|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
ЗАЕДНИЦА ЗА КРВНИЦИТЕ!
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Своеглавоста на некои не одвлече од процесите на европските и
светските текови наивноста пак на други проследена со марионетската
поставеност пред меѓународниот фактор не втурна во половичен протекторат
од кој ќе мора некако да излегуваме.
- Аналитиката во моментов говори дека идејата за шестчлената државна
комбинација потекнува токму од економски причини, бидејќи досегашната
трансформација на економските системи не ги дала очекуваните резултати.
В идовме сите како Европјаните ја
пречекаа и ја прославија новата година, а како ние. Тие еден, ние дури десет
дена. Или сме многу вљубени во верата Господова или третината од месецот не
ни се работеше. Или немаше што да работиме. Како и да е, помина што помина,
пред нас се исправени предизвиците на 2003-то лето Господово. Дилеми,
предрасуди, нелогичности. За нерешливите проблеми и да не зборуваме.
Ако 2002-та беше година во која требаше да избереме дали ќе не биде или
не, во оваа штотуку започнатата ќе треба да ја трасираме линијата по која ќе
се движиме. Време и простор за манипулации, нови пресметки, менување на
стратешките определби нема. Применувањето на таквите тактики од која било
политичка група или институција ќе значи чекор назад и враќање во
драматичните моменти кои не донесоа во ќорсокакот. Сепак, песимистчкото
гледање на нештата нема да ни донесе полза. Актуелните настани кои се
провлекуваат уште од крајот на минатата година бараат брз и временски
лимитиран рок за спроведување, бидејќи од нивното навремено реализирање ќе
зависи прогресот на државата на внатрешен и надворешен план.
НОВИ ИСКУШЕНИЈА И ПРЕДИЗВИЦИ
Првата половина од 2003-та година се очекува да биде во знакот на
спроведувањето на заклучоците од охридскиот мировен Договор. Реперкусиите
кои произлегоа од денот на неговото донесување имаа и имаат различен ефект
внатре во институциите на системот и надвор пред меѓународната заедница.
Имено, јасно е дека новиот Устав на Република Македонија претставува
капитулантски чин за македонската политика и пораз несвојствен за ниту една
држава во поновата историја на народите. Утопијата која како небулози му ја
продаваат на народот новите владејачки машинерии е само утопија и ништо
друго. Блазе си им на истите што уште можат да веруваат во елементарните
постулати на соживотот, во лојалноста на никогаш нелојалните. Велат ги
прават последните обиди ако можат некако да ја одржат и да ја задржат
заедничката куќа. Блазе им на волјата, блазе им на упорноста. Но, не им
завидувам на наивноста со која пристапија кон востановувањето на новиот
облик на македонската држава. Рамковниот договор бил гарант за унитарен
карактер на земјава, Рамковниот договор бил последното скалило за стекнати
права на националните малцинства, а сега деловите од народите на Балканов.
На долг рок може да се покаже сосема спротивното, зашто ненаситните за "човекови
права" во истиот тој договор не гледаат ништо друго освен отскочна штица за
федерализација или кантонизација по етнички принцип. Тука лежи опасноста по
внатрешната стабилност на Македонија. Договорот не ја гарантира цврстината
на институциите на системот, не ја гарантира вистинската моќ на полициските
органи и на Армијата. Во нив секогаш би имало кртови, шпиони, предавници
наместо стручњаци, стратези и патриоти. Но, тоа се последиците од она време
кога нашите ресори и органи не знаеја и не можеа да обезбедат ред и поредок
на државната територија. Своеглавоста на некои не одвлече од процесите на
европските и светските текови, наивноста пак на други проследена со
марионетската поставеност пред меѓународниот фактор не втурна во половичен
протекторат од кој ќе мора некако да излегуваме. Сето ова потврдува дека
македонската дипломатија беше исклучително слаба. Нејзиниот однос кон
влијателните светски организации не ги донесе очекуваните резултати, бидејќи
немаше единствен и консолидиран став на сите струи во државава. Спротивната
страна тоа мошне успешно го искористи принудувајќи ги официјалните метрополи
да ја претворат терористичката мрежа во облик на политичка сила. Велат
периодов кој сега го туркаме бил своевидна пауза пред некое второ полувреме
од претходно започнатиот натпревар. Но, второто полувреме веројатно ќе се
игра на дипломатски план со силината на мислите, мудроста и чувството за
европски пристап кон проблемите. За тоа се создадени сите предуслови,
поставени се сите загатки. На нашите избраници е редот да одлучат по кој пат
ќе тргнат.
НЕПРИСТОЕН ПРЕДЛОГ
Стартот на 2003-та година е одбележан со преземањето на улогата на Атина
во претседавањето со ЕУ. Чин кој може да одигра пресудна улога за иднината
на регионот. Грција, како географски дел од Балканот, може во наредните шест
месеци колку што & трае мандатот во Брисел да има суштинско значење во
стабилизирањето на економскиот проект во т.н. Западен Балкан со кој и самата
граничи.
