|
КУЛТУРА
Публикација на Благоја Атанасоски за цртежите на фрески од "Св. Никола" -
Слепче, Прилепско
МАЛА ЦРКВА БОГАТА СО ФРЕСКОЖИВОПИС
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Сознанијата за историјатот на манастирската црква се многу сиромашни,
меѓутоа иконите коишто останале ни говорат за "живеењето" на
христијанството во Прилепско.
- На дел од фрескоживописот забележлив е потписот на еромонахот Сергија
кој бил и игумен во овој манастирски комплекс
.
В о "Галеријата на икони" беше
промовирана публикацијата "Цртежи на фрески од црквата 'Св.Никола" од селото
Слепче" од Благоја Атанасоски. Ова е прво издавачко дело на Музејот и Завод
Прилеп во кој авторот Атанасоски е вработен како виш конзерватор.
Оваа публикција изобилува со бројни цртежи на фрески од црквата "Свети
Никола" на кои се илустрирани три значајни теми Богородичниот акатист,
Маките Христови и Големите празници.
ДВА НАТПИСА
Манастирот посветен на Свети Никола се простира над селото Слепче,
Прилепско. Црквата која се наоѓа во манастирскиот комплекс била изградена во
1673 година од страна на еромонахот Михаил, но се спомнуваат и имињата на
повеќе еромонаси и монаси кои се забележани на натписот врз мермерната плоча
вградена во нишата на проскомидијата. Во текстот на д-р Димитар Ќорнаков,
кој се наоѓа на страниците на публикацијата, се открива историјата на оваа
манастирска црква која за жал е многу сиромашна и непозната. Во него, д-р
Ќорнаков посочува дека постои и друг натпис над влезот од црквата од
внатрешната страна кој пак вели дека црквата била соѕидана и зографисана во
1674 година. Понатаму во натписот е забележано дека ктитори на црквата биле
игуменот на манастирот "Свети Никола", Сергија еромонах, Никифор еромонах и
Кирил монах, Јаникија монахиња и повеќе световни лица. Според д-р Ќорнаков,
манастирската црква не била доволно проучена со исклучок на мали и скудни
податоци во литературата.
Еден од натписите над влезната врата во наосот
Натпис од проскомидија (олтар)
Деисиз каде Исус Христос седи на трон
Црквата "Св. Никола" е мала, еднокорабна, типичен пример на црква од
XVII век во
Македонија. Фасадите се без декорации, покриена на две води, со мали отвори
на источната и јужната страна и со единствен влез на западната страна.
Внатрешните ѕидови на црквата се покриени со фрескоживопис во 1674 година, а
најверојатно зографите на фреските се самите ктитори, игуменот на манастирот,
еромонахот Сергија и неговиот ученик еромонахот Михаил.
ИЛУСТРАЦИИ
Јужно од влезот во црквата во прва зона се насликани двата ктиторски
портрета кои го држат моделот на црквата и пригоден текст во кој се спомнува
годината на изградбата и осликувањето на црквата како и имињата на ктиторите
Сергија и Михаил. Живописот во црквата е поделен на три зони и еден фриз во
наосот и повеќе фигури и други илустрации во олтарниот простор. Во првата
зона на наосот, на јужниот ѕид, значајно место зазема секако патронот на
црквата Свети Никола претставен како седи на архиерејски стол. Пандан на
оваа фреска на северниот ѕид е прикажан Деисиз каде Исус Христос седи на
трон, а лево и десно од него се Богородица и Св. Јован Претеча. Првата зона
ја исполнуваат мноштво фигури во цел раст; светите ратници, испосници и
маченици, двата Архангела и народните лекари - врачари Кузман и Дамјан како
и цар Константин и царица Елена. Сцените и композициите на Богородичниот
акатист претставени се на јужниот и северниот ѕид од втората зона. Зографите
насликале 23 сцени од вкупно 25 строфи што ги содржи Акатистот, односно
поделени се на 12 икоси и 11 кондаци. Изоставени се Благовештението второ и
Опсадата на Цариград. Христовите маки како циклус се илустрирани во третата
зона на јужниот и северниот ѕид - Христос пред Пилат, Исмејување Христово,
Носење на крстот, Качување на крстот, па се до Воскресение Христово и
Неверството Томино кои завршуваат во олтарниот простор. Големите празници и
претходниот циклус почнуваат од олтарниот простор на јужниот ѕид во
четвртата зона и завршуваат на северниот ѕид. Илустрациите започнуваат со
композицијата Рождество Христово и завршуваат со Воскресение Христово на
северниот ѕид во олтарниот простор на четвртата зона. Олтарниот дел го
исполнуваат светите архиереи на Божествената литургија, Богородица Ширшаја,
Причествувањето на апостолите и светите архиѓакони, а во проскомидијата е
претставен Христос мртов. Иконостасот претставува богато резбарско и
иконописно остварување, а свој потпис на резбарските и сликарските работи на
царските двери оставил игуменот на манастиорот еромонахот Сергија. Исто така
престолните икони Богородица со Христос и Исус Христос, како и чинот на
12-те апостоли се изработени во време на споменатиот игумен Сергија.
Секако како и секој манастирски комплекс и тука се сочувани постарите и
обновени конаци.
Цртеж на фреска "Раѓање Христово"
(III свод - јужна страна)
Дел од живописот на арките од лаците на нишите
|