а Национална платежна картичка од
поодамна се зборува, се коментира, се гледа со доза на скепса, но сепак ќе
биде потребно време за истата практично да го надмине нашиот менталитет и
сфаќања!
Како што кај секоја нова работа, категорија, институт и институција се
приоѓа со внимателност, така и кај паметните (платежни, н.з.)
картички и нивната употреба се изразува сомнеж, со приговор дека не постои
100 отсто заштита при нивната примена. Но, сомнежот не може да го запре
виорот што го носат паметните картички и модалитетите за нивното користење,
констатира во својот напис "Визија и реалност" за Националната платежна
картичка, авторот Кики Мангова - Поњавиќ од Правниот факултет "Јустинијан
први", Скопје, објавено во стручното списание "Правник".
Да бидете должен значи некој постојано да се моли на Господ за вашето
здравје, па макар тоа да се само доверителите, забележана е поговорката
на авторот во врска со примената на НПК.
ИСТОРИЈАТ
Денес во светот во услови на глобализација на економијата владее општа
тенденција за се поголема примена на платежните таканаречени паметни - смарт
картички - парични картички наместо готови пари. Паметните картички во
современ облик и дизајн пронајдени во Франција од страна на Роланд Морено во
1974 година се резултат на технолошкиот развој, но воедно се смета дека тие
се само една преодна фаза во технолошкиот развој.
Поимот "платежна картичка" се сретнува во 1887 година во футуристичкиот
роман на американскиот писател Едвард Белами кој прогнозирал дека во 2000
година помеѓу останатите благодети на идниот свет ќе ја спомене и картичката
која ќе служи за безготовинско плаќање. Подоцна во 1950 година американскиот
бизнисмен Франк Макнамара со двајца пријатели основа фирма под име "Дајнерс
клуб". Идејата за ваква фирма се наметнала уште во 1949 година кога
Макнамара по завршувањето на вечерата со пријателите во еден ресторан не
можел да ја плати сметката оти паричникот го заборавил дома. Бидејќи тоа му
се случувало и другпат се зарекол и си ветил дека ќе изнајде практично
решение. Сепак "изумот" на Макнамара засекогаш го измени светот и ги потисна
монетите како платежно средство.
Денес во САД, но и во многу европски земји, место пари се практикуваат
разни видови платежни картички. При тоа услугата е бесплатна, процедурата
едноставна, а предизвикот голем. Но, за жал, за ненавремено измирување на
долговите со камата (на годишно ниво 18-22 отсто) не ретко настапуваат
банкротства, така што постојат и последици од "пластичниот кеш".
ДОМАШНА
Ако се говори за Национална платежна картичка, тогаш платежната картичка
е по својот карактер самостојна и домашна и важи на територијата на земјата
во која е издадена. Токму таков вид картичка е Националната парична картичка
(НПК), што во втората половина на 2002 година скромно доби право на
граѓанство во Македонија. За разлика од самостојните, има и кобренд картички
кои се поврзани со некој меѓународен систем (ВИСА, МАЕСТРО, ЕУРОКАРД и др.).
За нивно користење е потребна лиценца, потенцира Мангова - Поњавиќ.
Се смета дека од 1.01. 2002 година по воведувањето на еврото во 12-те
земји членки на ЕУ посебно по неговото воведување како законско средство за
плаќање во првата четвртина на 2002 година во овие земји, а и во другите
земји членки на ЕУ, како и оние што се стремат за нејзино асоцирање, дека
заради ненавикнатоста за употреба на новата парична единица во кеш,
значително ќе се зголеми примената на платежните картички. Иако во почетокот
тоа е повеќе практична потреба, европските бизнисмени -добавувачи сметаат и
се надеваат дека потребата ќе премине во долгорочна навика.
ЛИЦЕНЦА
Издавачите (банки или други субјекти) на платежните картички за да ја
вршат оваа дејност треба да имаат лиценца од фирмата-издавач. За да се има
платежна картичка речиси без исклучок е потребно да се исполнат одредени
услови, пред се: да се уплати одреден девизен или денарски паричен износ на
име на годишен депозит (во зависност од висината на износот е и видот на
картичката што се добива), како и одреден износ на име годишна членарина (што
е по правило во иста висина без оглед на видот на картичката). Во Република
Македонија неколку комерцијални банки (Стопанска банка а.д. Скопје,
Комерцијална а.д. Скопје, Извозна и кредитна банка и др.) се јавуваат како
издавачи на домашни и девизни платежни картички.
ЗАКОН
Издавањето на платежни картички правно е засновано врз Законот за банки (Службен
весник на РМ бр. 63/00).
Имено, помеѓу преостанатите финансиски активности, што една банка со мало
овластување може да ги врши, во наведениот Закон е и издавањето на платежни
картички (чл. 45, ст. 1, т. 4). Инаку, концептот за системот на НПК правно е
преточен во неколку одредби во Законот за дополнување на Законот за платен
промет (Сл.в.на РМ, бр. 50/01). Најнапред во членот два од наведениот Закон
е утврдена одредба дека покрај преостанатите субјекти наведени во член 14 од
Законот за платен промет како издавач на платен инструмент се наведува и "имателот
на платежна картичка", подвлекува Кики Мангова - Поњавиќ.
СТАНДАРДИ
Конструкцијата на бројот на НПК е пропишан според меѓународните ИСО 7812
стандарди. Банката како издавач на НПК, освен дозвола за издавање, од
Единствениот технички оператор треба да бара да добие дозвола и за
вклучување на системот. За еден субјект да добие НПК потребно е да поднесе
барање со потребна претходно утврдена документација до банката, која
претходно склучила договор со ЕТО. Во име и за сметка на банката, ЕТО ја
изработува картичката и ја доставува до банката која ги определува условите
за користење и времетраење на картичката.
За предвидениот концепт преточен во правната регулатива да може практично
да профункционира, неопходно е да се воспостават не само институционални,
туку и низа реални претпоставки, да се создаде амбиент за целосно
остварување на државниот суверенитет, да завладеат принципите на уставност и
законитост во сите сфери на работењето и живеењето за сите субјекти (пред се
за компетентните државни органи) и на целокупниот простор на Република
Македонија, потенцира Мангова-Поњавиќ.
Во секој случај системот на НПК преставува еден од значајните предизвици
за банките во услови на интензивирањето на електронското банкарство.