ПОЛИТИКА

Реформите во Армијата на Република Македонија

КИКС НА БУЧКОВСКИ!?

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Министерот го прекрши имиџот на оваа Влада во борбата за враќање на законитоста во функционирањето на државните органи. Предлогот за измени на Законот за одбрана на РМ прво треба да помине во Парламентот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, а дури потоа стапува во сила. Затоа мора да внимава со своите избрзани, односно предвремени заклучоци. Тој не смее да се стави над Парламентот и да укажува кога законските измени можат да се применат.
  • Со намалувањето на времетраењето на отслужувањето на воениот рок е планирано да се заштедат средства што се потребни за исхрана, за сместување и облека за војниците и за регрутите, но со тоа нема да се намали воениот капацитет на Република Македонија за одбрана на земјава, сметаат предлагачите на измените на Законот за одбрана.

Владата на Република Македонија неодамна донесе одлука за намалување на служењето на воениот рок од девет на шест месеци, а оние кои воената обврска ќе ја извршуваат цивилно, наместо 14 ќе служат десет месеци.

Одлуката за намалување на времетраењето на воениот рок ќе стартува веднаш и ќе важи и за оние кои ќе заминат на отслужување во јануари, најави министерот за одбрана, Владо Бучковски, кој додаде дека било извесно измените на Законот за одбрана во наредните шест месеци да поминат без проблем во Собранието. Меѓутоа, министерот Бучковски, како правник и професор, би морал да знае дека ја направи првата голема и основна грешка во однос на функционирањето на правниот систем во Македонија. Станува збор за Закон, односно промени кои без разлика дали се добро осмислени или не, во рамките на реформите на АРМ и на Министерството за одбрана за приближување кон НАТО стандардите, за кој министерот не може да оцени дека може да се примени веднаш, а без да биде донесен во македонскиот Парламент. На тој начин го прекрши имиџот на оваа Влада во борбата за враќање на законитоста во функционирањето на државните органи. Предлогот за измени на Законот за одбрана на РМ, прво треба да помине во Парламентот, за кој е потребно двотретинско мнозинство, а дури потоа стапува во сила. Затоа министерот мора да внимава со своите избрзани, односно предвремени заклучоци. Тој не смее да се стави над Парламентот и да укажува кога законските измени можат да се применуваат.

Очигледно Бучковски направи брзоплета и коцкарска грешка која поради неговата наивност може скапо да го чини. Но, таквите примери во македонската политика се многубројни и секогаш негативно се одразувале врз функционирањето на државата. Затоа, се надеваме дека овој "кикс" нема да влијае на реформите во АРМ.

КВОРУМ

Армиски стручњаци наведуваат дека со намалувањето на воениот рок од девет на шест месеци, АРМ ќе заштеди значителни парични средства кои ќе се пренаменат за зголемување на нивото на професионализацијата на армискиот состав. Со овој чекор се проценува дека Армијата ќе исполни одредени критериуми за приближување кон НАТО.

До крајот на годинава се планира да се примат околу илјада професионални војници. Со зголемувањето на професионалниот состав на АРМ се исполнуваат и одредени стандарди кои Армијата ја приближуваат кон НАТО-стандардите, е аргументацијата на портпарол на Министерството за одбрана, Марјан Ѓуровски.
Но, треба да потсетиме дека за да се прифатат измените на Законот за одбрана во Парламентот мора да гласаат 81 пратеник. Оваа бројка за портпаролот Ѓуровски е достижна: Не би требало да има проблем во донесувањето на измените во Законот за одбрана, бидејќи досега никоја од партиите не искажала некоја забелешка.

Неговиот претпоставен, министерот Бучковски, укажува дека со зголемувањето на степенот на професионализација во Армијата на Република Македонија се создадени сите предуслови да се дојде до намалување на воениот рок. Но, си ја преценува сопствената улога, бидејќи смета дека законските измени ќе ги минат сите стапици на собранискиот живот.

Во овој закон ја нормираме и моменталната состојба, што значи дека и тие што ќе заминат на отслужување на воениот рок во јануари ќе служат 6 месеци, затоа што е извесно дека во идните 6 месеци овој закон ќе биде донесен во Парламентот, оценува министерот Бучковски.

Предложената реформа се базира врз бројот на мирновремениот состав на Армијата и на потребниот персонал кој е според современите стандарди, што важат за членките на Алијансата. Со намалувањето на времетраењето на отслужувањето на воениот рок е планирано да се заштедат средства што се потребни за исхрана, за сместување и облека за војниците и за регрутите, но со тоа нема да се намали воениот капацитет на Република Македонија за одбрана на земјава, сметаат предлагачите на измените на Законот за одбрана.

Со овој потег сегашната Влада очекува зголемување на мотивираноста кај регрутите за исполнување на законската обврска за служење на воениот рок. Меѓутоа, битката ќе се води во парламентарниот дом. Измените пред пратениците ќе се најдат во оној момент кога ќе биде обезбеден кворум од минимум 80 пратеници кој може да биде собран, но и не мора. Се зависи од аргументацијата за реформата и потребите на земјава која се наоѓа во исклучително тешка финансиска, економска и безбедносна ситуација.

