Поскапување на нафтените деривати
Ново зголемување на цените на нафтените деривати. Владата донесе одлука
според која од 14 јануари на полноќ бензините ќе се продаваат по повисоки
цени во просек за 1,5 денар. Тоа значи дека еден литар "супер" ќе чини 55
денари, литар "обичен" 53,50 денари, а "безоловниот" ќе се продава по цена
од 52 денари за литар. Новата цена на "дизел 1" горивото ќе биде 41 денар, а
на "дизел 2" - 40 денари. Екстра лесното гориво од полноќ ќе се продава за
31 денар.
Преоден договор за ОТЕ
"Македонски телекомуникации" на 13 јануари му доставиле на ОТЕ еднострано
потпишан преоден договор за поврзување на мрежата со вториот мобилен
оператор, според кој би добивала 32 отсто од цената за минута разговор.
Ако го потпише овој договор, вториот мобилен оператор би можел веднаш да
почне да работи. Спогодбата би важела до 30 јуни. Дотогаш треба да завршат
преговорите или цената за разговор меѓу фиксната и мобилната телефонска
мрежа да биде утврдена со арбитража на државата. Ако во следните шест месеци
се потпише конечен договор, поинаков од овој, двете страни ќе може да ги
компензираат разликите во цените, изјави Атила Сендреи, главен извршен
директор на Телекомот.
Поддршка на претприемаштвото
Пари има, а има и голема побарувачка за капитал, особено од малите и
средни бизниси. Сепак, кредитните линии наменети за кредитирање на овој
сектор не се доволно искористени, иако тие & се ставени на располагање на
нашата држава повеќе години наназад. Токму од тие причини е неопходно
конечно да профункционира спојката меѓу оние на кои им требаат средства, од
една страна и оние што ги имаат парите, од друга страна. Токму во таа насока
е и Програмата на Министерството за економија за поддршка на
претприемаштвото и создавање на конкурентност на малите и средни бизниси во
земјава, која беше прифатена на владина седница.
Почна откупот на тутунот
Од потребните 36 милиони евра за исплата на тутунот, годинава тутунските
комбинати располагаат со 22 милиони додека 14 милиони евра ќе обезбеди
државата преку банките. И комбинатите и државата гарантираат дека годинава
ќе биде откупен целиот тутун.
Пари за откуп на тутунот има и на тутунарите ќе им биде платена
целокупната количина што ќе ја понудат на комбинатите, изјави секретарот
на Здружението за тутун, Томе Петрушевски.
Стартува извозот на виното
Со тестирањето и дегустациите на разните типови вино што отпочна во
винарските визби во земјава, како и со пласманот на првитте контингенти на
странските пазари, деновиве почна реализиција на извозната кампања за
пласман на виното од ланската производствена реколта. Поголемо динамизирање
на извозните зделки се очекува кон крајот на идниот месец со распределбата
на квотите во земјите со кои државава има склучено договори за слободна
трговска размена.
Наплатата на авио-билети во денари создава загуби
Новиот Закон за девизно работење предизвика незадоволство кај странските
авиопревозници, кои бараат негова измена и усогласување со меѓународните
конвенции и билатералните спогодби за авиосообраќај. Поточно, тие бараат
враќање на законските одредби што постоеја порано, или преземање на
искуствата од други држави, со цел на претставниците на странските
авиокомпании, кои имаат нерезидентни сметки во Македонија, да им биде
овозможено да вршат наплата на авиобилетите и во девизни средства, а не како
што е наложено во сегашниот закон - наплатата да се врши исклучиво во денари.
За никелот 7.500 долари по тон
Околу 900 работници во кавадаречкиот Комбинат за никел, челик и антимон -
"ФЕНИ индустри" задоволно ги тријат рацете од видливиот пораст на цената на
никелот на берзата во Лондон. Според стручњаците во Комбинатот, економската
вредност на цената на никелот од 7.500 долари по тон, што е највисока
продажна цена за последниве две години, ја објаснуваат како последица на
најавата од евентуалната војна во Ирак од страна на САД и нејзините
сојузници, а никелот е мошне баран метал во авионската индустрија. Оттука и
се поголемото ангажирање на раководниот тим во ФЕНИ, на стручњаците, на
искусните топилничари и рударите на рудникот "'Ржаново", постројките на овој
најголем металургиски капацитет да ги држат постојано во кондициона и
исправна состојба, со цел и оваа година, како што беше и во ланската, да
произведат над 5.200 тони квалитетен никел.
Тргување на Македонската берза
На Македонската берза на долгорочни хартии од вредност, на 13 јануари,
државните обврзници за намирување заробените девизни влогови, во просек се
продаваа за 62,50 отсто од номиналната вредност. Последната цена на тргување
со овие обврзници изнесуваше 62,94 отсто од номиналната вредност. На 13
јануари беа продадени обврзници во номинална вредност од 54.586 евра,
соопштија од Берзата.
На официјалниот пазар беа продадени 303 обични акции на скопски "Алкалоид",
по просечна цена од 1.499 денари по акција, а се тргуваше и со 200 обични
акции на "Европа" - Скопје, по просечна цена од 1.304 денари по акција,
потоа со 52 обични акции на "Комерцијална банка" - Скопје, по просечна цена
од 1.750 денари по акција, 53 обични акции на "Макпетрол" - Скопје по
просечна цена од 10.400 денари по акција, 20 обични акции на "Скопски пазар"
- Скопје, по просечна цена од 2.300 денари по акција, 49 обични акции на "Тајмиште"
- Кичево по просечна цена од 1.550 денари за една акција.
