а почетокот сме на 2003 - година
која е мошне важна на спортски план за македонските спортисти затоа што тоа
е предолимписка година и поради тоа што ова е период кога треба да се бркаат
олимписки норми. А очекувањата дека на олимпијадата во Атина ќе имаме повеќе
учесници отколку на олимпијадата во Сиднеј 2000 година се многу поголеми.
Но исто така оваа 2003 година треба да се искористи и на планот на
презентација на нашите објекти за одржување подготовки на екипите од
државите учеснички. Во секој случај оваа година нашите спортски работници
треба да ја искористат максимално затоа што ова е година на докажување и
предизвици.
ПЛИВАЧИ
Најпрво да се задржиме на нашите реални можности за тоа кој може да не
претставува на олимпијадата во Атина, кој и на какви натпревари може да ги
исполни олимписките норми и колку македонскиот спорт е подготвен за таквиот
предизвик. Мора да истакнеме дека и за оваа олимпијада најмногу учесници
очекуваме да има од нашите пливачи.
Според она што го нагласи селекторот на нашите пливачи, Димитрија
Поповски, треба да се очекува дека пливачите Мирјана Бошевска, Весна
Стојановска, Александар Миладиновски и Лазаревски без проблем ќе ги исполнат
зацртаните норми, па дури се надева дека Бошевска и Миладиновски ќе ги
исполнат А олимписките норми, а за другите пливачи нема да биде проблем да
ги исполнат Б олимписките норми. Селекторот најави дека потерата по
олимписките норми ќе започне уште на пливачкиот митинг во Грција на
почетокот од оваа година.
Понатаму треба да се очекува дека оваа година без разлика на тешките
состојби кои владеат во нашето стрелаштво, сепак ќе се овозможи и ќе се
најдат средства за нашите стрелци да појдат на меѓународни натпревари на кои
би можеле да ги исполнат олимписките норми. Навистина би било штета ако на
оваа олимпијада немаме претставник од стрелаштвото затоа што тоа прерасна во
наш олимписки спорт уште од олимпијадата во 1996 година во Аталанта кога
бевме претставувани од Дарко Насевски, а во Сиднеј наш претставник во 2000
година беше стрелачката Дивна Пешиќ. Навистина очекувањата на сета спортска
јавност е да се обезбеди меѓународни натпревари за нашите стрелци и барем
еден од нив да видиме на олимпијадата во Атина.
АДУТИ
Но, сепак наш најголем адут за на олимпијадата во Атина се секако
борачите. Само да се потсетиме на можеби најголемиот успех на македонскиот
спорт кога македонскиот борач Могамед Ибрагимов го освои првиот олимписки
медал за Македонија од нејзиното осамостојување. Навистина и оваа олимпијада
нашите борачи се нашиот најголем адут. Само се надеваме дека на оваа
олимпијада повеќето од борачите ќе постигнат успех и дека нема да остане на
еден блесок.
Во однос на евентуалните претставници од екипните спортови, за жал мораме
да констатираме дека шансата да имаме претставници е многу мала затоа што
нашите надежи се потпираа на евентуалното учество на нашата женска ракометна
репрезентација, но по катастрофалното издание во претквалификациите шансите
да имаме екипен претставник се многу мали.
Но, оваа предолимписка година, како што веќе спомнавме, треба да се
искористи и за тоа да се среди нашата понуда на спортски објекти за да се
привлечат што е можно повеќе странски спортисти своите подготовки да ги
одржат во Македонија. Тоа е дефинитивно шанса која треба да ја искористме
затоа што толку блиску до Македонија нема да има олимписки игри уште долго
време. Во однос на понудата не треба да се расплинуваме на сите сфери и да
нудиме се и сешто, а сепак на крајот да не понудиме ништо, туку треба да го
понудиме тоа што го имаме и тоа што реално можеме да го понудиме. А реално
може да понудиме идеални подготовки за малите спортови со салите во Охрид,
Битола, Прилеп...
Во секој случај спортските тренери и преостанатите спортски работници
треба оваа година убаво да ги засукаат своите ракави и да покажат што знаат
и дека знаат да работат. Се надеваме дека плодовите од нивната успешна
работа ќе ги видиме на олимпијадата во Атина 2004 година.