аконот 1540/85 е во спротивност
на член 17 од грчкиот Устав од 1975 го-дина, кој гласи:
1. Сопственоста е под заштита на државата;
2. Никој не може да биде лишен од својот имот, само во случај на државен
интерес и надоместување со сличен имот, или со пазарна цена.
Според тоа, прашањето на конфискуваните имоти на Македонците од егејскиот
дел на Македонија не е решено. Тоа треба да се реши меѓу владите на двете
земји, почитувајќи ја желбата на сопствениците.
Решавањето на горните прашања: слободна репатријација на Македонците во
своите родни места и враќањето на имотите и слободна времена посета на
своите родни места ќе придонесе за натамошно зближување и зацврстување на
односите меѓу Република Грција и Република Македонија.
ИНТЕРЕСИТЕ НА САД И ВЕЛИКА БРИТАНИЈА
Прво, Велика Британија и во продолжение и Соединетите Американски Држави
пројавија особен голем интерес за Грција. Тоа се должи на геостратешкото
значење што го имаше Грција во заштита на нивните стратегиски, политички и
економски интереси. Според оценките на Велика Британија и Соединетите
Американски Држави Грција игра сериозна улога за заштитата на независнота на
Турција и Блискиот Исток. Поради тоа што Грција во текот на Втората светска
војна беше окупирана од силите на Оската, сојузниците ја имаа изгубено
контролата на Источното Средоземие. Освен тоа, според нив, Грција го
контролираше излезот на Дарданелите и даваше гаранции за поморскиот
сообраќај во патот кон Суец и Индија. Општата нивна оценка за западните
земји беше дека Грција доколку падне под советска контрола ќе го изложеше во
опасност не само Блискиот Исток, туку и Западна Европа, особено Франција и
Италија и дел од Африка. Според претседателот на САД, Труман, паѓањето на
Грција под советско влијание ја изложуваше во опасност безбедноста на
Турција, Источното Средоземие и Западна Европа. Врз основа на горните оценки,
двете западни земји ја градеа и ја водеа својата политика кон Грција.
Главна цел на британската политика беше да ги сочува своите позиции и
интереси во Грција. Тоа можеше да го постигне доколку Грција не падне под
советско влијание и на власт не дојдат комунистите. За да успее во тоа
Велика Британија во мај и октомври 1944 година со Советскиот сојуз склучи
договор врз основа на кој Грција падна под нејзина сфера на влијание. Овие
договори & овозможија на Велика Британија да се пресмета со проамериканското
движење на грчките вооружени сили во Египет во октомври 1944 година да
растовари свои војски во Грција и во декември 1944 година воено да
интервенира против движењето на отпорот што резултираше со пораз на ЕЛАС и
реставрација на предвоениот режим во Грција.
По војната Велика Британија презеде мерки за обезбедување на власта на
десницата за што стационира во Грција две свои девизии, да ја организира и
ја опреми, да ги издржава грчките вооружени сили, да го обнови и развие
грчкото стопанство, да ги организира парламентарните избори со цел да ја
легализира власта, да помага и доследно да учествува во совладувањето на ДАГ
и други.
На 21 февруари 1947 година британската влада ја извести американската
влада дека на 31 март истата година, поради економски тешкотии, ќе прекине
да ја помага Грција.
Американската Влада ценеше дека доколку не ги превзема обврските на
Британците кон Грција, ќе се соочи со последиците на една ошта пропаст во
Блискиот и Средниот Исток и на еден голем дел на Западна Европа. За да не се
случи тоа, претседателот на САД, Труман, на 12.03. 1947 година ја соопшти
својата доктрина за доделување на 300 милиони долари помош на Грција,
односно за преземање на обврските за заштита на атинскиот режим. Трумановата
доктрина промовира една нова епоха во грчко-американските односи: ги
предупреди Русите дека САД нема да дозволи советизација на Грција и дека
официјално ја преземаат раководната улога во заштитата на нејзиниот
територијален суверенитет и заштита на режимот.
Со Трумановата доктрина и во продожение со маршаловиот план владата во
Атина доби огромна помош за вооружување и издршка на армијата, за
заздравување и развиток на стопанството и сл. Бројни воени мисии ја обучуваа
грчката армија и непосредно учествуваа во подготовката на оперативните
планови и учестуваа во раководењето на воените операции против ДАГ.
Американските стопански мисии и бројни советници раководеа со грчкото
стопанство и финансии, со политичкиот живот на земјата. Според еден податок
од грчки извори атинската Влада од почетокот на програмата за помош на
Грција, до крајот на јуни 1949 година од Соединетите Американски Држави и
Велика Британија доби 1.041.152 тони оружје, муниција и друг воен материјал.
Воената и економската помош што ја доби Грција изнесува повеќе од две
милјарди долари.
Како резултат на таа помош, односно на американската интервенција и од
други причини, ДАГ беше поразена. Политиката на двете западни земји целосно
успеа во Грција. Во Грција не победија комунистите и таа не падна под
советско влијание. Се зголеми американското влијание во Грција што придонесе
за нејзиниот стопански развиток, но за долго време падна под политичка
зависност на САД.
