И ја вртеа и ја пееја, и на лева, и на десна страна, и на една, и на
друга опција, но не ја бидуваше еве веќе дванаесетина години!!
Паричката од погачата за Василица никако да му падне на народот, да го
изненади, да го израдува, да му влее малку надеж, да му ја стопли душата, да
ги наполни гладните стомаци, да ги омрси мустаќите, да го огрее нашето
македонско сонце! Паричката како по инерција одеше кај оној кој ја класираше
во сопствениот трезор за да поплива уште малку во базенот од милиони и
милиони. А кутриот наш Македонец пливаше во беда, во мизерија и уште некој
таму ќе му мрчи дека живее во "зона на сиромаштија". Па како и да живее во
зона на благосостојба кога некој врти-сучи се прави паричката никако да
падне кај народот! А колку ли само варијанти испроба народот за да дојде до
неа. Менуваше партии, бои, устави, знамиња, имиња, функции, фаци, но кога не
сака, ете не сака......не го бидува.
Па не сме фрлале со камења по Господа што ваков ни е к'сметот, кука и
стенка македонскиот напатен и гладен народ. Веќе му гори под нозете и доста
му е од некојси Ламбевци, Војевци, Даравелџии и други скороевци, патриоти со
паричката од народот. Паричката редно е да падне на вистинското место во
вистинските раце кои долго ја исчекуваа!
ПЕРЕЊЕ МОЗОК
Чекајќи да го изненади паричката која ќе го огрее како сонце, народот е
презаситен и од постојаното перење мозок. Веќе е и повеќе од доста од
статистики, формули, математики, кредити, светски банки, ММФ и бабини
деветини. Народот не сака филозофирања, ами нешто конкретно и практично!
Тоа таму една армија од над 360.000 гладни брчка по контејнерите, а од
нив околу 150.000 се лица на околу 30 години коишто вработувањето ако еден
ден ги стрефи, ќе треба да ги зграпчи длабока старост за да доживеат пензија.
Тоа таму на околу 70.000 вработени им доцни платата, а над 100.000 работат
на диво. Тоа таму две третини од околу 240.000 пензионери добиваат примања
во износ од 60 отсто од просечната плата. Тоа таму околу 71.000 од
македонските домаќинства живеат од социјална помош од 75 евра, а и таа
социјална помош сега ќе треба "мачно" да ја заработат со докажување на
социјалниот статус. Тоа таму 18.000 деца во Македонија се со специјални
потреби, а во Велес мајките со страв одлучуваат да донесат на свет дете кое
би било нормално! Тоа таму само во 2001 година околу 5.600 Македонци
побарале азил на Запад, а се почесто ни се случува одлив на мозоци, на млади
луѓе кои среќата ја бараат преку барата!
ДУПКА ВО УМОТ
Од таканаречените дупки во Буџетот, на македонскиот народ му се случи и
дупка во умот! Тој веќе не знае како и кога да ја плати сметката за струја,
вода, парно... Сметките се таложат, празните стомаци кркорат. Ами не му е
криво на македонскиот народ што некој таму им ја мавнал целата погача, туку
криво им е што не им ја оставил паричката со која толку им мачкаа очи...Некој
тоа таму гради палати, милионски пари дава за ручеци, тоалети, патувања, а
ваму некој не може ни бајат леб да пронајде во контејнерите!
СЕРИОЗНОСТ
Некој некаде порача дека ако Али Ахмети сака сериозно да биде сфатен како
политичар, тогаш треба да побара прошка од мајката на некој загинат бранител,
како што тоа некогаш го направил и Вили Брант во Аушвиц. Но, таква прошка,
побарана од целиот македонски народ треба да побараат и сите довчерашни и
досегашни, стари, нови и така натака, наши политичари. За сите мизерии, за
сите стресови, скандали, за сите гладувања во рудните окна, за сета беда
некој треба да се обиде сериозно да биде сфатен. На обичниот народ му е
доста од национализам и високи политики. Народот бара леб, бара барем еднаш
и нему да му падне паричката!
Не треба ич да не чуди и вчудовидува што некој Македонец преминал од оваа
во онаа партија, што понекогаш си ги прегазил сопствените принципи. Тоа не е
толку чин на предавство, колку што е повеќе чин на активирање на генот за
преживување! Е, драги мои, до тоа дереџе не доведоа самобендисаните наши
високи умови избрани директно од народот, кој само сакаше една паричка, а не
доби ни трошки.
До кога некој таму ќе не заплашува со војни, катастрофи, строги реформи,
и до кога ќе имаме празен Буџет? До кога некој редовно и чесно ќе ги плаќа
сите давачки кон државата, а некој бистрејќи национални политики ќе изигрува
висок капиталист кој затајува данок? До кога ли паричката ќе го избегнува
напатениот народ?!
ФАНТОМИ И ФИРМИ
Некој до толку се соживеа со ликот на "Фантом" од стриповите што реши и
фирмите да си ги претвори во фантомски. "Фантомите" ни навлегоа во нашата ни
кревка економија и ја исцицаа крвта на народот. Перење пари, корупција, мито,
фосили кои само бараат плодна почва и плиток ум. А, умот на народот и како
да не биде плиток кога ете мизерува со години, се бори со стресови и
разноразни политички глупости. А, кога само ќе помислиме колку сме и дека во
суштина сме само едно предградие, ако не и уличка од мегалополисите од типот
на Њујорк!? Па како тогаш некој не е способен и не може да се излезе на крај
со два милиона народ кои би можеле да живеат како Швеѓани и Швајцарци? Сите
да имаат работа, нормален стандард, социјална и безбедносна сигурност!
Па, бара ли народот многу? Кога ли само конечно ќе му се падне паричката???