орбата на македонскиот народ за
слобода и за создавање сопствена држава се одвиваше во повеќе фази. Иако
противниците беа многубројни, слободарскиот оган не згаснуваше. Во
македонскиот пантеон се врежаа имиња на плејада достојни синови на
Македонија кои ги оставија своите коски по нејзините ридови и полиња.
Нивната смрт претставуваше завет за идните генерации да го довршат
ослободителното дело и да ја сочуваат страдалницата Македонија.
Токму такви беа чувствата и заложбите на гевгеличанецот Сава Михајлов -
Савата, кој во походот кон слободата, во нерамна борба со османлиската
војска го положи својот живот пред олтарот на татковината.
РЕВОЛУЦИОНЕРНО СОЗРЕВАЊЕ
Најмногу податоци за животописот на Савата наоѓаме во неговите спомени,
искажани во 1904, а објавени во 1927 година, во Софија, од запишувачот
Љубомир Милетиќ.
"Роден сум во декември 1877 година во село Мачуково, Гевгелиско. Со
основното образование се здобив во родното село, а од прв заклучно до
четврти клас учев во Цариград, во класното училиште во времето од 1889 до
1892 година. Образованието од петти до седми клас го продолжив во Солунската
гимназија во периодот од 1892 до 1895 година. Во учебната 1895/96 година бев
назначен за учител во село Ракита, Кајларско. Оттаму во Тиквеш и во Неготино
во 1897 година, кога стана Виничката афера, потоа во Богданци, Гевгелиско во
1898, 1899, во градот Гевгелија 1899/1900 и во Џумаја 1900/1901 година во
Коледе. Тогаш влегов во четата на Чернопеев и на Сандански до добивањето на
парите за Мис Стон, потоа заедно со Крсто Асенов и Сандански, до 24 јануари
1902 година престојував во Софија. Повторно за Македонија заминав со
Сандански на шести април во Пирин каде што останав до крајот на мај и пак се
вратив во Софија. Подоцна заминав заедно со Сарафов преку Ќустендил и
Кочанско со својата чета од десет души за Гевгелиско".
На дваесетти февруари 1902 година со Крсто Асенов, носејќи со себе разни
материјали и десет до дванаесет товари динамит и оружје Михајлов стигнува во
Гевгелиско. Оттаму заминуваат во Кукушко и во Солун. Во Гевгелиско се враќа
во март и таму останува и за време на Илинденското востание, како реонски
началник.
"Уште како ученик во Цариград кај мене се роди идејата за независнот од
Турците, но посуштински тоа созреа во Солун, каде што имавме ученички кружок
и дознавме дека нешто се работи. Знаевме на пример дека Даме Груев, кој беше
тогаш во Штип, работи нешто против Турците, но дека има некаква организација,
не знаевме... Кога заминав за Кавадарци како учител, уште не бев посветен во
делото. Еден од другарите, Иванчо Мишов, беше претседател на Комитетот.
Најпосле тој ми соопшти, ми откри се, бидејќи се беше уверил во мене. Ми го
прочита и правилникот, а формална клетва не ми посакаа. Оттогаш, од крајот
на 1895 година, станав член на Организацијата... Кога заминав во градот
Гевгелија, бев член на реонското раководно тело. Претседателот Андон Костов
од Дојран беше главен учител. Тогаш се случи и Валандовската афера. Ние
тогаш во Гевгелиско (1898/99) веќе имавме чета и тоа е една од првите чети.
Подоцна во Гевгелиско дојде Михаил Попето од четата на Делчево, со мала чета
и почна да дејствува во духот на Организацијата. Во тоа време по барање на
Централниот комитет поминав во Џумаја како реонски раководител...
Кога се избираше Комитетот на Цончев, јас бев дошол во Софија; тука беа
Гоце и Ѓорче. Со Делчев подобро се запознав во Џумаја, тој таму доаѓаше со
ревизорска чета. Уште тогаш си поставивме за задача да ја браниме
самостојноста на Внатрешната организација, со сите средства да настојуваме
да не се прифатат во Џумајско никакви чети без знаење и согласност на
Организацијата...