СОВЕТСКИОТ СОЈУЗ
Политиката на Советскиот Сојуз кон Граѓанската војна претставува интерес
на дипломати, политичари итн. Оценката зависи од политичко-идеолошката
определба и ориентација на авторот. Авторите со антикомунистичка определба,
тврдат дека Граѓанската војна е резултат на експанзионистичката политика на
Сталин, односно за советизација на Грција. За разлика од Велика Британија и
САД кои непосредно беа ангажирани на страната на десницата, Советскиот Сојуз
тоа го правеше преку своите сателити Југославија, Албанија, Бугарија и други.
Авторите од редовите на КПГ и од просоветска ориентација, тврдат дека
Советскиот Сојуз не се замеша во грчките работи, дека Граѓанската војна ја
предизвика грчката десница со помош на Велика Британија и Соединетите
Американски Држави, дека одлуката за поведување на вооружена борба ја донесе
сам Захаријадис и слично.
Горната теза не држи поради следното:
Не беше можно без знаење и одобрение на Сталин во Грција да почне
вооружена борба организирана од комунистите во која непосредно беа
инволвирани негови најверни, најзначани и најпослушни сојузници, соседи на
Грција, Југославија, Бугарија и Албанија.
Никос Захаријадис во својата хроника, неодамна објавена во Грција,
реагирајќи на тврдењата на некои Руси дека СССР нема никаква врска со
Граѓанската војна има забележано: "...Кусинев и по прашањето на вооружената
борба од 1946 - 1949 година ја покажува истата целосна неморалност, бидејќи
многу добро знае што беше дискутирано и што беше решено во Москва, во ПБ на
ЦК на КПСС, во јуни 1947 година во присуство на Сталин…". На средбата Сталин
целосно ја одобри одлуката на ПБ на ЦК на КПСС од февруари 1947 година,
тежиштето на борбата да го стави во вооружената борба и му вети сестрана
помош во оружје и друг. Грчкиот партиски функционер Павлос Нефелудис во
својот труд под наслов "Во изворите на злото" претпоставува дека околу
прашањето за поведување на вооружена борба, станало збор на средбата меѓу
Сталин и Захаријадис пред донесувањето на одлуката за ориентација кон
вооружената пресметка.
Ѓорѓи Димитров во својот дневник има забележано:
"9.02. 46. Добив одговор од Алексиев (Молотов) на прашањето на грчките
другари: можат ли да се ориентираат кон вооружено востание против
монархофашистичкиот режим, или треба да организираат самоодбрана со
политичка мобилизација на народните маси. Молотов го претпочита второто…".
Во мај 1947 година Захаријадис допатува во Москва со цел да го запознае
Сталин за одлуката на ПБ на КПГ до февруари истата година со која ја
натовари ДАГ да го урне режимот и да ја завземе власта и да побара помош во
оружје и друго. Сталин му ги задоволи барањата што може да се види од
следната телеграма што му ја испрати Јанис Јоанидис до ПБ на ЦК на КПГ во
Атина: "Последните недели Кукос се сретнал со дедо и резултатите од
разговорите што ги водел со него за нашите проблеми се позитивни. Од
резулататите треба да бидеме задоволни".
На средбата на делегациите на КПСС, КПЈ и БКП што се одржа во Москва на
10 февруари 1948 година Сталин изнесе став за вооружената борба на ДАГ.
Информации за ставот на Сталин даваа Дадиер во неговата книга "Тито зборува",
Милован Ѓилас во трудот "Разговори со Сталин", Кардељ во неговиот труд "Спомени"
и Георги Димитров во својот "Дневник".
Според Ѓилас, Сталин ненадејно го прашал Кардељ: "Верувате во победата на
востанието во Грција?".
Кардељ одговори:
"Ако странската интервенција не се зголеми и Грците другари не направат
крупни политички и воени грешки…".
Тогаш Сталин го прекина, велејќи:
"Ако, ако… не, немаат никаква перспектива за успех. Што мислите? Денес
Велика Британија и Соединетите Држави -Соединетите Држави - најсилната
држава на светот ќе ви дозволат да ги пресечете нивните сообраќајни линии во
Средоземјето? Глупости. И ние немаме никаква морнарица" и заврши
потенцирајќи дека востанието во Грција треба да се стопира во најкраток
можен рок.
Едвард Кардељ во својата книга "Спомени" битката за признавањето и
независноста на нова Југославија, пишува:
"Втор проблем што го покрена Сталин (на средбата од 10 февруари 1948)
беше Грција. Отворено ме праша:
- Дали вие сериозно мислите дека е можно да победи востанието во Грција?
Одговорив:
- Не сме ние тие што го организираа востанието во Грција, туку самите
Грци. Ние што се наоѓаме во близина на нивните граница не можевме да не им
дадеме помош, како и на секое револуционерно движење, ќе му ја дадеме на
друго револуционерно движење. Што се однесува до можностите за победа на
востанието во Грција, тоа зависи од разни фактори. Ако се развие
работничкото движење во други земји, ако меѓународната ситуација е поволна,
ако востанието ја добие потребната помош итн.
Сталин тогаш ме прекина:
- Ако, ако … целото ваше очекување тргнува од ако… чиста е заблудата
некој да мисли дека западните сили ќе им ја остават Грција на комунистите.
Вие и Грците комунисти живеете во еден свет на илузија. И на тој начин не
изложувате пред политички тешкотии.
Му реков:
- Другар Сталин, што можеме ние сега да сториме, ако во Грција и на
нашите граници има востание? Ако тие бараат од нас помош? Ако ни донесуваат
на границите ранети? Треба ли да ги затвориме границите? Да се отуѓиме од
тоа движење?
(Продолжува)