овата година за жал ни започнува
со старите проблеми од минатата 2002, односно на врат ни останаа 24-те фирми
загубари кои ќе се решаваат што е можно побезболно, социјална катастрофа
како последица од големата бројка невработени, стечајци, технолошки вишоци и
социјални случаи. Ако по ништо добро минатата година ќе ја паметиме по
многубројните штрајкови и манифестирањето на социјалното незадоволство.
Се додека не се расчистат сите побарувања од велешката "Топилница" и не
се реши спорот околу нејзината сопственост, односно не се заврши покренатата
стечајна постапка за сите фирми произлезени од ова претпријатие, неизвесна е
и судбината на рудниците "Саса" и "Злетово". Затоа Владата најавува дека што
поскоро ќе го реши овој случај.
Ставот на Министерството на економија, односно на Владата, донесен пред
крајот на минатата година, останува ист, а тоа е дека рудниците "Злетово" и
"Саса" заедно со "Тораница" ќе одат во стечај, а тоа е единственото можно
решение со кое трајно ќе се реши судбината на овие претпријатија во пакет,
бидејќи се тие технолошки поврзани. Притоа е битно дека ќе се направи се
рудниците да останат во работна кондиција, нема да се затворат трајно, туку
преку стечајот тие ќе се исчистат од огромните долгови, ќе се елиминира
вишокот вработени и како такви ќе се продадат на стратешки партнер,
изјави портпаролот на Министерството за економија, Гоце Пачемски, по
работната средба меѓу министерот за економија, Илија Филиповски и
претставниците на синдикатите на овие рудници и на СМЕР, на која заеднички
се констатира дека вработените не се против ова решение.
Како сето ова ќе се изведе, останува отворено прашање. Стечајните
постапки мора да се одвиваат така што рудниците ќе се одржуваат во
квалитетна состојба, до наоѓањето на странски партнер. Во спротивно, ќе
настане опасна социјалната ситуација за вработените, изјави Пеце
Ристевски, претседател на СМЕР, кој најави дека со Владата претстојат уште
преговори околу судбината на овие претпријатија- загубари.
ДОЛГОВИ
Додека трае стечајната постапка, според портпаролот Пачемски, вработените
преку работа сами ќе мораат да си обезбедат плата, а Владата евентуално би
им излегла во пресрет на рударите од "Злетово" со исплата на една плата,
бидејќи рудникот не е во работна кондиција. Но, ова ќе се однесува само за
дел од работниците кои ќе бидат ангажирани за одржување на рудникот во
работна состојба, а не и за сите рудари.
Дали загубарите мирно ќе го прифатат стечајот?
Одлуката на Владата двата рудника "Саса" и "Злетово" да ги стави во
стечај и во стечајна постапка да го изврши нивното сопственичко
реструктурирање е дефинитивното решение за овој тежок проблем, велат од
Министерството за економија. Тоа практично значи дека овие два рудника,
заедно со "Тораница", но првенствено со велешката Топилница за олово и цинк,
ќе мора да се решаваат во пакет, односно како производствена целина и како
таква да се нуди на потенцијален инвеститор. Според проценките до кои дојде
Министерството за економија, двата рудника се многу задолжени и во неповолна
состојба, односно "Саса" е должна околу 28 милиони евра, а рудниците "Злетово
" имаат обврски од 22 милиона евра. Наспроти нив, велешката Топилница,
односно МХК "Злетово", има обврски кон деловни партнери и приватни
доверители во износ од 1,126 милиони денари, а кон државата 700 милиони
денари. Бидејќи Владата не може да ги примени идентичните мерки кон
Топилницата од Велес, таа само ќе ги активира државните побарувања, така што
секако случајот на овој производствено-преработувачки капацитет ќе се решава
заедно.
ТРОШОЦИ
"Саса" и "Злетово" не можат сами да ги поднесат трошоците на работењето,
изјави министерот за економија, Илија Филиповски, бидејќи само транспортот
на руда до Ротердам изнесува 40 долари по тон, а до најблиската дестинација
Романија 28 долари по тон. Оттаму, "Саса" не може сама да функционира, па
дури во стечајната санација се очекува првиот месец да работи со 500 илјади
долари загуба, вториот месец тој трошок малку ќе падне, а за третиот и
четвртиот месец ќе биде фиксен и ќе изнесува околу 200 илјади долари месечно.
Состојбата во "Злетово" е евидентирана како уште полоша, според
констатацијата на Филиповски.
ПОМОШ
Владата побарала помош од Рударскиот факултет во Штип да направат
проценка на рудното богатство во трите спомнати рудници: "Саса", "Тораница"
и "Злетово" со цел да се презентираат пред потенцијалниот инвеститор. Според
нив, рудните резерви во овие рудници сосема несоодветно биле проценети од
бившото раководство на консултантската куќа "Ди Лоит и Туш", и според нив
резервите биле само за уште пет години, што е сосема неповолно за нудење на
инвеститор и не соодветствува со фактичката состојба. Останува само да се
претпостави кој и зошто од бившото раководство на консултантската куќа "Ди
Лоит и Туш" направил погрешни процени за рудните резерви?
Студијата што моментно се подготвува од страна на штипскиот Рударски
факултет ќе биде потврдена и од консултантската куќа "Адам Смит", најмена за
да направи стратегија за продажба на рудниците.
НАМАЛУВАЊЕ
Индустриското производство во Република Македонија во 2002 година
забележа големо намалување од 5,2 отсто, во споредба со оствареното во 2001
година. Според статистичките предвидувања, падот, пред се, е резултат на
негативните движења во секторите кои имаат поголемо учество во структурата
на индустриското производство, како што се: вадењето и производството на
метални руди, производството на прехранбени производи и пијалаци, на
тутунски производи, на предмети за облека, на деривати за нафта, на
електрични машини и апарати, на снабдувањето со електрична енергија и други,
што во структурата на ова производство учествуваат со 70,7 проценти. Во
минатата година во 10 индустриски оддели, во однос на 2001 година, е
забележано зголемување на производството, а нивното учество во вкупното
индустриско производство изнесува 26 отсто, додека во другите оддели тоа е
под нивото остварено во 2001 година.
Сасовци ќе работат без загуба, но и без профит!
Големото опаѓање на индустриското производство во земјава во текот на
минатата година влијаеше негативно врз стапката на порастот на бруто -домашниот
производ, која лани забележа пораст од 0,3 отсто, во споредба со 2001 година.
ПРИВАТИЗАЦИЈА
Во текот на минатата година од приватизацијата на претпријатијата
државата инкасира 24 милиони и 397 илјади евра. Во 16 фирми државата го
продала својот капитал по номинална вредност, а во 64 претпријатија уделите
биле продавани со дисконти од дури 99 проценти. Според податоците на
Агенцијата, на Македонската берза се продадени акции на 142 претпријатија со
просечен дисконт од 74,7 проценти. До крајот на 2002 година се приватизирани
вкупно 1.688 фирми во вредност од 2,3 милијарди евра, а во тек е
приватизацијата на 84 фирми со вкупно проценета вредност од 41,9 милиони
евра.
За неколку месеци се очекува да биде распишан тендерот за продажбата на
рудниците-загубари и велешката топилница.