ФОРУМ

ПРАЗНИЧНА ЕУФОРИЈА

Драган ЗАФИРОВ

  • Се прашуваме зошто оваа судбинска 2003 година наместо да ја пречекуваме со последиците од извалканата војна, да ја пречекаме со човековата љубов и мир. Зошто не се обидеме тероризмот да го замениме со радост и божја благодет?! На човештвото не му се потребни и други војни, други страдања, други протерувања од родните огништа!

Вриежот од новогодишната еуфорија го среќаваме безмалку по сите места. И градовите и селата се наоѓаат во едно лудо трчање за некаков чекор и да се стаса до целта за посвечен пречек на Новата година. Пред нив се исправени многу проблеми, но најважен е секако оној кој се однесува на прашањето - како да се дојде до она најтешкото: парите. Некои се снаоѓаат, а некои талкаат како избезумени и се мислат како ќе ги дочекаат и како ќе ги испратат овие зимски празници. Можеби ќе бидат кај некои пријатели или пак кај некои роднини колку да се мине празникот. А многумина од тие сиромашни граѓани немаат никаков услов да си овозможат убаво празнично мени.

Така е во ова тешко, но лудо и неправедно време. Може да го паметат само како време на безработица, стечаи, штрајкови и време на една парабола на големи сиромаси и големи богаташи. Господ само ја гледа оваа неправда која денес царува како проклетство на безумието, изопаченоста на модерниот човек кој денес се преобразил во мерило на една извалканост, немир и пакост со кои тој управува во овие многу тешки и клети времиња во кои владее себичноста.

Како и да е, празниците траат. Насекаде е весело, богато накитено сценарио на декор. Украсен и осветлен градот е многу поубав и ги пополнува и ги прикрива своите слабости и недостатоци. Така е насекаде во земјата наша полусреќница која се уште не е залечена од војната и над која, за жал, се уште висат црните облаци на неизвесноста. Тероризмот и понатаму живее по оваа наша измачена, но горда земја. Така некои ќе се забавуваат, ќе се пијанчат, ќе пеат и лудуваат, а некои ќе плачат и со насолзени очи ќе гледаат кон власта од која очекуваат да им помогне. Но, важно богатите рицари, бизнисмени, криминалци и многу неранимајковци и по некои почитувани посреќни, но скромни граѓани, ќе се снајдат и среќно ќе ги поминат празничните денови.

Ваквото невреме на неразумноста, нелојалниот однос на големите кон човечкото битие не тера да се прашаме каде сме и зошто постоиме. Големите сили мошне слепо и без чувство на одговорност влегуваат не со порака за мир и благосостојба, туку со порака за војна и одмазда кога страдаат послабите и победните. Националистичките и неразумните односи кои ги спроведуваат посилните, а посебно големите сили, кои овој пат вулгарно се однесуват кон земјите кои не сакаат да бидат зависни од нив.

Се прашуваме зошто оваа судбинска 2003 година наместо да ја пречекуваме со последиците од извалканата војна, да ја пречекаме со човековата љубов и мир. Зошто не се обидеме тероризмот да го замениме со радост и божја благодет?! На човештвото не му се потребни и други војни, други страдања, други протерувања од родните огништа! На човештвото не му се потребни веќе солзи, не му се потребни веќе маки и страдања, зашто целта на неговиот живот е вечно да ја бара среќата и радоста. Да ги заборавиме сите непријателства, сите омрази, сите лошотилаци во новото лето Господово 2003 и да живееме во мир и во благосостојба. Да се потрудиме со сите наши сили, со сите средства да создадеме такво општество, такво место под небото во кое најскапоценото нешто ќе биде Тој - Човекот!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"