осподине Претседателе,
господине Премиер,
Во последно време прашањето за "разликите во името" со Грција нагласено
ја заинтригира македонската јавност. Информирани сме дека господин Иван
Тошевски, досегашниот македонски претставник на "средбите" по темата за "разликите
во името" со грчкиот претставник, е сменет. Веднаш напоменувам дека какви
било "средби" и какви било именувани дејствија врзани со "разликите во името",
за мене се вонинституционални и спротивни на меѓународните норми за заштита
на човековите права, затоа што моето име, како на поединец, е мое
неприкосновено право, како што и името Република Македонија е неприкосновено
право на државата. Освен тоа, во индивидуалниот идентитет на поединецот (Коле
Мангов, Бранко Црвенковски итн.) е вклучен и неговиот национален идентитет
кого Грција го оспорува преку оспорувањето на историското име Македонија.
Затоа секое засегање во името на Република Македонија е повредливо за
достоинството, честа и угледот на секој поединец (Коле Мангов, Данило
Глигоровски итн.) и за националниот колективитет врзан за тоа име. И не смее
да биде предмет на какви било "средби", макар и "договорени" со некава "спогодба"
меѓу некои "страни".
Се разбира, вие сега не можете во основа да ја промените воспоставената
практика. Но, јас ви обрнувам внимание на индивидуалниот пристап во одбрана
на името од аспект на заштитата на човековите права. На почетокот на јуни
1992 година на една средба на невладини организации во Суботица, Југославија,
го сретнав сегашниот грчки министер за надворешни работи Јоргос Папандреу со
еден Грк, дипломиран историчар на белградскиот Универзитет, кој знаеше
српски јазик. Почнавме расправа. Тие ја оспоруваа употребата на зборот
Македонија во уставното име на државата. По неколку реплики, јас им се
обратив: "Дали оспорувањето на именката "Македонија" во името на државата
значи дека кога ние Македонците пееме револуционерни и комитски песни кои
вообичаено завршуваат со таа именка треба да ја прекинеме песната и да не го
изговориме зборот "Македонија"? Историчарот зина уста да каже "Да", но
јазикот му остана пресечен, а господин Папандреу го напушти разговорот. Тоа
е едно мое искуство како почнав да го бранам името Македонија. Господин
Тошевски не не извести како го бранел името во "средбите" со грчкиот
претставник.
Поаѓајќи од грчката агресија против името Македонија, значи, ние треба да
го избришеме тотално тоа име во сите негови облици. Со оглед дека поради
грчката агресија го сменивме знамето со шестнаесетзрачното сонце, по грчката
логика, во Македонија треба да се отстранат шестнаестзрачните сонца од сите
македонски цркви и од украсите на македонските носии и секаде каде што тоа
постои. Така, до уништување на Македонија и нејзината историја и култура.
Поаѓајќи од горните наводи и од чувството и оценката за повредливоста од
употребата на "референцата" за именување на Република Македонија, јас на
Нејзината Екселенција Медлин Олбрајт, државен секретар на САД за надворешни
работи, & го упатив писмото од 26 февруари 1998 година. По приемот на
писмото претставниците на САД исклучиво, освен во ООН, го употребуваат
уставното име на Република Македонија. На 18 март 1998, заменикот на НЕ
Медлин Олбрајт, господин Строуб Талбот во својата беседа во МАНУ исклучиво
го употребуваше уставното име на Република Македонија при што особено беше
горд. На 31 март амбасадорот на САД, Николас Барнс, среде Атина ги избезуми
Грците употребувајќи го уставното име Република Македонија. Во "Нова
Македонија" од 10 март Генералниот секретар на ООН Кофи Анан, кому, исто
така му го упатив писмото, се извинува поради употребата на "референцата".
Господине Претседателе и господине Премиер, сметам дека е конструктивно
службите во МНР да направат извесен преглед на именувањето на Република
Македонија од страна на претставници на САД и на други држави до приемот на
моето писмо во почетокот на март 1998 година и по неговиот прием. Од тој
преглед би се извлекле извесни согледувања. Во согласност со тоа би се
определиле извесни постапки кон претставниците на државите кои Република
Македонија ја признале и ја именуваат со "референцата", кон барање за
исклучување на "референцата" поради нејзината повредливост и признавање на
Република Македонија со нејзиното уставно име. На ова место укажувам на
деликатноста на темата за повредливоста на "референцата" која би се
третирала со тие претставници во смисла на повреда на човековите права на
Македонците како поединци и како колективитет. Во ретките пригоди на
разговари со странци мене таа тема ми одела. Откако нашите претставници би
успеале со претставници на значителен број членки на ООН од нив Република
Македонија да биде именувана и да се смета за призната со уставното име,
нашата дипломатија знае што да направи во ООН.
