Според сегашните закони,
општините немаат некоја поголема надлежност во однос на заштитата на
животната средина. Затоа сметам дека тој проблем за мене е најсериозен, кој
покрај тешката економска и социјална ситуација во Велес, навистина мора да
ги загрижува граѓаните. Проблемот трае веќе 29 години, и "благодарение" на
кобната грешка што е направена во тоа време, со лоцирањето на Топилницата за
олово и цинк на само 300 метри од првата станбена зона од градот, е
направена страотна грешка. Велес е најдобар пример како човекот во трката по
материјалното дошол во судир со законите на природата. Како резултат на ова
градот како што веќе потенцирав е во еден вид своевиедна агонија веќе 29
години.
Јас не можам да се помирам со таа состојба и како градоначалник заедно со
Советот на општината, невладините организации и со голема поддршка на
новинарите, се обидувам на секој начин да преземам активности кои проблемот
ќе го издигнат на многу повисоко ниво, а истовремено ќе се подигне
еколошката свест на граѓаните. На тоа поле во текот на минатата година
имавме големи резултати, благодарение на што и ја добив наградата.
Најголемата награда на ДЕМ. Неа пред се ја сфаќам како поддршка на нашите
активности и всушност наградата не е само за мене, туку за сите институции
што претходно ги набројав. Се надевам дека ќе ја оправдаме довербата и ќе
продолжиме во тој стил во наредниот период.
Кога ја добив наградата, јас тогаш реков она што сум го направил е само
првичен чекор. Ние сме многу далеку од трајното и конечно разрешување на
проблемот на заштитата на животната средина во Велес. Проблемот е многу
тежок и сложен и не може лесно да се реши. Ова е типичен пример за
неразвиените сиромашни држави кога треба да се определат, дали им е поважно
здравјето на луѓето или фактот дека 1.100 работници ќе останат без работа.
Секогаш сиромашните држави се определуваат да не ги затворат таквите валкани
индустриски капацитети за да не создадат поголеми социјални проблеми. Затоа
ние се обидуваме решението на проблемот да го најдеме на краткорочен,
среднорочен и долгорочен план. Тоа сега и Владата се обидува да го стори со
рудниците за олово и цинкова руда. Решението го гледа во изнаоѓање на
странски стратешки партнер кој во пакет ќе ги преземе рудниците и
Топилницата. Странскиот партнер треба да биде обврзан, но не како што тоа до
сега го правеа владите на РМ само да ги задржи вработените, туку и да биде
обврзан заради спецификата на проблемот денес да вложи големи средства во
заштитата на животната средина. Затоа ако треба нека му се даде за еден
долар, или за едно евро, но да инвестира големи износи пари во нови
технологии, филтри кои ќе бидат во функција на заштита на животната околина.
Затоа не може ништо да биде поважно од здравјето на луѓето. Ние не се
наоѓаме во раната фаза на раниот капитализам кога несразмерно треба да се
експлоатираат машините и да не се внимава на последиците врз здравјето на
луѓето.
АЛАРМАНТНИ ПОДАТОЦИ
МС: Зошто досега државата, барем во овој десетгодишен период од
независноста на РМ, беше имуна на податоците што доаѓаат од велешката
болница дека се раѓаат дегенерични деца, деца со тумори во мозоците итн...
Последниот пример што беше забележан деновиве укажува на крајно лошите
последици, а и на фрустрации кај населението?
