о кога ќе се учиме на грешките по
сопствена вина и кусогледост, зашто додека се свестиме, ќе мора скапо да ги
платиме. Народот ни крив ни должен, поради споредната улога секогаш е
статист и секогаш е должен кон својот владетел кој не си ги признава
грешките и кусогледоста...
Дека денот се познава по утрото се докажало не еднаш како вистина, но
нашето секојдневие е се помрачно и тажно.
Сметавме дека со самото осамостојување и впрегнување во повеќепартискиот
лавиринт и систем, многу лесно ќе оформиме стабилна и просперитетна држава.
Но, народот и поговорката велат: Домашниот есап на пазарот не ујдисува.
Цената на новото честопати е многу поскапа. И како што си е редот, се
осамостоивме, си избравме влада, парламент и ред други правни институции се
со единствена цел - утре да ни биде подобро. Но, не одеше се според планот,
работата запна и откога се истрошија силите и куветот, младите неуки, да не
речеме неискусни аџамии, повеќето на возраст помеѓу 30-40 години, се
изгубија во лавиринтот наречен "раководење со државата".
"Што ќе посееш тоа ќе ожнееш" - велат старите, но македонскиот народ
ожнеа: невработеност, стечај, криминал, војни, солзи, поделби... Сега новата
Влада е на потег! Се што треба да направи е да покаже позитивни резултати:
со труд, знаење, квалитет и несебичност да му покаже на овој народ дека
навистина заслужува подобро утре. Личните интереси да ги замени со решавање
на бројните технолошки и социјални случаи. Така, совеста и честа ќе им бидат
чисти пред македонскиот народ. Но, и денес се продолжува со приватизација,
со продажба и затворање на народните капацитети кои некогаш живот значеа.
Новата Влада треба да се учи на грешките од претходната, која остави
неизлечиви последици по македонското стопанство, економија, здравство,
образование... Само така Македонија ќе излезе на вистинскиот пат.
Двата табора од 1990 до 2002 година си донесоа соодветни лични закони по
свој терк, си одредија некакви си апанажи, си предложија норми заради
заштита на нивните лични и утрешни права и сигурно подобро живеење и ред
други бенефиции, заборавајќи на електоратот кој ги предлагаше и кој ги избра.
Заборавија на електоратот кој ги стави на топли, удобни и меки фотелји со
сигурни и високи лични примања, висок стандард, се со една цел - да му го
подобрат животот и стандардот. Но, македонскиот народ грдно се излажа.
Имајќи ги предвид силните политички субјекти во оваа мала македонска
држава, однапред се знаеше кој ќе дојде на "престолот". Па, така не
заборавајќи ги претходните грешки и секако искуството, првата гарнитура
повторно дојде на чело и го зеде приматот да владее во ова парче земја, а
како што ветуваат утре ќе потече мед и млеко. Ако така биде, нема место да
не ги прогласиме за народни херои. Дека народот има трпение и овој пат ќе
покаже, но дека силите му се при крај, тоа и несомнено. Мораме да се
присетиме на поговорката: "Кучињата си лаат, карванот си врви". Нашите млади
политичари се потрошени и амортизирани со своите 40-50 години возраст што е
причина народот наш изнапатен и изморен во последните 12 години постојано да
се запрашува: Кој владее и како владее во Македонија?