ПОЛИТИКА

Први резултати од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија во 2002 година

КОНСТАТИРАНИ СЕ ЛАЖНИ ИНФОРМАЦИИ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Може да се очекува да има промена во она што значи вкупно попишано население токму поради оние единици коишто биле третирани како единици на Попис, а кои всушност поради однесувањето и по обработката на пописниот материјал ќе бидат подведени на подетална евиденциона проверка
  • Знам дека најголема заинтересираност има за етничката структура на населението. Но, ниту еден податок нема да излезе како конечен порано од шест месеци почнувајќи од денот кога се објавуваат овие првични резултати, истакна дирекорката на Државниот завод за статистика, Благица Новковска.

Според првите резултати од ланскиот Попис во Република Македонија има вкупно попишано население од 2.061.800 лица. Во графата вкупно население имаме 2.038.059 лица. Од оваа категорија, во моментот кога се извршуваше операцијата, во земјава имало присутни 1.991.893 лица, а отсутни кои се до една година во странство имаме 46.166 лица. Во категоријата странски државјани присустни во РМ, помалку од една година бегалци, хуманитарно згрижени лица и друго, попишани 22.740 лица, изјави директорката на Државниот завод за статистика, Благица Новковска, објавувајќи ги првите резултати од минатогодишниот Попис на населението, домаќинствата и становите во нашата земја.

ПРОМЕНИ

Директорката на Заводот, Новковска, потенцира дека при првичната обработка на собраниот пописен материјал забележани се случаи кога не е користена утврдената методологија за прибирање на податоците. Истовремено е констаторано дека при попишувањето погрешно биле применувни правилата за употреба на јазиците на националостите.

По обработката на пописниот материјал ќе има разлики меѓу првичните и конечните резултати, констатира Новковска. Ќе има разлика во она што е категорија вкупно население и според моите согледувања врз основа на проверките на пописниот материјал може да се очекува дека ќе има промена, односно намалување до 2 процента, изјави Новковска.

"Ќе има разлики меѓу првичните и конечните резултати", од пресот на првите луѓе во Заводот

Како ќе течат работите околу обработката на материјалот така може да се очекуваат првите конечни резултати по одредени белези по шест месеци, рече директорката на Заводот која најави дека конечните податоци од резултатите на Пописот ќе бидат објавени во јуни месец 2004 година.

На прашањето за етничкиот состав на населението Новковска беше резервирана: Знам дека најголема заинтересираност има за етничката структура на населението. Но, ниту еден податок нема да излезе како конечен порано од шест месеци почнувајќи од денот кога се објавуваат овие првични резултати.

АНОМАЛИИ

Таа не сакаше попрецизно да одговори на забелешките на попишаното население кое е повеќе од една година надвор во странство, а мораше да го докаже неговото присуство, односно отсуство од земјава.

Не би ги спомнувала регионите затоа што тоа ќе го оставам да се објави кога ќе бидат селектирани, бидејќи ќе сакам да бидат објавени тие што по сите упаства не го почитуваа Законот за Попис и она што значи методологија објавена од Државниот завод.

Новковска оцени дека првите реакции на граѓаните коишто подолго време се во странство се емотивни затоа што досега во сите пописи биле попишувани.

Јас како статистичар во секоја прилика користам да кажам, но не толку емотивно колку професионално поради тоа што на овој начин го загубивме единствениот извор на информации за следење на миграциите и на други демографски случувања во земјата.

Во методологијата беше прецизирано доколку има отсутен од членовите на домаќинството треба да кажат која е причината за неговото отсуство. Со методологијата е прецизирана шифрата која е причината за неговото отсуство, каде и колку време се наоѓа надвор. Во тој дел имаше непочитување на методологијата затоа што дел од лицата за кои се кажуваше дека се до 12 месеци, се покажуваше документација. Но, очигделно по проверката не се тука, истакна Новковска.

Таа објасни дека по првата проверка на материјалите беше јасно дека различно се укажуваат или не се даваат соодветни информации за отсуството на лицата. Сите оние лица кои кажале дека се присутни, но во споредба со содветните евиденции ќе се покаже дека тие всушност се подолго од една година ќе бидат исклучени од вкупното население и од категоријата вкупно попишано население.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"