и разработената артикулација на својот благороден и силен глас. Како актерка со стил, со едноставност, сила, богатство и разнообразие на ликовите не му препушташе ништо на случајот, не дозволуваше импровизации што се цел сами на себе, не им робуваше на шаблоните и не се подведуваше на лажни ефекти. Таа секогаш настојуваше да навлезе во срцевината на авторовата мисла, емоција, порака и со висок професионализам успеваше да ги реализира и да ги пренесе на публиката. Кога стануваше збор за помали или поголеми поетски и прозни целини, Гешоска мораше да совлада безброј стапици и опасности. Дури откога ќе изминеше подолготраен процес на работа, дури кога ќе го пронајдеше целосниот одек во себе, она вистинско богатство од ритмови и контрасти на говорно дејство, оние длабоко скриени сонди и нијанси на секој збор, тогаш беше убедена дека го постигнала погодниот уметнички ефект, дека успеала секој збор да биде и мисла и смисла, и емоција и асоцијација.

МНОГУ ОСТВАРУВАЊА

Нада Гешоска покрај тоа што настапуваше на театарските сцени, со успех има играно во повеќе уметнички филмови, како и во поголем број телевизиски драми и радиодрамски остварувања. Посебен афинитет пројавува кон рецитирањето, настапувајќи во разни рецитали, уметнички манифестации и подготвувајќи самостојно вечери на поезијата, на монолози. Една таква приредба беше и рециталот на револуционерна поезија "Сончева колона", што бил вклучен во тековниот репертоар на Малата сцена на скопскиот Драмски театар. Како пензионер ја подготвила монодрамата "Учителката" од Бранко Варошлија со која на Фестивалот на монодрамата и пантомимата во Земун во 1985 година го освојува највисокото фестивалско признание "Златна колајна". Со добивањето на оваа награда Нада Гешоска беше прв и единствен драмски уметник од Македонија кој во рацете ја имаше "Златна колајна". Покрај оваа награда, Гешоска беше добитник и на наградите на град Прилеп и на град Скопје "13 Ноември", наградата "11 Октомври" за животно дело, потоа во Ниш беше наградена на Филмскиот фестивал итн.

Оваа наша врвна актерка ќе остане како еден од поретките примери на трагичарка од висок ранг која никогаш не беше рамнодушна или отсутна, сеедно дали говори текст или со молчење ја исполнува драмската сцена.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"