Од друга страна, пак, и истоштените поранешни југословенски републики од
неа очекуваат навистина многу, бидејќи ваква можност се добива на шест
години еднаш, а по новото проширување пак можноста се чека дури по десет
години. И за да биде куриозитетот поголем Грците на сите Балканци им
приредија (не)пријатно изненадување. Некој се обидува да го промовира
Титовиот дух и да создаде нова балканска федерација по урнекот на
некогашната СФРЈ. Чивијата за новите полемики меѓу раскараните народи на
Полуостровот ја наби првиот грчки дипломат Папандреу обидувајќи се како нов
претседавач на ЕУ, на старата дама да & претстави старонов проект за
интеграција на овие простори во највисоките бриселски установи. Велам
старонов затоа што првата вода пред три години ја пушти нам добро познатиот
Карл Билд кој во духот на заедништвото го претстави Балканот како една
државна творба. Тоа била единствената солуција за просперитет на најтврдото
парче на стариот континент. Во спротивно, делбите, поделбите и војните би
биле вечност, навидум како оние на Средниот Исток.
Како пак да се протолкува последниот настап и на Хавиер Солана? Тој
отворено застана против политиката на САД олицетворена во создавање
непријатели, дезинтеграција на посилни унии и слично и наместо тоа во името
на европските партнери се заложи за унификација на сродните опции со примена
на секуларниот пристап во нив. Солана не го посочи директно Балканот, но
индиректно прејудицираше на таквите региони. Сето ова мошне јасно покажува
дека Папандреу, кој ги поттикна Балканците на раздвижување, е само алка од
синџирот на големците кој треба да ја освежи идејата за една балканска
држава и да покаже дека таа не е замрена. Се поставува само прашањето: Дали
и Грција како составен дел на Полуостровот би била член на обемната
федерација? Ниту најголемите оптимисти не би поверувале во таквото државно
самоубиство.
Дека работата за единствена балканска државна федерација сериозно и
забразано се турка во тој правец говорат и следните показатели. Прво, ниту
една од поранешните југословенски републики не застана цврсто и на здрави
нозе во последниве десет години. Почнувајќи од Хрватска, преку Босна,
Југославија, Македонија, до Албанија сите до една од овие земји поминаа низ
идентични развојни циклуси во општеството. Корупција, криминал, опаднат
стандард, граѓански војни, воени злосторства. По овие белези сите си личат
како јајце на јајце. Второ, етничките прашања во ниту една држава не се
докрај позитивно решени. И на почетокот на 2003-та година се зборува за
прекршување на човековите права на Косово, во Македонија, во Јужна Србија.
Се токмат нови граници, нови преместувања, нови конфликти. Оттука, воопшто
не зачудува идејата на високи официјални претставници на европските тела за
Балкан без граници, бидејќи со тоа би се урнале бариерите што со децении
наназад постоеле. Борбите за Голема Хрватска, судирите за Голема Србија би
станале минато, би исчезнала Босна како единствена муслиманска држава во
срцето на Европа. Старата дама со тоа многу ќе реши. Трето, зошто
НАТО-алијансата на ноемврискиот самит при новото проширување не даде зелено
светло за ниту една балканска земја од т.н. Западен Балкан? Што би значело
членството на Македонија или Хрватска во НАТО? Се разбира пропаѓање на
планот на Карл Билд, Хавиер Солана и сега на Јоргос Папандреу. Реформите на
балканските армии треба да се одвиваат во исто темпо. Ниту една држава не
смее да отиде премногу напред, ниту пак да застане зад другите. Кога ќе ги
прифатат стандардите на северноатлантската алијанса сите топтан ќе треба да
влезат во најмоќната воена машинерија. Ист или идентичен веројатно ќе биде и
пристапот до вратите на ЕУ? Прво унија, а потоа заеднико членство. Тоа пред
се затоа што бројноста на европското семејство би можела да му зададе
огромен финансиски удар на официјален Брисел.
Аналитиката во моментов говори дека идејата за шестчлената државна
комбинација потекнува токму од економски причини, бидејќи досегашната
трансформација на економските системи не ги дала очекуваните резултати.
Периодот на транзиција и реформи во претпријатијата со општествен капитал
беа обележани со класичен грабеж на народниот труд што го побудува бунтот на
европските дипломати. Тие единственото решение сега го гледаат во
унификацијата на парцијалните балкански економии која треба да ги
неутрализира и елиминира појавите на организиран државен криминал. Дали тоа
би се реализирало кога во едно јато би се консолидирале сите девијантни сили?
Западна Европа, но во најново време и САД се повеќе стануваат незадоволни од
пасивноста на политичките органи во справувањето со лицата од подземјето кои
ги креираат тековите на државната економија. И во таа смисла, Брисел и
Вашингтон сметаат дека унификацијата на внатрешната безбедност на Балканот
би била од полза за Европа, но и за самите народи на Полуостровот. Сега
останува отворено прашањето колку планот на Карл Билд и Јоргос Папандреу ќе
биде прифатлив за официјалните тела во Загреб, Сараево, Белград, Скопје и
Тирана. Првите одгласи не ги дадоа очекуваните резултати. Регионална
соработка да, федерација никако. Нашиот Борис дури беше и револтиран од
непристојниот предлог на нашиот јужен сосед. Но, како и вообичаено тоа за
западњаците и не било многу важно. Практиката многупати досега покажала дека
секој елегантен "демократски" начин преку "фер" парламентарни или
претседателски избори бил елиминиран од политичкиот престол. Затоа, ако
сакаме да го прифатиме или отфрлиме ваквиот мега проект на европските
кројачи не треба да се истрчуваме со евтини потези "за" или "против", туку
мудро и државнички да се примат и обезвреднат ударите од центрите на моќта.
|