На ова место ред е да споменам дека во едно обраќање, сега не се сеќавам
до кој меѓународен фактор, со особено внимание сум укажал дека Грција
агресирајќи ја Република Македонија ги инструментализира претставниците на
другите држави да им ги повредуваат човековите права на Македонците.
Подвлекувам, ова укажување особено внимантелно сум го сторил. Но, тоа може
да се применува.
Во прилог за премиерот го доставувам моето писмо до претседателот на
Европската комисија на ЕУ, г. Романо Проди, од 20 февруари 2001, во кое
укажувам дека заради заштита од повредливоста на употребата на "референцата"
од страна на претставници на ЕУ, јас би требало да поведам постапки пред
надлежен суд и дека не треба да се користи мојата незавидна материјална
положба која ме исклучува од можноста за поведување такви постапки, за да ми
се нанесуваат повреди со употребата на "референцата". На Премиерот му
доставувам и одговор од Кабинетот на г. Романо Проди од 1 март 2001. Инаку,
писмото и одговорот сум ги доставил до Вас, господине Претседателе кон моето
писмо од 18.04. 2001, како знак дека кон сопствените граѓани треба да се
однесувате сообразно со однесувањето на европските државници. Но, Вие не го
следевте примерот на г. Романо Проди. Нејсе.
Од своја страна, Вие господине Премиер во своето пристапно премиерско
експозе ја споменавте својата отуѓеност од народот. Проверката за слевање со
народот Ви претстои.
Инаку, нормативна основа за заштита од повредливото однесување на Грција
и на меѓународните фактори во врска со името на Република Македонија кон
мене како поединец, кон Македонците како поединци и како колективитет,
наоѓам покрај во моите толкувања на повредливоста врз основа на највисоките
акти на меѓународната заедница, и во писмото од Комисијата за човекови права
на Совеот на Европа од 12 март 1997 (прилог подолу). Јас не знам во тоа
време какво именување употребуваше Советот на Европа во комуникацијата со
надлежните органи на Република Македонија. Како што се гледа од писмото,
Советот на Европа со мене комуницира со уставното име на Република
Македонија. Тука е местото да напоменам дека е повредливо Грција да ја
именува Република Македонија со "договорено" име. Употребата на какво било "договорено"
име од страна на Грција, мене како поединец ме исклучува од основата за
поведување судска постапка пред надлежен суд за заштита од повредливоста на
употребата на тоа "договорено" име од страна на Грција. Во случај на
прифаќање на какво било "договорено" име од страна на македонските надлежни
органи, на повредениот Македонец како поединец не му останува ништо друго,
тука за својата повреденост да поведе судска постапка против Република
Македонија.
Го приложувам и моето писмо до премиерот Георгиевски од 19.02. 2001
година во кое укажувам дека претседателот Глигоров во одбрана на името "недоволно
го изразувал македонскиот национален идентитет", а премиерот Георгиевски го
"проблематизирал македонскиот национален идентитет". Во претстојната битка
во одбрана на името треба да му се даде внимание и на аспектот на
изразувањето на македонскиот национален идентитет. Тука има место за третман
на темата за меѓупартиската политизација на одбраната на името.
Политизацијата е апсолутно штетна за одбраната на името и за човековите
права на Македонците како поединци и како колективитет. Таа тема тука ја
одминувам, а умесно е да укажам дека во мојата книга "Во одбрана на
македонскиот национален идентитет" (1998), меѓу другото се занимавам и со
аспектот на изразувањето на македонскиот национален идентитет во функција на
одбрана на уставното име на Република Македонија. Меѓутоа, на мојата книга
ниеден македонски медиум не & даде внимание. Веројатно затоа што не сум ни "нивни",
ни "нивни".
Господине Претседателе, господине Премиер, јас имам доставено бројна
документација од Здружението "Достоинство" до надлежните органи во функција
на одбрана на името. Доколку покажете кооперативност со мене врз основите на
документацијата врзана со моите наводи и толкувања да го браните името на
Република Македонија, ќе се потрудам и писмата со кои е доставена таа
документација да ви ги доставам за да ја пронајдете истата и да ја ставите
во функцијата за која е наменета, а дел од истата во иднина би ви предал. Во
есента 1996 година тогашниот министер за надворешни работи, Љубомир
Фрчковски, ми побара дел од таа документација во повеќе комплети со по девет
документи во функција на поддршка на претстојот на претседателот Глигоров во
ООН, при што дел од тие комплети беа доставени до претставниците на државите
членки на Советот за безбедност, и секако до Генералниот секретар на ООН.
Господине Претседателе, господине Премиер, доколку по ова мое обраќање до
вас покажете отуѓеност од мене како кон еден простосмртник од народот, не ќе
ме изненадите. Во секој случај ова писмо ќе го доставам и до министерката за
надворешни работи, госпоѓа Илинка Митрева.