овинарот Зоран Божиновски,
неодамна беше нападнат на своето работно место, односно, среде емисија, беше
претепан од, како што тогаш самиот изјави, припадници на специјалната
полициска единица "Лавови". За среќа тој закрепна од тешките повреди и
продолжи да ја информира македонската јавност за настаните во Куманово и
пошироко. Од неодамна под негова уредувачка рака почна да излегува
неделникот "Кумановски "булевар".
МС: Господине Божиновски, од каде идејата за овој весник и за неговото
име?
БОЖИНОВСКИ: "Булевар" произлезе како сугестија од еден мој пријател
кој одлично го познава градот како што е случајот и со мене. Се согласивме
дека Куманово е град на многу светски раскрсници, сече два светски коридори
- 8 и 10, значи фреквентно место. Од друга страна, Куманово се препороди по
изградбата на двонасочниот булевар "Трета МУБ" кој е главна сообраќајна
артерија. Трето, на истиот булевар беше седиштето на факторите од СДСМ до
1998 година, а по победата на изборите во номеври истата година семејството
на Даравелски ги избрка и од истите простории направи седиште на ОК на
ВМРО-ДПМНЕ. Заклучив дека тоа место е политичко Ватерло за овие партии. Сега
очекувам СДСМ пак со реваншизам да се врати назад, за да прогласам нивен
сигурен пораз на изборите во 2006 година. Исто така, Куманово како и
преостанатите средини во државата е малограѓански или булеварски расположен
град. Луѓето сакаат да ја конзумираат вистината на новинарски начин каков
што и досега го преферирав, отворен и жесток. Со име и презиме. Сето ова
беше предизвик весникот да се вика "Кумановски булевар".
МС: Дали станува збор за локален весник или пак весник кој ќе ги
обработува настаните во целата држава? Дневен весник или неделник? Какви
теми ќе бидат застапени, кои рубрики?
БОЖИНОВСКИ: Весникот е (не)зависен локален неделник. Она "не" во
заграда е заради релативниот пристап на вистината која ја пласираме како
новинари во медиумите за кои работиме, бидејќи сите си ја сфаќаат нашата
независност или зависност онака како што сакаат. Планирам подоцна да го
дистрибуирам и во регионот: Кратово, Крива Паланка, Липково. Да биде
регионален. Ги обработува и настаните во Македонија, бидејќи е мала држава.
Кумановци ги интересира што се случува во целиот свет, а не пак во
Македонија. Преку кабловскиот систем во градот се гледаат 30 канали, се
продаваат на киосците весници од цела екс-Југославија и Европа. Што се
однесува до темите и рубриките, акцент е ставен на сето она што се случува
во Куманово во последните седум дена од сите области. Весникот содржи 32
страници, го печатиме црно-бел, на рото хартија и има изглед на сосема
обичен дневен весник. Имаме постојана тема на неделата која обработува
богата документација за случувањата во стопанството и по јавните
претпријатија, им презентираме на граѓаните кој и на каков начин ги трошел и
троши нивните пари. Имаме четири страници простор за културата, три за спорт,
тројца постојани колумнисти, а веќе се нудат нови и нови пишувачи кои досега
немаа прилика да се искажат.
ПРОИЗВОД
МС: Кажете ни за концепцијата на весникот, уредувачката политика,
редакцискиот колегиум. Можете да ни ги споменете и имињата и функциите,
односно кој која рубрика ќе ја уредува?
БОЖИНОВСКИ: Весникот е докрај отворен за сите оние што имаат нешто да
кажат и од почеток насочен кон истражувачкото новинарство. Може дури да се
објавуваат и текстови против Зоран Божиновски. Нема цензура, бидејќи моето
дело е подложно на јавна критика како и секое дело. Нема недопирливи.
Во инпресумот пишува дека јас сум в.д. главен и одговорен уредник, а тоа
значи дека сите новинари кои се нафатиле да работат во "Булевар" се уредници
на своите рубрики и текстови. Мојата улога е да застанам зад нив, ако некој
тужи (а такви ќе има!) да се појавам на суд наместо нив. Ова го велам затоа
што за моето пишување за разни медиуми постојано ме тужеа и судеа политички
моќници, а сопствениците на тие медиуми и уредниците ме оставаа сам да се
борам, ни судските трошоци не ми ги плаќаа. Јас моите новинари не ги оставам
на милост и немилост. Инаку, "Булевар" е дело на искусни и неискусни, но
надежни новинари. Покрај мене тука се тројца ветерани, Столе Божиновски,
сега дописник на "Утрински", Чедо Стефановски, пензиониран присилно како
новинар на "Вечер", Драган Арсовски, искусен радио-новинар во локални рамки,
а вистинска гордост на редакцијата се Елена Доцевска и Тина Томовска (сама
технички го уредува весникот, а пишува и за екологија), Елена Доцевска,
студент на Правниот факултет, Душко Арсовски, доскорешен новинар на "Скај
нет" кој продолжува со ангажман во МТВ и Игор Божиновски, исто студент на
Правниот факултет и одговорен за спортската рубрика. Како соработници свој
огромен придонес даваат и Теофил Блажевски, новинарско име што тежи и Војче
Крстевски од локалната РТК Куманово. Редакцијата за култура е посебен
сегмент на "Булевар". Уредник е Роберт Алаѓозовски, лидер на Лигата за
демократија и магистар по филологија. Заедно со Емилија Матаничкова, чија
специјалност е театарот и Зоран Зафировски кој се грижи за културата во
локални рамки, овој дел од редакцијата дава и ќе дава силен удел во весникот.
