|
КУЛТУРА
Промовирана нова книга на д-р Ристо Кирјазовски
ГОЛЕМОТО ДЕЛО НА ВАНГЕЛ АЈАНОВСКИ - ОЧЕ
Пишува: Милева ЛАЗОВА
- Д-р Кирјазовски темелно го истражил животниот пат на овој наш великан
и во неговата книга мошне илустративно на читателот му го доближил
револуционерното и патриотско дело на Вангел Ајановски - Оче.
- Животниот пат и борбата на Вангел Ајановски - Оче може да послужат
како пример и патоказ како треба да се воспитуваат идните македонски
генерации.
- Иако бил изложуван на големи лични опасности, апсења, прогонувања,
закани, Вангел Ајановски - Оче ни во еден момент не се поколебал ниту пак
се откажал од неговата револуционерна борба.
В о организација на Институтот за
национална историја и Агенцијата за интелектуални услуги "Академик", во НУБ
"Св. Климент Охридски" во Скопје беше постхумно промовирано монографското
издание "Вангел Ајановски - Оче" од сега веќе покојниот д-р Ристо
Кирјазовски.
Изданието го претстави д-р Новица Велјановски, кој меѓу другото истакна
дека историските и преломните периоди отсекогаш исфрлуваат на површина
личности кои изразувајќи ја желбата и стремежот на својот народ и вдахновени
од нив, застануваат на чело на неговата борба и играат значајна улога во неа.
ПРИДОНЕС
Една од плејадата такви личности кој непоколебливо застана на чело на
национално-ослободителната борба на Македонците од егејскиот дел на
Македонија и даде голем придонес во неа е Вангел Ајановски - Оче. Со оглед
на тоа што значењето и дејноста на Вангел Ајановски - Оче се однесува на
целата територија на овој дел од Македонија, според расположливата
документација, многубројни сеќавања и изјави на негови соборци и соработници,
јасно се потврдува оцената дека улогата, местото и придонесот на Вангел
Ајановски - Оче, во национално-ослободителното и антифашистичкото движење на
Македонците во егејскиот дел на Македонија е големо.
ПАТРИОТ
Така, во предговорот на книгата авторот Кирјазовски ни појаснува каква
личност бил Вангел Ајановски - Оче. Д-р Кирјазовски потенцира дека Оче уште
од своите најрани години застанал во одбрана на националните и социјалните
права на македонскиот народ и несебично се борал за остварување на неговите
желби и стремежи. Тој бил член на партијата, секретар на Општинскиот комитет
на КПГ во Воденско, основач и раководител на македонските национални
организации МАО (Македонска антифашистичка организација) и ТОМО (Тајна
ослободителна македонска организација), раководител на комунистичка воена
организација на Македонците во Воденско.... и уште многу други функции кои
придонеле во реализирање на тоа големо дело. Притоа тој се изложувал на
големи лични опасности, апсења, прогонувања и закани. Но, тие не биле пречка
тој заедно со уште Македонци истомисленици отворено да & се спротивстави на
погрешната политика и практика на раководството на КПГ по македонското
национално прашање, барајќи таа да се напушти и да стане доследна и
принципиелна во однос на македонската национална борба. Сметајќи дека
резолуцијата на Информбирото е погрешна, неоснована и штетна за
комунистичкото движење и дека Сталин направил крупна грешка за борбата на
грчките и македонските демократски сили, тој и тука меѓу првите отворено го
изразил своето несогласување.
Д-р Кирјазовски темелно го истражил животниот пат на овој наш великан и
во неговата книга мошне илустративно на читателот му го доближил
револуционерното и патриотско дело на Вангел Ајановски - Оче.
|