Македонските сили виновни за инцидентите

Министерот за јавен ред, Луан Рама, пред пратениците во албанскиот Парламент изјавил дека се до септемвриските избори во Македонија состојбата на албанско-македонската граница била нарушувана од македонските безбедносни сили. Нарушувањето се темели на низа иницирани провокации од македонска страна, а во не мал број случаи е исползувана наивноста и неодговорноста на албанските граѓани во почитувањето на законите и правилата на граничниот режим.

Министерот Рама исто така ги информирал албанските пратеници за средбите што ги имал со структурите на НАТО и со другите специјализирани структури кои ги набљудуваат регионалните проблеми на кои им било предложено да извршат влијание врз македонските власти. Влијанието би се состоело во тоа границата да ја обезбедува полицијата, а не војската, бидејќи тоа било во рамките на европската практика.

Косово и Албанија една држава?!

Како што објавува албанскиот дневен весник "Коха Јоне", косовската партија "Народно движење на Косово" испратила декларација до албанското Собрание за обединување на Косово и Албанија во една држава. Меѓутоа, политичарите во Република Албанија сметаат дека оваа идеја е анахрона.

Македонската економија не е розова

Според извештајот на Европската комисија за економската состојба во регионот на Западен Балкан е наведено дека сликата за Македонија на овој план не е розова. Ваквата ситуација & се припишува пред се на минатогодишната криза. Инаку, во извештајот во кои се опфатени земјите од Западен Балкан (поранешна Југославија без Словенија) се поместени последните макроекономски односи на Унијата со овој регион.

Визниот режим за Романија одложен

Став на Министерството за надворешни работи на Македонија е дека воведувањето на визниот режим со Романија во согласност со романската страна е одложено за 15 јануари 2003 година. Целта на одложувањето е да се избегнат извесни тешкотии со кои би се соочиле граѓаните на двете земји кои за новогодишните и божиќните празници би минувале низ Македонија и Романија.

Шанса за решавање на спорот со името

Според оценката на американскиот весник "Вол стрит џурнал" Грција би можела да го искористи шестмесечното претседателство со ЕУ за да стави крај на апсурдниот спор со Македонија, која "благодарение" на Грција сега е позната како FYROM. Грција во јануари ќе стане претседавач на ЕУ, во време кога Унијата ќе ја преземе воената мисија во Македонија.

Спојување на Дунав со Егејско Море?

Идејата реката Дунав преку Морава и Вардар да се спои со Егејско Море која е стара повеќе од 100 години повторно е актуелизирана од страна на проф. д-р Ненад Милеусниќ од Универзитетот во Белград. Професорите од Институтот за архитектура и урбанизам на Србија се сигурни дека овој пловен пат ќе биде реализиран, меѓутоа не во блиска иднина.

Заробени вагони на грчката граница

И од едната и од другата страна на македонско-грчката граница стојат заробени дваесетина вагони натоварени со вино и со нафтени деривати за Косово. Но, на оваа граница стои и најразлична стока која се транспортира за и од Грција кон западноевропските земји. Овој застој е последица од штрајкот на Македонски железници кој исто така го прекина и извозот на вино од винарските визби во Гевгелија.

Македонски весник во Романија

Здружението на студентите од Република Македонија во Романија го издадоа првиот број на весникот - месечник "Македонија утре". Весникот има за цел подобро да ги запознае романската и пошироката јавност со активностите на Здружението, но и дополнително презентирање и афирмација на културните и други вредности на Република Македонија.

Дефицитот со ЕУ трипати поголем

Претседателот на Стопанска комора, Душан Петрески, оценил дека резултатите од работењето на стопанството во 2002 се крајно негативни.

Индустриското производство постојано опаѓаше, нивото на покриеност на увозот со извоз беше под планот и трговскиот дефицит ќе изнесува над 700 милиони долари. Дефицитот со ЕУ годинава е три пати поголем отколку лани, вели претседателот Петрески.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"