МС: А пари?
БОЖИНОВСКИ: Весникот е копродукција на сопственикот на "Старт" Љупчо
Палевски и Зоран Божиновски. Заедничка инвестиција. Чист македонски производ.
Разговарав претходно со други издавачи, ама имаа други калкулации и не се
вклопуваа во мојата приказна за весник кој ќе го чита народот. По нападот
врз мене во "Радио Тумба" од страна на припадниците на ЕБИ "Лавови", решив
да направам неделен весник, бидејќи за приватно радио или телевизија треба
концесија која не ти ја даваат ако не си политички определен. Палевски не го
ни познавав додека не се напивме кафе по моето излегување од болница. Иако
за него слушав и слушам се најлошо, отворено поразговаравме му ги кажав
моите идеи и планови и побарав доколку влезе како кофинансиер на мојот
Проект да потпише дека нема право да се меша во уредувачката политика и во
изборот на новинари. Соработката оди одлично, а мојот избор на Палевски за
партнер во "Булевар" е многу посреќен отколку втората можност - некоја
странска фондација која би финансирала весник за перење мозок на кумановци.
МС: Колку електронски и печатени медиуми има во Куманово?
БОЖИНОВСКИ: Во Куманово освен "Булевар" нема медиуми. Има разгласни
радио и ТВ станици под контрола на моќници, послушници, хостеси и татини
синови овластени од ВМРО-ДПМНЕ, со тенденција во следниот период да преминат
во рацете на нивните деловни партнери од СДСМ, бидејќи организираниот
криминал непогрешливо заеднички им оди од рака последните осум години.
РАЗВРСКА
МС: Дали сте задоволни од разврската на судскиот процес и казната
за Тајто, кој, како што Вие изјавивте, Ве нападна на Вашето работно место?
БОЖИНОВСКИ: Задоволен сум од разврската, прогласен е за виновен,
делото е докажано. Во Македонија добивме судска практика некој да биде
осуден за напад на новинар. Не сум задоволен од висината на казната.
Судијката одеше на компромис, ем да го прогласи за виновен, ем да му даде
мала казна. Од осум години максимална казна, таа го осуди една години и се
изрезили пред јавноста. Згора, по предлог на заменик-обвинителот го ослободи
обвинетиот правосилноста на пресудата да ја чека на слобода. Сега чекам
Апелациониот суд во Скопје да се произнесе по однос на жалбата на
Обвинителството за малата казна.
МС: Полицијата се уште нема информации за тоа кој ја постави
експлозивната направа пред гимназијата "Гоце Делчев" во Куманово. Во
инцидентот загина едно лице, а четири беа повредени. Според Вашите сознанија
и според информациите кои кружат во кумановската јавност, кој би можел да го
предизвика овој крвав инцидент?
БОЖИНОВСКИ: Па како може полицијата да има информации кога добар дел
од инспекторите задолжени за сузбивање на стопански криминал, трговија со
дрога и бело робје, шуруваат со подземјето или водат свои приватни бизниси.
На новиот началник Секирарски му се врзани рацете. Опкружен е со десетина
шпиони на подземјето. Секоја добро испланирана акција пропаѓа по завршување
на состанокот во СВР. Шпионот веднаш им јавува на криминалците што се
подготвува. Истото е и со бомбата. Ова е шеста или седма слична експлозија
без разврска. Со обезглавена и технолошки уназадена полиција сакаме борба со
современа мафија која си поигрува со полицијата. Мое лично мислење е дека
инцидентот е дело на оние кои до коска го ограбија Куманово. Зар очекувате
дека некој кој украл 200 милиони евра за осум години, купил фабрики без
пари, купил или изградил приватни хотели по Македонија, се вгнездил во
системот, редовно лапа тендери преку фантомски фирми - да седи со скрстени
раце.
