Велес раѓа деца со деформации
Велешката јавност е крената на нозе откако испитувањата на две болни деца
во Центарот за биотичка медицина во Москва покажале седумпати повисоко
присуство на олово од максимално дозволената концентрација. Испитувањата
биле спроведени по барање на родителите на деца што боледуваат од церебрална
парализа.
Дека состојбата е бескрајно алармантна покажуваат се почестите сериозни
деформации кај новороденчињата во Велес.
Американците го бркаат Петровски
Американскиот Стеј Департмент, како што дознава "Дневник", неодамна
испратил писмо до македонското Министерство за надворешни работи, во кое
бара Скопје да го повлече генералниот конзул од Њујорк, Филип Петровски,
поради фалсификување документи за визи и недипломатско однесување. Во
спротивно тие ќе бидат принудени да го протераат.
Ултиматум од ДУИ
Или потпретседател на Собранието ќе биде поранешниот командант на ОНА,
Хисни Шаќири, или ДУИ нема да отстапи од барањето за целосна употреба на
албанскиот јазик во Собранието. Тоа е "некој вид ултиматум" со кој ДУИ сака
да го забрза инаугурирањето на нивниот кандидат Шаќири за потпретседател на
Парламентот. Од СДСМ и од ДУИ демантираат дека станува збор за какви било
ултиматуми.
Судска истрага против Фетаи
Во Основниот суд Скопје 1 е отворена истрага против поранешниот министер
за економија, во владата на Љубчо Георгиевски, Бесник Фетаи, како и против
поранешниот директор на Агенцијата за приватизација, Душко Аврамски.
Двајцата се осомничени дека ја злоупотребиле службената должност и
овластување. Во барањето за истрага против поранешните владини функционери,
истражниот судија им одредил притвор во траење од 30 дена, но и двајцата не
се достапни.
Ламбе галопира кон Шутка
Според полициски извори на "Утрински весник", поради се што сторил
екс-директорот на ЕСМ, Ламбе Арнаудов, тој е мошне блиску до Истражниот
затвор во Шуто Оризари и дека оттаму "го делат само сантиметри". Според нив,
само прашање на време е кога полициските инспектори ќе затропаат на неговата
врата.
Бранко итно да го прати Спасов за амбасадор
Ако мисли Бранко да го испрати партискиот секретар и пратеник Ѓорѓи
Спасов во амбасадори, нека го прати побргу, бидејќи тој не ја води добро
партијата и кадровски ќе ја осакати, ги пренесува "Вест" реакциите во
редовите на СДСМ.
Спасов се споменува како еден од кандидатите за амбасадорско место во
Лондон или Атина.
АРМ ќе учествува во операцијата "Ирак"
Македонија ќе испрати два воени транспортни хеликоптери, најверојатно од
типот "Ми-8", како дел од сојузничката кампања против Ирак, тврдат за "Дневник"
воени извори. Македонската "ескадрила" нема да учествува во никаков директен
дуел со ирачките сили, туку ќе извршува логистички задачи во заднината, како
поддршка на сојузничката борбена операција. Во кабинетот на претседателот
Борис Трајковски потврдиле дека македонски сили би можеле да добијат мисија
за поддршка на сојузничката операција. Во Министерството за одбрана тврдат
дека досега немаат добиено наредба за учество во евентуалната кампања против
Ирак.
ДПМНЕ се враќа на лидерските средби
Опозициската ВМРО -ДПМНЕ ќе се врати на лидерските средби на потписниците
на Охридскиот договор и ќе продолжи со неговото остварување, бидејќи како
потписник има таква обврска, соопшти потпретседателот на партијата, Марјан
Ѓорчев.
Национално единство
На претстојниот партиски конгрес владејачката СДСМ ќе ја повика
ВМРО-ДПМНЕ на нацинално единство. Генералниот секретар на СДСМ, Ѓорѓи Спасов,
пишува "Утрински весник", изјавил дека на Конгресот посебно место ќе заземе
потребата од национално единство во внатрешни рамки на државата и дека
првиот чекор ќе биде направен со повик за политичко обединување околу
евроатлантските интеграции.
Од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека нема да го прифатат овој повик на СДСМ
поради, според нив, политичкиот линч врз членови на ДПМНЕ.
Русија ја поддржува Македонија како унитарна држава
Русија го поддржува опстојувањето на Македонија како унитарна држава без
какви било меѓуетнички линии на поделба и му укажува постојана поддршка на
македонското раководство, кое доследно ги брани суверенитетот и интегритетот
на земјата, изјави рускиот амбасадор
во Македонија, Агарон Асатур, во интервју за електронскиот весник "Веритас".
Руски нафтовод во Македонија?
Рускиот министер за надворешни работи, Игор Иванов, и македонската шефица
на дипломатијата, Илинка Митрева, во Москва потпишаа конзуларна спогодба за
либерализација на визниот режим. Иванов најави дека Русите сакаат да
соработуваат со Македонија во сферата на енергетиката, односно се
заинтересирани за изградба на гасовод и нафтовод.
Вардар поплави куќи
Вардар, минатата недела, поплави триесетина куќи и неколку угостителски
дуќани кај автобуската станица во Велес, десетина викендички и стотина
хектари плодни површини кај Градско. Критичен беше и водостојот кај Неготино,
Демир Капија и Валандово, а загрозен беше и автопатот Е-75 кај Гевгелија.
Обилните врнежи го излеаја Вардар и во повеќето скопски и други населени
места во државава.
|