ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

МАКЕДОНИЈА ПОЛНА СО ЧУВАРИ НА МИСТИКАТА

Гог ма Гог

Замислете да & предложат на Македонија и македонскиот народ, да речеме некоја УК (Унија за клонирање) кого од нашите поранешни и сегашни политичари би сакале да имаме за - "дамазлак": Љубчо, Бранко, Ганка, Радмила, Ѓорчев, Бучко, или пак Војо, Јане, Ламбе? Ќе се шашардиса народот од дупликатите кои ќе му се врткаат "пред нозе", "низ нозе", зад нозе". А, ако некои ги побараат Али Ахмети, Џафери и Тачи еве ти една "менажерија од политички метузалеми".

Но, смеата (клонирањето не е смеа) на страна. Да ве прашам: помина и Новата и Старата година, и Божиќ, видовте ли некој од политичарите, освен Борис Трајковски, кого и во земјава и во странство многумина го сметаат само за "англиска кралица во Македонија", да излезе пред народот и како што е ред секаде во светот, да му каже како живееше лани, а како ќе живее годинава? Не!

А, знаете ли оти? За лошиот живот знаеме, а за добриот требаат предуслови кои еве десет години се многу лоши. Добриот живот го условуваат нови работни места, нови инвестиции... Тоа кај Македонците е "именка во не знам каква состојба". Курсот што го држи новата Влада, е "курс на Титаник": непотоплива е, ама плови под подводни гребени. Големо мајсторство е потребно да се избегнат сите внатрешни и надворешни Сцили и Харибди.

Во меѓувреме, додека "бродот Македонија" плови, внимателните аналитичари можат уште сега да насетат дека оние од ЕУ не ни удираат ни "рецка" на европскиот рабуш кај што сите нешто земаат и се пишуваат, а само ние се движиме како лисицата по киселото грозје. Тоа што имавме продадовме и изгледа изедовме. Нема повеќе "златни гуски" од сортата на Телекомот, Окта... Ни остана уште петелот ЕСМ, кому му подготвуваат врел лонец да нема повеќе кој да не - разбудува.

Македонија инаку е полна со чувари на мистиката кои никогаш не стасуваат да & се претстават на јавноста, освен со длабока тишина. За проколнатото Балканско Полуострово велат дека се уште раѓа луѓе кои се што ќе изговорат, мислат дека изговориле "апсолутна вистина".

Страшно. Пострашно не може да биде!

Она што како инсерти го видовме од средбата Ѓорчев - Ахмети не е лоша најава, но е лоша практика македонските политичари да зборуваат, а албанските да - молчат... Ахмети уште ги полни акумулаторите кога станува збор за неговото комплетно претставување пред јавноста во оваа држава. Тоа е "момчето со најмногу тајни!".

Се согласувам ако Ахмети мисли на "кавгаџиска држава", па затоа избрал да молчи, оти како во англо-саксонското право "се што ќе кажеш, ќе биде (зло)употребено против тебе". Да, да... "Кавгаџиските држави" никогаш не ги сметале за веродостојни држави, а не ги респектирале ни како партнери. Меѓутоа, Ахмети мора да излезе, што поскоро тоа подобро и на јавноста да & каже дека одговорноста за оваа Македонија, татковина и на Македонците и на Албанците, и на Турците, и на Србите, и на Ромите... ја преземаат сите подеднакво. Тогаш и авторитетот и кредибилитетот на политичките лидери ќе нема да биде апстрактно создаван во некои шумски командантски штабови, туку на теренот од реалниот живот, кај што луѓето не се делат по националност и верска припадност.

Луѓето на крајот на краиштата се уште не се - клонови. Секој човек, макар и со само едно зрнце сол во главата, знае дека најдобриот и најсигурниот столб на кого може да се потпре додека живее е државата македонска... Ни Бранко, ни Али Ахмети, ни Љубчо, ни Џафери. Тие и сите други од партиските ешалони се само една обична ефемерност, осознаена од самите себе.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"