|
КУЛТУРА
Проект на Младинскиот културен форум од Свети Николе
ВО КРУГОТ НА БЕЛАТА СМРТ
Пишува: В. ГОЛУБОВА
- "Бела смрт" е драматична приказна за стравотиите на нарко-пеколот, за
последиците што ги носи ова општествено зло.
- Младите артисти, исклучиво младинци, внесувајќи се себеси целосно во
своите улоги и слушајќи го внатрешниот творечки инстинкт, како да сакаат
да го убедат гледачот дека нема полесна работа од тоа да се биде артист.
Д ека творечкиот дух не признава
провинцијална психологија најдобро сведочи театарскиот проект "Бела смрт" во
реализација на Младинскиот културен форум од Свети Николе. Овој фрапантен и
секако најдобар драмски текст на Методи Манев не само што ја "раздрма"
културната жабокречина на малото гратче и стана вистински хит, туку понуди
авторски и артистички остварувања кои, без никакво претерување, значат
значајно остварување во вкупното театарско живеење во Македонија.
"Бела смрт" е драматична приказна за стравотиите на нарко-пеколот, за
последиците што ги носи ова општествено зло. Авторот, заедно со својот
колега - корежисерот Ѓорѓи Стојанов, имајќи зад себе огромно творечко
искуство, не запливал во водите на блутникавоста и дневнонаменската цел,
туку успеал извонредната материја да ја издигне на високо уметничко ниво и
да понуди емотивно набиена, несекојдневна и одлична театарска претстава.
Вешто движејќи се по границата на сонот и јавето, на привидот и физичкото
дејствие, помеѓу животот и смртта, со виртуозност мешајќи ги времето и
просторот, Манев нуди приказна што го одзема здивот. Истовремено младите
артисти, исклучиво младинци, внесувајќи се себеси целосно во своите улоги и
слушајќи го внатрешниот творечки инстинкт, како да сакаат да го убедат
гледачот дека нема полесна работа од тоа да се биде артист. Во тој контекст
долго ќе се паметат остварувањата на носителите на главните улоги - Јулијана
Андонова и Тања Павлова, емотивни, природни, нескротливи. Треба да се
одбележи и настапот на преостанатите актери - успешните трансформации на
Благица Донева и Фросина Манева, високиот творечки потенцијал на Зоран
Тодоров, како и успешното деби на Дарко Ефтимовски и Никола Ристевски и,
секако, успешните балетски креации на Кристина Ласовска и Ангела Апостолова.
Вкупниот впечаток го заокружува мошне оригиналната сценографија на Ванчо
Насков и успешниот музички избор и кореографиите на Влатко Јевремов, како и
успешните сценски (светлосни и звучни) ефекти. Се на се Проект што заслужува
да биде виден и надвор од Свети Николе.
Проектот е финансиран од Институтот Отворено Општество Македонија.
|