Повторно негирање од Софија

Софискиот суд се уште не се изјаснил околу барањето на Македонците во Бугарија да ја регистрираат новата партијата, иако според Законот за политичките партии е обврзан тоа да го направи десетина дена по расправата со што оваа држава и натаму продолжува со познатата негаторска политика кон македонското малцинство.

Македонски воен претставник во Тирана

Македонскиот генерал-потполковникот Методи Стамболиски при посетата на Тирана, Албанија, констатирал дека меѓу армиите на двете држави има целосна отвореност, владее духот на меѓусебно разбирање, а успешно ќе продолжи и соработката. При тоа Стамболиски го информирал началникот на Генералштабот на Армијата на Албанија, генерал-мајор Пелумб Ќазими дека Македонија ќе испрати свој воен претставник во Тирана.

Македонци во Анадолија

Во Кападокија живее третата генерација од некогашните жители на Костурско, Леринско, Солунско и Воденско, кои беспрекорно го сочувале дијалектот на своите предци. Одлично зборуваат македонски, иако не знаат каде е Македонија. Во Анадолија, во срцето на Турција, може да се слушне македонски збор, и тоа онака како што го изговараат Македонците од егејскиот дел на Македонија. Во регионот на Кападокија, во централна Турција, има неколку илјади луѓе што единствената рамка на припадност ја бараат во јазикот, без оглед на националноста. За нив сегашните граници на Балканот немаат особено значење, бидејќи сликата за родниот крај им се "замрзнала" во некое друго време.

Југословенска реакција за предлогот на САД

За московскиот весник "Независимија газета", југословенскиот председател Воислав Коштуница изјавил дека не е можно решавање на конечниот статус на покраината се додека Србите и другите бегалци не се вратат на Косово. Исто така и српскиот премиер Зоран Ѓинѓиќ бара од ЕУ и ОН да престанат со двосмислените потези и да се изјаснат за статусот на Косово, а на Србија да & се гарантираат истите меѓународни стандарди за заштита на границите.

За Папандреу има европска иднина

На неодамнешната посета на Македонија, Јоргос Папандреу, грчкиот министер за надворешни работи, истакна дека Европа сака да ја продолжи стабилизација на Балканот за да се осигури дека тој регион има европска иднина. Грција на која & е дадено европското кормило во наредните шест месеци ќе биде промотор на балканските земји во Унијата. Неофицијално грчкиот министер целосно го поддржал договорот за границата меѓу Македонија и Југославија.

Погрешно сфатена референца

Во соопштението на грчката Канцеларија за врски во Скопје се истакнува дека изјавата што грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Папандреу, ја дал за германскиот весник "Зидојче цајтунг" за балканската федерација не е точно преведена. Во изјавата на Папандреу може лесно да се разбере дека таа историска референца нема никаква врска со актуелните еволутивни промени на Балканот, уште помалку со политиката на ЕУ и на Грција како актуелен претседавач на Унијата.

Резолуција за независно Косово?!

Како што информира МИА, група американски конгресмени покренале иницијатива до Претставничкиот дом на САД за резолуција за признавање на Косово. Со резолуцијата се предвидува САД да го признае независно Косово откако во провинцијата ќе се развие и ќе се консолидира демократската власт.

Бугарскииот банкар во Шутка

Бугарскиот банкар Иван Миранов кој пред Нова година беше ослободен, повторно се наоѓа во истражниот затвор во Шутка. Тој ќе остане притворен се додека не се разгледа барањето на Софија за негова екстрадиција.

Заеднички чекор кон Унијата

При средбата на хрватскиот министер за надворешни работи, Тонино Пицула, и македонскиот министер Илинка Митрева, заеднички е потврдено дека се очекува Македонија, Хрватска и Албанија во март да потпишат декларација. Со потпишувањето на декларацијата ќе овозможи поскоро вклучување во евроатлантските структури.

Независен грчки град во Албанија

Грчкото друштво "Химара" за божиќните празници во јужноалбанскиот град Химара донело неколку вида календари. Овој потег ги вознемирил албанските власти затоа што календарите содржеле порака за независност на тој град во кој живее грчко малцинство.

Убиен американски војник на Косово!?

Еден американски војник од составот на КФОР, како што соопштува информативната служба на "Бондстил", е пронајден мртов во својата соба во воената база на американските сили на Косово. Идентитетот на починатиот војник се уште не се обелоденува, а воената полиција води истрага во врска со случајот.

Нетранспарентноста за случајот, сепак, остава простор за шпекулации дека можеби станува збор за убиен американски војник!?


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"