На Берзата 76 компании

Одборот на директори на Македонската берза на седницата одржана на 26 декември минатата година донел одлука за котација на официјалниот берзански пазар на уште 33 македонски компании. Тука влегуваат "Тетовска банка", РЖ "Валалница на ленти", "Комуна", "Киро Ќучуќ", "Јака Табак", "Бетон", "Лотарија на Македонија", "Макошпед", "Повардарие" - Неготино, "Реплек", "Европа", "Скопски пазар", АДГ "Маврово", "Тутунски комбинат" - Куманово, "Автомакедонија", "Алумина", "Жито Лукс" - Скопје, "Винка", "Тутун" и други. Со овие 33 фирми досега вкупно се котирани 76 акционерски друштва. Од нив на берзата се тргува со акциите на 4 до 5 компании.

Договор со ММФ

Еден од првите тестови за новата Влада ќе биде постигнување на договор за економска програма со ММФ, кој ќе биде поддржан со стенд-бај аранжман. Република Македонија треба да ја подобри имплементацијата на новата правна рамка и да ги исполни обврските од Привремената спогодба со ЕУ и Рамковниот договор. Од новиот македонски естаблишмент ова го очекува Европската комисија, која во својот извештај изработен од секторот за економија и монетарна политика, покрај Македонија, ги обработува и Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Југославија и Косово. ЕК смета дека во овие држави реформите ја подобрија економската клима иако се уште постојат многу предизвици, како што се борбата против корупцијата, завршувањето на приватизацијата и реформите во јавниот сектор.

Во Македонија 263.000 невработени

Во Македонија во овој период се невработени 263.483 лица или 31,9 отсто од населението. Бројот на вработените, пак, изнесува 561.341, а стапката на вработеност е 35,8 отсто. Вкупната работна сила е 824.824 лица, односно стапката на активност е 52,6 отсто. Ова се податоци добиени од Анкетата за работна сила, која Државниот завод за статистика ја спроведе во април годинава, во која е опфатено населението над 15 години. Извори на податоците се претпријатијата во државава. Според директорката на Заводот, Благица Новковска, станува збор за реални показатели кои се најдобар индикатор за состојбата на пазарот на трудот. Ова укажува дека во Македонија 36 отсто од граѓаните со своите примања се грижат за преостанатите 54 проценти, што е спротивно од состојбата во развиените земји, каде што стапката на вработеност во просек е 60 отсто.

Струјата нема да поскапи

Цената на електричната енергија во идната година ќе остане непроменета и во текот на целата година нема да има никакви корекции, истакна Панде Лазаров, в.д. генерален директор на "Електростопанство на Македонија". Меѓутоа, ќе се оди на ригорозна наплата на долговите, бидејќи еден од основните проблеми во Претпријатието во изминативе четири години беше малиот обем на наплата на испорачаната струја. Ако во 1998 година имаше процент на наплата од над 90 отсто, во ноември кога стапи на функција новото раководство, тој процент изнесувал само 47 отсто. Моментално, стопанството и граѓаните му должат на ЕСМ 209 милиони евра.

МАТ без договор?

Во сите досегашни формални и неформални контакти со новиот директор на Управата за цивилна воздушна пловидба не биле дадени никакви најави, ниту информации за некаква намера или постапка за раскинување на договорот за редовен авиопревозник, изјави директорот на МАТ, Душко Груевски, коментирајќи ги пишувањата во некои медиуми дека од УЦВП е поведена постапка за раскинување на договорот.

Тој смета дека станува збор за шпекулации и дека можеби се должат на фактот што деновиве имало неколку рочишта од судските постапки кои овој превозник ги има поведено кон УЦВП во минатото, а се однесуваат на "случката" од пред речиси пет години кога на МАТ не му беше дозволено слетување на Скопскиот аеродром, како и за непримена на судското решение, потврдено и од Апелациониот суд, дека УЦВП треба да го имплементира договорот за редовен авиопревозник.

Укинати царинските давачки

Владата ја укина обврската на фирмите при увозот да платат царинска давачка од по 19 евра за сите видови стоки што ги увезуваат, туку овие пари ќе се платат еднократно за целокупниот увоз што се врши.

Со тоа паричното оптоварување за фирмите ќе биде далеку помало, бидејќи ќе се плаќаат само 19-те евра за целата царинска декларација, а не поединечно за различните ставки во декларацијата како досега.

Сосема ослободени од плаќање на оваа давачка ќе бидат увозниците што носат суровини за "лон" производство кое е наменето за натамошен извоз. Ваквата одлука е донесена на барање на увозниците кои се жалеа дека голем дел од парите им се одлеваат за плаќање на царинската давачка.

Откуп на тутунот

Годинашнава реколта на тутунот ќе биде откупена во целост. Директорите на тутунските комбинати кои немаат пари за откуп добиле ветување од министерот за земјоделство дека ќе им помогне да обезбедат средства и да им платат на тутунарите за откупениот тутун. Сите тутунски комбинати во земјава ќе стартуваат навреме со откуп на тутунот. За комбинатите што немаат пари за откуп, Министерството за земјоделство ќе направи напор да добијат банкарски кредити со поволни камати зад кои како гарант ќе застане државата. Ова е договрено на втората заедничка средба на министерот за земјоделство со директорите на тутунските комбинати и со здруженијата на тутунопроизводителите.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"