Мислевме, уште порано - на Петровден, како да дојдеме до пари. Имавме
план за еден бег во Џумаја - Сулејман Бег, но тогаш и подоцна во јули месец
не можевме да го заробиме. Кога на седумнаесетти поминав јас, Чернопеев веќе
се наоѓаше во Банско, и веќе планот за заробување на Мис Стон беше готов и
само уште преку мене со допрашуваа до Делчев и Ѓорче што ќе речат, дали да
се зароби Мис Стон. Делчев и Ѓорче не веруваа дека ќе се земат големи износи
за Мис Стон... И покрај тоа, на наша одговорност се изврши заробувањето.
Крсто Асенов отиде со четата и со Мис Стон, а јас се вратив во Џумаја.
Тогаш посилно се заговори и за Централниот комитет од една страна и за
Врховниот комитет на Цончев од друга. Јас им објаснував на луѓето каква цел
има Внатрешната организација, а за што се бори Врховниот комитет. Им ја
претставував работата така дека ако се поддадеме на Врховниот комитет,
неговите луѓе можат да направат некое движење внатре и со тоа да оневозможат
да стане нешто посериозно за слободата на Македонците, за која се подготвува
Внатрешната организација. Тоа беше во ноември 1901 година".
ТРАГИЧЕН КРАЈ
На Коледе и Сава Михајлов беше предаден. Причина за тоа беше писмото кое
беше пронајдено од еден турски офицер. Тоа ја имаше следнава содржина: "Ако
сакате да знаете каде се жените, и ако сакате да знаете кој е тука
комитетски човек фатете го главниот учител Сава Михајлов уште и Петар
Китанов (трговец), Никола Чевејата (меанџија) и Лазо Покровнички (земјоделец)...".
Михајлов штом дозна за тоа, побегна во четата на Чернопеев и Сандански, а по
завршувањето на аферата Мис Стон беше еден од четиричлената комисија избрана
како контрола за трошење на парите.
Под влијание на Делчев, Михајлов си имаше поставено за задача да ја брани
самостојноста на Внатрешната организација. И тој до крај настојуваше во таа
насока, работејќи во согласност со Сандански, Чернопеев, Крсто Асенов и
други.
Савата беше против пребрзано востание во Македонија, но кога се крена
Илинденското востание, неговата чета во соработка со четата на Аргир
Манасиев изврши повеќе вооружени акции.
По здружувањето на востанието, Сава Михајлов пристигана во Софија, во
почетокот на ноември 1903 година. Таму веднаш се вклучи во дискусиите во
врска со последиците од предвреме кренатото Илинденско востание, и воопшто
околу иднината на револуционерното движење во Македонија. Паралелно со
разгледувањето на состојбата во Македонија и во македонското ослободително
дело, кон крајот на 1903 година се презедоа и одделни акции за создавање
услови за соработка на македонското револуционерно движење со одделни
фактори во Србија. Оваа задача му беше доверена на Сава Михајлов. Тој во
текот на 1904 година воспостави контакти со многубројната македонска
емиграција во Белград и со претставниците на македонското автономно движење.
Во разговорите со нив Сава Михајлов даде значаен придонес во разобличувањето
на официјалната великосрпска политика кон Македонија. Неговата активност
резултираше со формирање одделни одбори во Белград и во други градови на
Србија за помош на настраданиот македонски народ.
На први март 1905 година Сава Михајлов - Савата го имаше последниот
вооружен судир со османлиската војска. Борбата беше нерамна и траше околу 12
часа. Во првите утрински часови борбата се водеше само со аскерот од
Гевгелија и Дојран и со башибозуците од гевгелиските села. По извесна пауза
во престрелката доаѓа војска и од Солун. Обрачот околу четниците се повеќе
се стеснуваше, а со тоа и нивните позиции започнаа да слабеат. По херојскиот
отпор, Савата забележува дека недостасува муниција за да се продолжи
борбата. За да не падне жив во рацете на османлиските власти испива отров.
На ваквиот крај на животната приказна на Сава Михајлов укажува белешката
лично напишана од него на мало ливче хартија што го пронаоѓаат турските
офицери по битката. Ова уште тогаш го потврдува една група селани од
Мачуково. Имено, околу 15 жители на чело со Иван Јанчев од истото село,
учител од Бајалци, при погребот на убиените четници, на телото на војводата
не забележале рани од куршуми. Сава Михајлов - Савата лежел мртов со пена во
устата.