ИНТЕРВЈУ

Благица Павловска, интерпретатор на новосоздадена македонска песна

"ЛАВИЦАТА" ПОВТОРНО СЕ ВРАЌА

Разговарал: Мишко ТАЛЕСКИ

  • Песната е мојата душевна храна, таа ме поткрева, ме исполнува. Работам со душа, беспрекорно си ја сакам професијата, имам сериозен пристап кон неа.
  • Во годинава што претстои апелирам луѓето да си посветат себеси малку поголемо внимание. На сите им посакувам среќни новогодишни и божиќни празници, на сите Македонци овде и во дијаспората. Им препорачувам да ја сакаат оваа земја како што таа нив ги сака.

Велат - богатството на еден народ се состои во неговиот духовен капацитет, во способноста да ја исполнува душата на начин како што никогаш не би можело материјалното. Велат - богат е оној кој има полно срце, кој преку песната, преку рефренот го проодува животот и го доведува близу до совршенство. Македонската песнопојна ризница има традиција и широчина поголема од која било друга.

Корените се длабоки, низ вековното милје, некогаш газено, одродувано, препејувано. Денешните генерации со сета почит кон исконскиот фолклор доследно одат по чекорите на основоположниците на македонската музика. Едно од нашите најврвни, најавтентични и најпрепознатливи имиња на современата македонска естрада е секако "лавицата на сцената" како што многумина ја нарекуваат нашата Благица Павловска.

Таа веќе одамна не го бара своето место на естрадата, таа е цврсто закотвена во немирните води на нашата музика. Нејзината неприкосновеност & овозможи да биде сакана и почитувана од секого, да ги разбранува душите на сите од 7 до 77. Деновиве таа ги собира последните атоми и молекули за закрепнување по немилиот настан кој & се случи пред четириесетина дена на патот за Охрид кога возилото во кое се наоѓаше излета од патот при што Благица и нејзиниот возач беа повредени. За среќа, бидејќи како што вели самата Господ ја чувал, таа се чувствува сосема добро, ја најдовме во тивка и спокојана семејна атмосфера, ги полнеше и последните клетки за настап за новогодишните и божиќните празници. Вели - како никогаш досега е жедна за песна, за нов контакт со публиката.

ЛЕК ЗА ДУШАТА

МС: Вие сте име на естрадата кое чекори полни десет години што би рекле официјално, поткрепени со медиумските настапи, иако и пред тоа вашите настапи палеа и жареа на многу места пред голема публика. И дури сега за првпат наоѓате простор за одмор од неколку недели, за жал, принуден по она што Ви се случи. Како ги доживеавте сите овие турбо-случувања?

ПАВЛОВСКА: Навистина не очекував некогаш мене ова да ми се случи, но знаете животот е таков, не можете да претпоставите каде утре ќе ве одведе. Не можев да претпоставам дека речиси четири недели ќе ги одлежам во болнички кревет, бидејќи не сум личност која седи на едно место, но покрај вистинските пријатели, покрај сите мои блиски, навистина времето ми прелета дури да трепнеш, за миг. Не се плашев од она што ми се случи, знаев дека има сила во мене која повторно ќе ме застане на здрави нозе. Волјата што ми ја дадоа пријателите, колегите и моите роднини, мојата верна публика беше пресудна да не западнам во депресија. Но, не сум таква жена која на работите гледа црно затоа што самите ние треба да направиме животот да ни биде повесел и посреќен. Имам голема верба во Бога, во Св. Петка, секогаш ја носам со себе и можеби ме заштитија и не ме однесоа на оној свет. Сега тоа е зад мене и одам напред.

МС: Да се вратиме на оптимистичките теми, на она што е Ваша животна и професионална преокупација - музиката. Пред извесно време Вашите обожаватели и љубители на новосоздадената македонска песна добија два подарока одеднаш, два носачи на звукот со жанровски различни теми и несекојдневни текстови. Некои велат не е добра хиперпродукцијата и постојаното снимање нови песни. Наспроти тоа, Вие почесто творите и создавате. Зошто таков начин на работа кој се одвојува од работата на преостанатите музички имиња?

ПАВЛОВСКА: Знаете, песната е мојата душевна храна, таа ме поткрева, ме исполнува. Работам со душа, беспрекорно си ја сакам професијата, имам сериозен пристап кон неа. Секое време носи нешто ново, некоја интересна случка, дали е тоа општата ситуација, дали е љубовта и слично. Кога ќе добијам добра песна која знае да ме погоди в срце, не размислувам многу околу тоа дали ќе ја снимам или не. Решавам во истиот момент. Трендот во музиката постојано се менува, аранжманите добиваат современ и поинаков призвук од досегашните. Јас го следам сето тоа и секогаш на публиката & нудам нешто ново, различно од досегашното, а и таа тоа го очекува од мене. Еве, следната година имам план за уште една турнеја низ Австралија и таму публиката бара нешто ново, поразлично и од овие последни два компакт-диска. Јас не сакам да им останам должна.

МС: Како интерпретатор ги преферирате сите музички жанрови. Успешно знаете да донесете забавна балада и патриотска песна и оние изворните, но некако публиката како да Ве препознава по рефрените со ориентален призвук. Која е вистината?