Вработените ќе го тужат НИП-от за неисплатени плати
Вработените во НИП "Нова Македонија" ќе ја тужат куќата за неисплатени
плати, придонеси за пензиско и за здравствено осигурување и надоместоци за
храна и превоз за изминатите пет години.
Ова се прави за да се заштитат нашите права. Можеби "Нова Македонија"
повторно ќе се приватизира и ние мора да имаме судска пресуда дека куќата ни
должи плати и придонеси, велат вработените во оваа Новинско-издавачка
куќа.
Тие во изминатиов период неколку пати добија по околу 2.00 денари, но се
уште нема ни трага од парите што Владата ги префрлила за исплата на пет
заостанати плати.
"Монтинг" во стечај
Со одлука на Основниот суд во Битола за стечаен управник на битолската
производствено-монтажерска фирма "Монтинг", со повеќе од 600 вработени,
поставен е Методија Петров, долгогодишен искусен и потврден битолски
стопанственик. Инаку, овој повеќегодишен загубар стана актуелен за
македонската јавност пет дена пред изборите, кога по шестмесечното вртење во
барабанот на Македонската берза со попуст од 99,7 отсто за само 29.000 евра
со конвертибилен сертификат од ТАТ го купи штипскиот бизнисмен Миле Атанасов.
Синдикатот на фирмата го смени дотогашното раководство и постави ново,
забранувајќи му на Атанасов да ја преземе фирмата. Тој се согласил
вработените акционери да си најдат пари да му платат 60.000 евра и да си ја
земат фирмата назад. Но, новото раководство на чело со директорот Владимир
Бандевски, не успеа во тоа.
"Литекс" влегува во "4 јули"
Бугарски "Литекс" неодамна стана сопственик на 49 отсто од акциите на
единствената фабрика за шеќер во земјава "4 јули" од Битола, отако ги откупи
акциите од Кочо Моцан, кој беше заинтересиран за купување на фабриката.
Акциите на фабриката пораснаа откако за неа наеднаш се заинтересираа повеќе
компании од странство пред се грчкиот гигант "Хеленик Шугр", бугарски "
Литекс" и Кочо Моцан, од неодамна новиот сопственик на "Технометал вардар".
Бугарскиот "Литекс" за акциите на вработените им плаќаше по 70 евра по
акција, по што успеа да стигне до контролниот пакет.
Спас за "Медицинска пластика"
Поголема група вработени и акционери во "Медицинска пластика" а.д. од
Тетово, преку синдикатот достави барање до раководството на фирмата за
нејзино рестартирање, за прекин на колективниот принуден одмор и за итно
изнаоѓање решенија за излез од тешката економско-финансиска состојба.
Го искажуваме својот револт поради арогантноста, нетранспарентноста и
незаинтересираноста на директорот Борче Сибиновски, целиот Управен одбор и
бордот на директори, да се спаси "Медицинска пластика" од затворање, што е
можеби и нивна намера, се вели во барањето на ова група акционери кои
тврдат дека располагаат со 25 отсто од капиталот на претпријатието.
Повисоки износи на просечни плати
Според статистиката, просечната нето-плата за декември 2002 година
изнесува 11.516 денари и таа е малку повисока од просекот исплатен во
декември 2001 година, кога изнесуваше 10.592 денари. Меѓутоа, овој пораст е
најмногу последица на потпишаната Спогодба меѓу Владата и Синдикатот за
утврдување на минималната плата на буџетарите, во мај 2002 година, според
која, на вработените во јавната управа, во одбраната и во задолжителната
социјална заштита, платите им се зголемија за 12,8 отсто, во образованието
за 16,8 и во здравството за 11,1 отсто. Најниски просечни плати се исплатени
во текстилната и во кожарската дејност, каде што просечната плата за
декември 2002 година изнесува 5.744 денари, односно 3.808 денари.
Истовремено, највисоки просечни нето-плати се исплатени во секторот
финансиско посредување - 22.319 денари, во финансискиот оддел - помошни
активности 32.116 денари и на вработените во поштенските активности и
текеломуникациите во износ од 19.251 денар.
НБМ апелира за објективно информирање
Супервизијата на Народната банка на Република Македонија е подготвена за
соработка со сите печатени и електронски медиуми и упатува апел до сите нив,
пред да објават каква било информација за работењето на банките, да ја
проверат нејзината точност, се вели во соопштението на НБРМ до медиумите.
Целта е, секој во рамките на својот делокруг на работење и одговорност,
да придонесе за максимална заштита на интересите на штедачите и на другите
доверители на банките, а со тоа и за одржување на стабилен и сигурен
банкарски систем.
Компјутерска технологија во банките
Деловните банки во земјава веднаш по новогодишните празници стартуваа со
пресметување и запишување на камата за денарски и девизни штедни влогови на
сите свои шалтери. Меѓутоа, за разлика од претходните години, кога поради
непречено извршување на оваа активност се воведуваше и втора смена во
саботите, а дел од експозитурите работеа и во неделите, годинава речиси и
немаше банка пред чие шалтери можеа да се забележат граѓани што чекаат во
"ред" за да запишат камата. Ова според банкарите се должи на компјутерската
технологија, при што во сите банки каматата автоматски се впишува во салдото
на штедачите.
Парични казни за функционерите
Функционерите кои до крајот на месецов нема да & поднесат целосен отчет
за својата имотна состојба на Државната комисија за спречување на
корупцијата, ќе бидат соодветно парично казнети. Оваа одредба, која е
законски регулирана, била утврдена на седница на Комисијата, бидејќи било
констатирано дека околу 3.000 функционери се уште не ги доставиле своите
анкетни листови.
|