МС: По завршувањето на крвавото сценарио во Кумановско-липковскиот
регион, каква е сега состојбата во овој региони и воопшто во градот
Куманово? Се враќа ли довербата меѓу луѓето, какви се меѓуетничките односи?
Со оглед на секојдневните инциденти во овој град, можеме ли да се согласиме
со тезата дека и градот Куманово полека станува опасно место за живеење?
БОЖИНОВСКИ: Куманово е одамна докажано како опасна средина за
живеење. Па само од прекумерна конзумација на дрога од 1993 до 1998 година
има 20-тина жртви, огромен број млади се уште се на дрога, а за бројот на
пробатори да не зборувам, така што сценариото за војна во Липковско воопшто
не би го нарекол - крваво. Таму крв немаше. Имаше договорна економија.
Линија на раздвојување и пунктови кои за профитерите од двете страни значеа
мали гранични премини од кои добро профитираа Албанци бизнисмени од
Липковско, полицајци и нивни старешини од СВР Куманово и "обесправени"
Македонци од село Лопате. Јас на ТВ "Канал 5" ги објавив нивните имиња и
деталите на овој криминал и ги замолив уредниците повеќе да не бараат од
мене извештаи за воената состојба во Липковско, бидејќи се испостави дека
ноќе пукаат во воздух од двете страни, фингираат војување, а дење меѓусебно
тргуваат.
МС: Според Вашите сознанија, колку протерани лица од кризниот
Кумановско-липковскиот регион се уште се во хотелот "Кристал"?
БОЖИНОВСКИ: Не би можел да Ви кажам, бидејќи со тие луѓе и
нивните судбини се манипулира. Хотел "Кристал" е во состав на угостителското
претпријатие "Бисерка" кое за мали пари е продадено на некоја
кипарска фирма зад која стои Даравелски. Јас сум "персона нон грата" во
нивните објекти, па за да не ги малтретираат овие веќе измалтретирани луѓе и
за да не ги бркаат од хотелот, не одам таму и не пишувам на оваа тема,
бидејќи меѓу нив има информатори на директорот Мирче Јовановски, екс-
социјалдемократ, доскорешен ВМРО-вец, сега повторно кандидат за
социјалдемократ, кои едвај чекаат да му јават дека Зоран Божиновски дошол да
ги "учи" раселените.
МС: Има ли раздвижувања на нови терористички банди во овој Липковски
регион?
БОЖИНОВСКИ: Немам такви сознанија, ниту пак ме интересира. Па
ни ДБК не ја тангира многу оваа проблематика. Ме разочара еден разузнувач
кога ми соопшти дека од 1992 година до денес од православното население кое
живееше на тој простор до протерувањето, немаат добиено ниту една
разузнувачка информација. Ми рече дека десетина информатори, староседелци
Албанци редовно соработувале на овој план, ама мрежата е разбиена кога
дојдоа ВМРО-ДПМНЕ и ДПА на власт. Тие луѓе се "продадени" на ОНА во време на
кризата.
МС: Нешто повеќе за случајот "труење" на средношколците Албанци во
Куманово? Светската здравствена организација не ги пронајде причините за ова
наводно труење?! По се изгледа, мотивот беше политички. Ваш коментар?
БОЖИНОВСКИ: Ма каква политика. Нова училишна зграда сакаат, па
труењето е најкраток пат до неа. Инаку, Албанците во Куманово се малцинство,
вжештени глави доселени од Косово манипулираат со нивниот процент со
децении, ќе манипулираат и понатаму. И да ви кажам право, мене тоа воопшто
не ми пречи. Ние како мнозинство сме одговорни и за нас и за нив. На т.н.
"спонтани" средношколски демонстрации во септември 2001 година организирани
од ОК на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу учениците беа уфрлени рекетари од кои едниот
нападна професор Албанец пред влезот на гимназијата "Гоце Делчев", му нанесе
тешка телесна повреда и им даде силна причина на Албанците повеќе да не
доаѓаат на училиште. А тогашниот началник, Драги Несторовски, им гарантираше
безбедност. Неговата гаранција заврши со скршена вилица на професорот.
Веднаш потоа двајцата потпретседатели Албанци во Владата на национално
единство му ставија на знаење на Ненад Новковски дека тие се посилни по
функција во Владата и дека тие им дале дозвола на учениците и професорите
заради небезбедност да учат во трета смена во "Наим Фрашери" и "Бајрам
Шабани", две основни училишта. Е, сега само дојде време заради немање начин
да се дојде до нова етнички чиста средношколска установа, со "труењето" да
се забрза процесот. За мене се валидни извештаите на медицинските стручњаци
- дека нема докази за труење. Има докази дека сите сме "отруени" - од
организиран криминал во сите сфери на нашето живеење. А тука сме и тоа како
збратимени.