ВЕРАТА НАША РИСЈАНСКА

Рождество Христово - Божиќ и Обрезание

ДОЈДЕ ХРИСТОС И ГО ОЗАРИ СВЕТОТ СО СВЕТЛИНАТА НА РАЗУМОТ

Пишува: аџика Живанка ФИЛИПОВСКА

  • "Христос се роди во тело. Синот Божји стана син човечки. Зошто? За да не направи и нас синови Божји. На земјата се роди Оној кој е извор на целокупниот живот, цел на тој живот. Пред 2003 години во Витлеем Јудејски, во пештера, се роди Спасителот на светот Господ Исус Христос".

Седми јануари, нулта година. Ноќ, помеѓу сабота и недела. Христос се раѓа! "Дева денес го раѓа оној што постоел отсекогаш и земјата на недостапниот пештера му принесува. Ангелите со пастирите го прославуваат, а мудреците со ѕвездата патуваат, зашто заради нас се роди дете младо, превечниот Бог". Започнува нова ера. Се извршува очекувањето на праведниците. Се остварува ветувањето на старозаветните пророци: "И ете, девица ќе зачне во утробата своја и ќе роди син, и ќе го наречат Емануил што значи: Господ е со нас!".

Рождество Христово Божиќ

Христос се роди во тело. Синот Божји стана син човечки. Зошто? За да не направи и нас синови Божји. На земјата се роди оној кој е извор на целокупниот живот, цел на тој живот. Пред 2003 години во Витлеем Јудејски, во пештера, се роди Спасителот на светот Господ Исус Христос. "Се овоплоти од Светиот Дух и Марија Дева и стана човек". Пресвета дева стана Божја мајка, Богородица. Го пови младенецот во ленени пелени, "Му се поклони како на Бог и Создател и го положи во јасли". И стариот праведен Јосиф "Му се поклони на Божествениот плод на девствената утроба".

СОНЦЕ НА ПРАВДАТА

Господ Христос дојде меѓу луѓето за да ги спаси сите и да ги повика во небесниот свет. Слезе на земјата за да може човекот да се искачи на небото. "Роден од вечноста од Отец, без мајка, се роди во времето од мајка без татко". Небото и земјата се здружија. На земјата дојде вистинската светлина на светот, а преку Неговото доаѓање ни засветли светлината на Отецот. Дојде Христос и го озари светот со светлината на разумот. "Раѓањето Твое, Христе Боже наш, го озари светот со светлина на знаењето; во неа, пак, оние што им служеа на ѕвездите од ѕвездата се учеа Тебе да ти се поклонуваат, Сонце на правдата, и да те познаат Тебе, исток на висините, Господи, слава ти".

Ангел Господов ги известил на пастирите: "...денеска ви се роди во градот Давидов Спасител, кој е Христос Господ". Небесните ангелски војски запеале: "Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја". Пастирите ги нашле Марија, Јосифа и Младенецот кој лежи во јасли и му се поклониле како на "Месија и Спасител". Трите мудреци од Исток (од трите големи човечки раси), водени од Витлеемската ѕвезда која запрела над местото каде што се родил Младенецот, го познале Бог и пред мајка му Марија, му се поклониле како на "Цар над царевите". Од своите ковчежиња му принеле дарови: злато, ливан и смирна. За да го исполни тогашниот закон во Израел, божествениот младенец бил обрезан во осмиот ден по раѓањето. Тогаш "му го кладоа името Исус". На еден дел од телото на новородениот Исус потекла невина крв. Тој болката ја чувствувал, плачел. Со обрезанието Господово се докажува дека тој примил на себе вистинско човечко тело, а не привидно, како што погрешно мислеле еретиците. Известени од ангел Господов, Јосиф со младенецот и мајка му бегаат во Египет, зашто Ирод бара да го погуби младенецот. Тој исплашен од новородениот Христос, за да не стане иден цар на земјата, а и разгневен што мудреците го изиграле - не се вратиле кај него, издава наредба за убиство на витлеемските деца. Убиени се 14.000 маченици во Витлеем. (Се слават на 11 јануари). Нивните мошти се наоѓат во црквата "Рождество Христово" во Витлеем во Светата Земја.

БОЖЈАТА МАЈКА

На вториот ден Божиќ, Светата Црква и оддава слава и чест на Божјата мајка. Безневесната и Пречиста Дева, единствената Богородица на светот, која Го роди Христа - Царот, бессемено воплотениот Христос Бог, го роди без бол и по раѓањето остана Дева, вечна Дева. И оддаваме благодарност на Пресвета Богородица "како на Мајка Богородителка на Христос Бог и наш Спасител". Ова празнување се вика "Собор на Пресвета Богородица", затоа што тој ден се собираат христијаните да и оддадат почит и зашто соборно и свечено се служи во нејзина чест.

Рахила плаче над своите убиени деца во Витлеем

На третиот ден Божик (9 јануари) се слави мудриот и силен по вера, Светиот првомаченик Христов и апостол Стефан архиѓакон. Бил лажно обвинет од некои злобни Евреи, дека хули на Бога и на Мојсеја. Храбро ги изобличил за убиството на Бог Христос и ги нарекол предавници и крвници. Тие го каменувале надвор од градот. Паднат на колена, извикал: "Господи, не примај им го ова за грев". Во 302 година кога почнало свечено празнување на празникот "Рождество Христово", во Црквата во Никомидија, по полноќ, по наредба на цар Максимијан, се изгорени 20.000 маченици. Се слават на 10 јануари.

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот европски, г. Горазд


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"