КОЦЕВСКИ: Всушност државата многу е несериозна во однос на прашањето
за здравјето на луѓето во Велес. Тоа го тврдам затоа што ние до сега немаме
ниту едно официјално научно истражување, финансирано од државата или од
институциите на државата, како што е Републичкиот завод за здравствена
заштита, кои ќе докажат дека таквите аномалии кои се јавуваат кај децата од
Велес и кај сите преостанати граѓани, се резултат на загадувањата од
Топилницата. Мислам дека државата тоа свесно го прави за да не создава
паника кај населението и тоа е некоректно за граѓаните на Велес. Ние не
смееме повеќе да дозволиме велешани и натаму да бидат третирани како
експериментални глувци, а Велес да е една голема лабораторија на отворено во
која ќе се истражуваат последиците по здравјето на луѓето. Сите податоци
укажуваат дека последиците се ужасно лоши. Државата е должна итно да преземе
мерки. Ние токму затоа минатата година се одлучивме да покренеме судска
постапка против државата, а тоа можеби е единствен пример во Европа. Не
можеме да се помириме со фактот дека велешани цели 29 години се
дискриминирани граѓани. Ако државата, според член 8 од Уставот, презела
обврска и го вградила правото на здрава животна средина како едно од
основните темелни уставни права, а кое воедно е едно од основните човекови
права и во него се зборува дека државата е должна да создаде услови за
здрава животна средина, таа тоа мора да го направи. Но, бидејќи тоа не го
прави, ние се определивме да ја тужиме. Свесни сме дека судството во
Македонија е многу бавно и доколку резултатите не бидат поволни за нас, ние
ќе одиме дури до Меѓународниот суд за човекови права во Стразбур. Ако треба
таму ќе ги бараме правата затоа што последните информации што ги добивме
зборуваат дека на две деца болни од Велес правени се испитувања во една
реномирана здравствена институција во Москва и тие резултати покажуваат дека
во крвта на едното дете има пет пати повеќе олово од максимално дозволените
граници. Додека во крвта на другото дете има седум пати поголемо количество
на олово од дозволените параметри. Ако на ова се додадат претходните
истражувања на проф. д-р Велимир Стојковски, кој сега е продекан на
Ветеринарниот фактултет, и се однесуваа на присуството на олово во
плацентите на родилките во Велес наспроти присуството на олово во плацентите
во родилките од Скопје, кои покажаа дека кај родилките од нашиот град има за
три пати поголемо присуство на олово, тоа доволно алармира за сериозноста на
проблемот. Исто така, едно истражување што беше правено минатата година од
страна на Катедрата за социологија при Филолошкиот факултет во Скопје,
потврди дека во овој момент две третини од велешани се подготвени да се
иселат од својот роден град за да се спасат од загадувањето на животната
средина. Има ли поалармантен податок за државата од самиот факт дека
граѓаните се подготвени да се евакуираат, да избегаат од својот град само да
се спасат од загадувањето. Затоа велам дека конечно треба да се пронајде
решение. Нам ни е преку глава од се, доста ни се лажните ветувања,
излитените демагошки пароли од државата дека ќе преземе нешто, дека
Министерството работи на решавање на проблемот. Ние не само за сегашните
генерации, туку и за другите неродени генерации треба да преземеме соодветни
мерки за да го спасиме овој град од умирање.
МС: Нешто слично е и со проблемот со водата за пиење. До каде е
хидросистемот "Лисиче"?
КОЦЕВСКИ: Тој систем се уште не е во крајна фаза да биде завршен,
односно целосно изграден. Од оној степен на изграденост, во кој се наоѓа
денес, во основа користиме вода за пиење во зимските, пролетните и есенските
месеци, додека во летните месеци се уште имаме голем проблем за обезбедување
на здрава вода за пиење. Овој Проект е започнат со средства прибрани од
самопридонесот на граѓаните на Општина Велес. Со измените на законите сега
тоа е комплетно во надлежност на државата. И можеби нема да ми верувате ако
ви кажам дека лани многу министри беа да го посетат системот "Лисиче" затоа
што имаше заинтересирани странски партнери кои сакаа да го земат под
концесија, но никој од нив не дојде во канцеларијата на градоначалникот, да
се информира, или да ме информира за тоа до каде се стигнати работите. Јас
воопшто немам претстава до каде се стигнати работите, односно до каде е
изграден хидросистемот "Лисиче". Верувам дека со неговата целосна изградба
која ќе трае уште најмалку две години, Велес трајно ќе го реши проблемот со
водоснабдувањето, бидејќи паралелно со тој Проект, во тек на реализација е и
уште еден Проект кој е финансиран од Европската банка за реконструкција и
развој. Тој се однесува на реконструкцијата на застарените турски водоводни
и канализациони мрежи во градот и изградба на резервоар за високите зони во
Велес, со што навистина долгорочно и трајно ќе го решиме проблемот за
обезбедување на здрава вода за пиење.
