Куманово го тресе нова афера

При рутинска контрола, полицијата во Куманово открила група која превезувала расипано месо од пцовисани свињи. Петте пцовисани свињи, биле земени од депонијата на свињарската фарма кај селото Таринци, Штипско, со намера да го испорачаат на препродавачите. Актери на аферата "пцовисани свињи" се двајца штипјани - Бељу Мемишев (22) и Даниел Ибраимов (19) и нивните тројца муштерии од Куманово - Момчило Милошевски(48), Ласте Георгиевски (45) и Драган Ивановски. Судот во Куманово им изрече казна затвор во траење од по година ипол.

Ми-24 и Ми-8 често се расипуваат

Хеликоптерите Ми-24 и Ми-8 на Армијата на Република Македонија, според припадници на летечка единица не се во употреба, односно секојдневно се соочуваат со дефекти и се чувствува недостиг од резервни делови. Пилотите од АРМ молчеле за (не)исправноста на леталата.

Криминални банди во Тетовско

Тетовската полиција од неодамна почна со засилено деноноќно патролирање во целиот регион, поради зачестениот криминал, разбојништвата, теророт, заканите со оружје и малтретирањата на граѓаните од страна на криминалните банди. Според официјални полициски извори, барање за интензивирање на полициско присуство имаат поднесено и советите на општините Камењане и Боговиње.

Зачленување во ДУИ од интерес

Македонци, директори на училишта во Крива Паланка, се зачлениле во Демократската унија за интеграција само за да останат на функција, пишува скопски "Дневник". Според овој весник, директорите се исплашиле дека веднаш по стапувањето на функција на новиот министер за образование и наука, Азис Положани, ќе бидат отпуштени од работа, па затоа побрзале да станат членови во партијата на Али Ахмети.

Албански на корицата од пасошот

Албанскиот јазик треба да се најде на кориците на македонскиот пасош, според моделот на италијанскиот, швајцарскиот или словенечкиот пасош, е ставот на парламентарците од ДУИ.

Има повеќе модели што треба да се разгледуваат и кои би можеле да бидат основа за решението и за нив ќе се разговара во владината коалиција, вели Ермира Мехмети, портпаролка на партијата.

АНА е резултат на неуспех

Појавата на Албанската национална армија (АНА) е последица на неуспехот на владината Коалиција, изјави Мендух Тачи од ДПА во интервјуто за скопскиот весник на албански јазик "Факти".

Паралелен попис во буџетските установи

Ако сакаат да добијат плата за декември, околу 70.000 вработени во буџетските установи треба, освен името, презимето и работното место, во најновите формулари да ја пополнат и графата за национална припадност.

Започна трката за амбасадорски фотелји

Претседателот Борис Трајковски и Владата го почнаа пазарот за амбасадорските фотелји и според неофицијалните информации, можно е до крајот на месецов да бидат утврдени првите кандидати.

За Мара Бунева нема место!

Контроверзната атентаторка Мара Бунева повторно си доби спомен-плоча на Кејот на Вардар, веднаш спроти хотелот "Холидеј ин" во Скопје, кое за кратко време беше испрскано со син спреј, на истото место на кое лани беше ставено, па искршено исто вакво нејзино обележје.

Ограбени две гробници кај Марвинци

На археолошкиот локалитет Исарот, кај Марвинци, диво се отворени и ограбени две гробници кои потекнуваат од 5 век пред Христа. Поради поранешните диви ископувања, оправдани се сомневањата дека станува збор за вистински раритети.


IN MEMORIAM

Звонко Мишевски

По кусо и тешко боледување почина новинарот на "Утрински весник", Звонко Мишевски. Роден е на 17 мај 1963 година во Велес. Дипломирал на Градежниот факултет во Скопје и оттогаш, освен како градежен инженер, активно се занимаваше и со новинарство.

Редакцијата на нашиот неделник упатува искрено сочувство до семејството на починатиот колега.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"