ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Храмот "Свети апостоли Петар и Павле" во Скопје како љубовен вознес и божја напивка

ДЕНОВИ ИСПОЛНЕТИ СО ДУХОВНА БЛАГОДЕТ И МИР!

Пишува: Драган ЗАФИРОВ

  • Рождеството Христово Божиќ 2003 лето Господово оваа година е во посебно блажено руво затоа што Витлеемската ѕвезда овој пат ќе зрачи два храма, два Плаошника - едниот во древниот Охрид, а другиот во населбата "Ѓорче Петров" во Скопје.
  • Нека овој храм го долови небесниот свод на љубовта и мирот. Нека македонската светлина и надеж ги огрее срцата на бројните верници.

Витлеемската ѕвезда го озрачи со целиот свој сјај новореконструира-ниот храм "Св. Апосто- ли Петар и Павле" во парохијата "Ѓорче Петров" во Скопје пред новото лето Господово 2003. Во "Ѓорче Петров" - најголемата населба, а воедно и најстара, во вишниот престолен град се роди новиот Плаошник, братската рака на Охридскиот Св. Климентов Плаошник.

Вистинските царски двери на "Св. Пантелејмон" овој пат во срцето на светите Петар и Павле озрачија и го облагородија овој светол храм. Овој втор по големина храм во Скопје го посла светиот дух токму овде во "Ѓорче Петров", како нов Плаошник и слава на "Св. Пантелејмон", "Св. Климент" и "Св. Наум".

НЕБЕСНА УБАВИНА

Воскресна во овие Ѓорчепетровски ридишта и рамници и името на нашата пресветла православна црква. Голема е славата на Господа, а уште поголема е љубовта што овој сега нов Плаошник го крена гласот со херувимите. Рождеството Христово - Божиќ 2003 лето Господово оваа година е во посебно блажено руво затоа што Витлеемската ѕвезда овој пат ќе зрачи два храма, два Плаошника - едниот во древниот Охрид, а другиот во "Ѓорче Петров".

Во овие светли Божиќни денови храмот со ѕвездата Витлеемска со силен престрел ќе се претвори во еден магичен вознес упатен кон небесните двери, кон Исус, неговата мајка Марија и стариот Јосиф. Со биењето на камбаните ова лето Господово ќе претставува волшебен гигант, ќе триумфира со своите небески и земски дарови. На ова царско место ќе се слушне химната на ангелите, на апостолите, на целиот небески свет соединет со земскиот.

СВЕТ ХРАМ

Да се види овој храм сега преобразен, преоблечен во златна ризница со светила кои никогаш и никој не може да ги заборави, е чудесна благодет.Тој претставува еден восхит, еден живот, една историја, еден голем чекор за соединување на целото човештво. Овде постоеше една скромна црква која живееше со своите чеда се до своето ново обликување, преобразување. Соѕидан како главна црква на "Ѓорче Петров", овој свет храм е осветен во 1976 година од тогашниот Поглавар на МПЦ, Блаженоупокоениот г.г. Доситеј и до ден денеска е пример за сите цркви и манастири.

Братството на овој храм го сочинуваат скромни членови поттикнати со силната светлина кои со сета со своја љубов и самопрегорност му се посветуваат. Денес на ова место живее уште еден Плаошник, свртен кон животворниот Крст кој зрачи од планината Водно. Човекот кој на овој храм срцето му го претвори во небесна светла душа е отецот старешина протојереј ставрофор г. Харалампие кој со своите свештенослужители и верници ја доловува љубовта и небесниот мир. Во изградбата на овој прекрасен храм беа вклучени архитектот Јордан Јакасаноски со својот колега градежен инженер Пане Равановски и Крсте Крстевски, главен мајстор и неговите помошници Стилјан Михајловски од село Туминец - Мала Преспа, зидаро-тесарот од Прилеп Живко Конески и други. Нека овој храм го долови небесниот свод на љубовта и мирот. Нека македонската светлина и надеж ги огрее срцата на бројните верници.

И денес во овие мрачни искушителни денови љубовта на Бога нека биде единствена утеха. Во предвечерјето на големите православни празници да се сетиме на Бога и неговата љубов. Така никогаш нема да бидеме осамени и тажни.

На сите верници и особено на оние кои на свој начин дадоа придонес за изградбата на овој свет храм им ги честитаме новогодишните и светлите божиќни празници со Христос се роди - Навистина се роди.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"