МС: Деновиве еден закон на природата се покажува во градот, а ако
продолжат врнежите реката Вардар ќе поплави делови од Велес. Како ќе се
борите со овој природен феномен, бидејќи со години не е регулирано коритото
на реката Вардар?
КОЦЕВСКИ: Навистина деновиве имавме мошне критична состојба, бевме
целосно мобилни и очекувавме Вардар да се излие. Но, за среќа ударните
бранови на нејзините притоки Треска и Пчиња не се споија, односно кога во
градот пристигна ударниот воден бран на реката Треска, другата река (притока)
Пчиња беше во драстично опаѓање. Тогаш нивото на реката Вардар беше на 3
метра и 60 сантиметри. Малку сантиметри фалеа да дојде до излевање на водата.
За крајно разрешување на проблемот минатата година започнавме со изградба на
регулација на реката Вардар, или како што народски се вели - градиме кеј на
Вардар. Тој треба да има две функции - првата да го спаси градот, односно
централното градско подрачје од поплави и од високите водостои, а второ тоа
треба да претставува едно многу убаво делче за рекреирање на граѓаните.
Успеваме дел од кејот да го изградиме, но бидејќи тоа е капитална
инвестиција за што се потребни големи износи на средства, се надевам дека ќе
најдеме дополнителни пари од Владата или некој друг извор.
НЕВРАБОТЕНОСТ
МС: Господине Коцевски, еден од основните проблеми на градот Велес е
сиромаштијата и големата безработица. Колку ваквата ситуација влијае на
функционирањето на локалната самоуправа?
КОЦЕВСКИ: Добро е што потенциравте дека Велес е во агонија и јас
често велам дека заедно со Штип е своевидна жртва на транзицијата. Велес до
деведесеттите години важеше за еден од најразвиените индустриски градови во
Македонија. Трагедијата на градот мора да се бара во фактот што има големи
индустриски капацитети кои во транзициониот период не се снајдоа најдобро.
Беа димензионирани за просторите на поранешна Југославија, а менаџерите во
изминатиот период не успеаја да најдат алтернативни пазари и да се пробијат
во Западна Европа. Како резултат на тоа беа затворени "Порцеланка", "Свилара",
"Брако". Значи, најголемите индустриски капацитети. Затоа тој стана град на
стечајни работници, на работници прогласени за технолошки вишок. Само еден
податок може доволно да ја илустрира состојбата: Ако некогаш во тој период
имало приближно меѓу 21.000 или 22.000 вработени, ова бројка денес е сведена
на 14 до 15 илјади вработени. Тоа доволно зборува колку илјади работници
останале без своите работни места во текот на овие изминати години. И
благодарение на еден грант од Светската банка направивме една студија за
економски развој на Велес со која ги лоциравме проблемите. Акцентот треба да
се стави на изнаоѓање на можни решенија колку што е можно побрзо да се
рестартираат затворените големи индустриски капацитети. Меѓутоа, треба да се
стимулира и развојот на малото стопанство кое сепак е најдоброто решение во
овој момент. Инаку, нашиот град за разлика од Струмица, Кавадарци, Неготино
и Гевгелија, е типичен индустриски град. Работниците се класичен
пролетеријат. Велес нема можности за своите работници да обезбеди
алтернативни извори на приходи како што можат Кавадарци, Неготино, Гевгелија
и Струмица. Поради ова социјалните проблеми кај нас многу повеќе се изразени.
Затоа, иако како локална самоуправа немаме директни надлежности во
економијата, тоа индиректно се одразува врз полнењето на буџетот на
Општината кој лани до 16 декември беше исполнет само со 62 процента.
Сиромаштијата е голема, граѓаните не ги плаќаат своите обврски кон државата
и кон Општината. Тие не ги плаќаат сметките за вода, за струја што секако
индиректно неповолно влијае на активностите на Општината.