ПАВЛОВСКА: Во право сте, ориенталната музика знае вистински да ме поткрене, таа ми дава позитивна енергија, најдобро знам да ја почувствувам, иако и преостанатите жанровски остварувања ми се драги. Еве, на пример, песната "Љубов врела" за која текстот го напишав самата е песна од мој калибар. Преку таа песна јас сум јас, знам најдобро да ја раздвижам мојата публика.

МС: На поголем дел од песните се појавувате како автор на текстовите. Ќе откриеме ли дел од насловите?

ПАВЛОВСКА: Да, кога ќе добијам добро направена музика која ќе ми влезе во душата, инспирацијата за стиховите е многу поголема. Знам да ја почувствувам мелодијата и нејзе можам да & создадам сродни зборови кои ќе дадат еден извонреден спој. Така се родија "Магија", "Нема веќе љубов", "Каде после мене", "Чукај срце", "Полицајци", "Пијана од љубов" и многу други.

ВЉУБЕНИК ВО СВОЈОТ НАРОД И ЗЕМЈА

МС: Некако најблиски до публиката се оние наменските песни, а во Вашиот репертоар има навистина многу.

ПАВЛОВСКА: Има и тоа со различна тематика: "Добро утро Македонијо", "Битола", "Сполај ти мајко Илино" посветана на мојата мајка која избегнувам да ја пеам поради емоциите кои ми навираат и многу други. Знаете, и тие се печат на едно време. На пример, песната "Вратница" од последниот материјал е исклучително наменска, посветена на селото со печалбарска традиција. Таа песна веќе си го најде своето место пред се кај луѓето кои потекнуваат од тој крај, а сега се наоѓаат во далечната Америка. Народот навистина сака да чуе вакви песни.

МС: "Лисичаните комитите", "Те сакам земјо црвена булка", "Кај село Вејце" се само дел од испеаните рефрени за Македонија, за трагедијата која му се случи на македонскиот народ. Велат, Благица е голем патриот и поради тоа ги испеа овие песни.

ПАВЛОВСКА: Точно е дека сум голем патриот, си ја сакам оваа земја па каква сака нека биде. Имав можности кариерата да ја водам на други места, на други континенти, во поинакви услови од овие во Македонија. Но, јас каде и да заминев, повторно се враќав. Оттука, на публиката & ја испеав "Сегде појди, дома дојди", зашто дома си е дома. Минатата година кога бев на турнеја во Австралија почнаа да се случуваат работите во земјава. Тоа мене страшно ме погоди. Таму во Австралија ми велеа да останам, каде ќе се враќам кога таму се пука и убива. Но, мојата душа беше во Македонија, тука е моето семејство, пријателите, тука е мојот живот. Кога се вратив, настанот во Вејце веќе се беше случил. Текстот за песната кој го напиша Томислав Которчевиќ не може никого да го остави рамнодушен. Со оваа и слични песни му се оддолжувам на мојот народ и на мојата земја. На таков начин можев и јас да & помогнам на Македонија во тие моменти. Мислам дека не згрешив.

МС: Да проговориме сега за една чувствителна тема - фестивалите. Учествувате на нив, песните брзо стануваат мега-хитови. Но, наградите некако Ве одбегнуваат и одат во сосема други раце. Ќе ги споменеме само "Не можам да те заборавам", "Мораш душо да ме разбереш", "Песна за градовите" - големи хитови, но без слух за организаторите?

ПАВЛОВСКА: Фестивалите веќе не се предизвик за нас, естрадните уметници. Има исклучоци, се разбира. Но, јас не одам на фестивали за да освојам некоја награда, не одам на фестивалите за да победам. Одам само за да испеам добра песна, за да ја задоволам мојата публика. Веќе се трудам секоја нова песна да биде комерцијална, да не служи само за еднократна употреба. Отсега јас бирам каква песна ќе испеам на фестивалите, не дозволувам некој да ми бира што апсолутно не се совпаѓа со професионалниот пристап кон работата. Утре тие песни треба да ги пееме пред друга публика, не само пред фестивалската која многупати е одбрана. Јас можам цела вечер да пеам балади и сето тоа да биде професионално изведено од моја страна без ниту една грешка. Но, публиката од мене очекува да ја кренам на нозе, не дозволува да ја манипулираш, не дозволува да си поигруваш со неа. Ако те засакаат како пејач, ако допреш до нивните срца, тогаш си го постигнал вистинскиот ефект и си дошол до целта.

МС: Пред нас е 2003 година. Поминавме уште една година исполнета со предизвици, убави и лоши денови, среќни и тажни моменти. Кој е Вашиот рецепт за посреќен и поспокоен живот, а воедно и Ваш апел до читателите на нашиот неделник?

ПАВЛОВСКА: Пред се здравје. Животот е напнат, депримирачки, сите се бориме што повеќе да оствариме, но треба малку повеќе себеси да си обрнеме внимание, да не се запоставиме. Духовната исполнетост е над се, материјалното е минливо, иако и тоа ни е неопходно во нашето живеење. Парите секогаш се причина за да трчаме некаде, не сме смирени, не сме релаксирани. Човечкиот организам навистина е силен и издржлив, но истовремено кревок и слаб. Во годинава што претстои апелирам луѓето да си посветат себеси малку поголемо внимание. Да не се оптоваруваат оние што немаат во споредба со оние што имаат. На сите им посакувам среќни новогодишни и божиќни празници, на сите Македонци овде и во дијаспората. Им препорачувам да ја сакаат оваа земја, како што таа нив ги сака.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"