СКРАТУВАЊЕ

Според одредени воени стручњаци, скратувањето на воениот рок има двојна намена. Прво, со оглед на заложбата за членство во НАТО, се наметнува потребата за поголема професионализација на армиските структури. Што значи поголем број професионални војници и подофицери, а се намалува бројот на офицерите, регрутите и на цивилни лица. Ова е инкорпорирано во новата бројка на мирновремениот состав на АРМ, кој во наредните пет години треба да се намали од 16.000 на 12.800 војници и старешини. Во тој контекст се планира вкупниот број регрути да се намали од сегашниве, просечно 5.000 лица на 3.700, а притоа да се задржат четирите регрутни класи. Второ, со оваа реформа се планираат големи финансиски заштеди. Според калкулациите на Министертвото за одбрана и на Министерството за финансии, со скратувањето на воениот рок во наредните четири години ќе се заштедат 294 милиони денари, или приближно пет милиони евра. Заштедите се планираат од исхраната, облекувањето и сместувањето на регрутите, но и од скратувањата околу обезбедување електрична енергија, вода и греење за нив, како и здравствено осигурување и паричните примања и осигурување на војниците. Овие заштедени пари се планира да бидат искористени за модернизација на Армијата и подигање на квалитетот на обуката на регрутите. Армијата предвидува во наредниве неколку години да ги замени или продаде застарените тенкови Т-55 кои беа добиени како подарок од Бугарија, за време на министерувањето на академик Никола Кљусев. Се предвидува оклопно-механизираните единици на АРМ да се модернизираат и да го збогатат бројот на современите тенкови Т-72 што беа набавени од Украина. Истовремено, се предвидува Армијата да се ослободи од спорните авиони "сухој 25", а на нивна сметка да се купат нови борбени хелихоптери. Дали ваквите размислувања што доачаат од НАТО-структурите се остварливи ќе видиме во наредниов период. Промените што се започнати се неизбежни и тие мораат да ја минат строго утврдената процедура. Желбите и очекувањата на РМ се големи, но тоа е болен процес кој мора да се доврши, а приемот ќе зависи од нас и од апетитите на Алијансата и од политичката волја на земјите членки.

Во тој контекст се и промените во однос на етничката структура на припадниците на АРМ. Армијата ќе мора да прими околу 2.400 етнички Албанци, што подофицери или професионални војници до 2005 година, за да ја исполни законската одредба што произлегува од Рамковниот договор за соодветната застапеност на етничките заедници. Но, мора да се потенцира дека како дел од реформата војската ќе мора се ослободи од вишокот од 700 високи офицери. Дали тоа ќе биде исплатливо и болно ќе зависи од стручната, односно од нестручната проценка, бидејќи за усовршување, пополнување и школување на вакви кадри се потребни години и години. Инаку, во овој момент околу 3 проценти од припадниците на АРМ се Албанци, а нивниот број во офицерскиот кадар е 2,67 отсто.

Со Рамковниот договор се предвидува националностите во Армијата да бидат застапени колку што се застапени во населението, а според последниот Попис, Албанците треба да бидат застапени со околу 23 отсто. Според плановите за спроведување на Рамковниот договор, во наредниве пет години АРМ ќе треба да прима по околу 80 подофицери и 200 професионални војници Албанци, а Генералштабот планира застапеноста на националностите да ја постигне за три години. Ваквата процедура ја поддржува ресорното Министерство.

Министерството за одбрана доследно ја спроведува политиката на Владата за целосно спроведување на Рамковниот договор, преку прием на воен персонал во АРМ од етничките заедници во Македонија. Бројот на припадниците на заедниците ќе се пополнува во структурите од кои АРМ има потреба, а тоа се подофицерскиот кадар и професионалните војници, изјави портпарол на Министерството за одбрана, Марјан Ѓуровски.

Одредена група од 120 Албанци минатата година заврши тримесечен курс за подофицери и беше дел од пополнувањето на "квотите" на етничките заедници во АРМ. Со нив, процентот на Албанците во подофицерскиот кадар сега изнесува 8,82 проценти, а Армијата најави дека набргу ќе прими уште 120 подофицери-Албанци. Македонската војска ќе прими и околу 80 Албанци од претпоследниот конкурс за професионални војници.

Меѓутоа, и покрај убавите желби за реформи во структурите на АРМ, не треба да се заборави дека зголемувањето на професионалниот војнички кадар носи поголеми финансиски трошкови. Така, на пример, ако МО сака да го зголеми бројот на професионалците на 70 проценти од целокупниот мирновременски состав, тогаш треба да истакне дека само за еден војник приближно (просечно) бруто би требало да издвојува околу 40.000 денари, а во некои случаи и повеќе. Ако притоа се додадат ноќните дежурства, теренските престојувања, потоа средствата за животно и семејно осигурување на професионалците, во мирновременски и воени услови, висината на средствата значително се зголемуваат. Затоа есапот што се прави пред да се влезе во реформите мора да биде реален и врз база на економскиот потенцијал на Република Македонија. Тоа не смеат да бидат избрзани и мегаломански планови, туку реални потреби што ќе одговараат на специфичната положба што ја има Армијата и нејзините структури. Затоа не треба да се брза, иако некои се обидуваат овој долготраен процес експресно да го спроведат.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"