МС: Во тек се подготовки за нова реформа во локалната самоуправа при што
одделни функции треба да се префрлат на општините. Но, соочени со
поранешните искуства кои мошне негативно се одразија врз развојот на
општините и политичкото влијание што се вршеше во територијалната поделба,
би сакале да ја прокоментирате целокупната состојба во локалната самоуправа?
КОЦЕВСКИ: Македонија не смее да ја повтори истата грешка што ја
направи во 1996 година. На нашата земја & е потребна долгорочна
територијална поделба која ќе биде направена без импровизации и со што
помало влијание на политичарите врз новото територијално прекројување на
Македонија. Посебно на меѓуетнички аспект. Треба да се овозможи работата да
ја водат политичарите, но многу повеќе да ги слушаат стручните лица и луѓето
од науката. Тие треба врз основа на релевантни факти и податоци да укажат
што во моментов е најдобро за земјава. Тоа што го потенциравте е точно. Во
првата фаза од Законот, јас тогаш бев пратеник, во владината постапка од
стручниот тим беше предложено Македонија да има 74 општини. Но, Законот што
Владата го предложи во собраниска процедура на крајот заврши со 123 општини,
а заедно со Скопје претставуваат 124 локални единици. Според Рамковниот
договор и уставните измени претстојат измени на Законот за територијална
поделба на РМ. Јас мислам дека треба да се направи соодветен баланс затоа
што голем дел од сегашните општини по извршување на децентрализацијата не се
во состојба да можат да даваат квалитетни услуги на граѓаните. Апсурд е
некои општини каде сега има само градоначалник и секретар, значи нема
никаква инфраструктура, нема ниту кадровска ниту материјално-техничка ни
финансиска подлога, да веруваме дека ќе бидат способни да даваат поголем
квалитет и стандарди во споредба со државата, пред се во областа на тешките
надлежности како што се образованието, здравството и социјалата. И поради
тоа мора да дојде до редуцирање на бројот на општините, но треба да се
направи добар баланс.
Сепак, не се согласувам со ставовите на дел од меѓународните институции
кои велат дека Македонија треба да се врати на она ниво на деведесеттите
години кога имаше 34 општини. Со тоа би направиле друга грешка. Повторно би
дошло до мајоризација на големите градски центри наспроти селските средини.
Со најголемиот дел од парите повторно ќе се инвестираат само градовите и
Македонија ќе нема рамномерен регионален развој. Затоа мислам дека треба
добро да се испланираат работите за да не направиме други грешки кои скапо
би не чинеле.
МС: Што би се случило ако повторно не се послушаат размислувањата на
стручњаците и Македонија би се вратила на она ниво од 1996 година?
КОЦЕВСКИ: Мислам дека Македонија не би требало тоа повторно да си го
дозволи. Тоа би било фатално за нејзиниот развој затоа што територијата не
би требало да ја гледаме само од аспект колку општини би имале и како тоа би
се одразило врз работата на општинската администрација. Треба да гледаме врз
база на идниот економски развој на општината. Ние за да создадеме услови
граѓаните да се вратат во селата, или на тие што се таму за да опстанат
треба да им се отворат мали стопански објекти и да се развива земјоделието.
Ние мораме да внимаваме на рамномерниот регионален развој. Словенците беа
многу поумни од нас и не дозволија тоа да им се случи што нам ни се случи.
Ние сега имаме општини, посебно во мариовскиот крај каде имаме помалку од
еден жител на квадратен метар, му доаѓа близу 0,8 жители, и подрачје каде
меѓу Тетово и Гостивар живеат меѓу 700 до 800 жители на квадратен метар.
Значи, имаме големи територијални пространства кои имаат огромен потенцијал,
но паради миграцијата се испразнети. Тие се напуштени затоа што државата не
водела доволно грижа, не им создала материјални претпоставки за да можат
граѓаните таму да останат да живеат. Затоа некои работи треба добро да се
испланираат поради идниот регионален рамномерен развој на Македонија.