Во јавноста струјат информации дека за секој висок функционер и за "крупните"
раководни кадри од времето на нејзиниот владејачки мандат биле одредени т.н.
"резервни кревети", односно живеалишта во кои би требало првично да се
засолнат ако добијат информации дека се на листата за апсење. Според
прогнозите, први кои треба да се најдат зад решетки биле Војо Михајловски,
Ламбе Арнаудов и Сашко Станинов. Засега, како што обелоденија повеќето
медиуми "најтенки" биле типувањата за Драган Даравелски, пред се поради
недостигот од информации за местото на неговиот сегашен престој. Како што
неофицијално се дознава, поранешниот директор на Царинската управа повеќе од
еден месец престојувал во една европска метропола каде што неодамна купил
куќа во луксузен кварт, но оти наскоро планирал да се пресели во друга
европска земја со која Македонија засега нема потпишано договор за
екстрадиција.
Секторот за економски криминалитет на МВР, како што информираа повеќето
медиуми, на 26 декември до Основното јавно обвинителство во Скопје поднело
кривични пријави против В.М., поранешен директор на Фондот за здравство, Ш.С.,
поранешен директор на Медицинскиот центар во Гевгелија Љ.Ј., управител на
фирмата "Атлатник комерц" и Т.З., управител на "Атлантик З", поради основано
сомнение дека во текот на 2002 година двајцата првоосомничени сториле
кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувања, додека трето и
четвртоосомничениот им помагале во тоа.
Според документацијата што ја обезбедиле инспекторите на МВР, станува
збор за кривично дело во коешто државата е оштетена за 24,9 милиони денари.
МВР во моментот презема мерки за откривање на двајца од осомничените кои не
им се достапни на органите на прогонот. Се дознава дека МВР побарало на
осомничените да им се одреди мерка притвор, меѓутоа според неофицијални
извори Војо Михајловски и Бесник Фетаи биле недостапни за прогонот.
Неофицијално се дознава дека Министерството за внатрешни работи поднело
кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување и против
Бесник Фетаи, поранешен министер за економија и Душко Аврамски, поранешен
заменик-директор на Агенцијата за приватизација. Акцијата започна со
приведувањата на директорот на НИП "Нова Македонија" и претседател на
Управниот одбор на НИП-от во оставка, Никола Тасев, и на поранешниот
заменик-директор на Агенцијата за приватизација, Душко Аврамски. Тасев
деновиве очекува да излезе од Истражниот затвор во Шуто Оризари, откако
истражниот судија ја прифатил кауцијата и му го укинал 30-дневниот притвор.
Истражниот судија Ристо Катовеновски се согласил станот од 65 квадратни
метри во скопската населба Мичурин во вредност од 50.000 евра да биде
гаранција Тасев да се брани од слобода. Приватизацијата на НИП "Нова
Македонија", според информациите во повеќето медиуми, била подолго
смислувана стратегија во која требало да се исперат милионски износи евра од
шпекулативно потекло.
Освен Тасев и Аврамски, во случајот на НИП-от биле замешани и други лица
- Ѓорѓи Бошков (28), управител на "Нова Македонија прес" ДООЕЛ, Зоран
Стојановиќ (46) и Гордана Кузмановска (27). Од остварениот увид во
целокупната документација на НИП "Нова Македонија" било утврдено дека
осомничените Тасев и Бошков, потпомогнати од Стојановиќ и Кузмановска, во
текот на септември минатата година ја злоупотребиле службената положба, при
што средствата дадени од тогашната Влада на Георгиевски за исплата на плати
за вработените во оваа издавачка куќа, место да ги употребат наменски, ги
пренасочиле во корист на словенечката фирма "Југ сторитве". На овој начин на
фирмата & овозможиле да се стекне со противправна имотна корист од близу 135
милиони денари. Со овие пари "Југ сторитве" го извршила купувањето на
пакет-акциите на вработените во НИП-от.
ЗЛОУПОТРЕБА
Според направената ревизија во најстарата новинско-издавачка куќа во
државава, било констатирано дека фирмата требало на владејачката ВМРО-ДПМНЕ
да & испере најмалку дваесет милиони евра. Дека нешто однапред било
планирано покажува фактот уште на самиот почеток, односно прифаќањето на
тендерот на кој се јавува само еден понудувач и повлекувањето на светски
реномираниот консултант "Прајсвотерхаус и куперс" од натамошното водење на
продажбата. Во случајот, како што веќе беше објавено во медиумите, се
вмешани две банки и три македонски фирми, а најважен момент во истрагата се
134 милиони денари исплатени од Агенцијата за приватизација. Со нив
странските сопственици го купиле пакетот акции, а трансферот бил извршен
преку банки и три фирми. На сето ова екс-претседателот на Управниот одбор на
"Нова Македонија", Никола Тасев, тврдеше дека приватизацијата на НИП-от е
чиста. Владата го раскина договорот со Словенците, но тие пак изјавија дека
раскинувањето на договорот е можно само по судски пат.
За злоупотреба на службена должност беше обвинета и притворена и Татјана
Митровска, екс-директорката на скопскиот Катастар и сопруга на Валентин
Митровски, шеф на Кабинетот на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски.
Митревска е уапсена под сомнение дека била вмешана во уништување и
фалсификување службени документи кои се однесувале на купопродажбата на
контроверзната куќа на Водно од страна на Љубчо Георгиевски и негови блиски
роднини. Според информациите кои кружат во јавноста, Татјана Митровска била
уапсена во нејзиниот дом во Тафталиџе, за потоа стражарно, со полициска
придружба, да биде спроведена во Основниот суд Скопје 1, а потоа и во "Шутка".
Постојат шпекулации дека Митровска пред истражителот ја потврдила нејзината
вмешаност во случајот, но дека сето тоа, наводно, & било наредено, а како
налогодавци посочила "конкретни сторители", неколку имиња, високи партиски
функционери од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Полицијата официјално потврдила дека против притворената Татјана
Митровска, до Јавното обвинителство се доставени материјални докази,
проследени со оригинални документи, против неа, која од МВР е осомничена за
фалсификување службени исправи. Според истрагата, четворица осомничени во
текот на 2002 година добивале усни наредби и закани од нивниот раководител
Татјана Митровска и во зависност од прикривањето на кривичното дело
фалсификување на службени исправи уништувале цели документациони досиеја или
внесувале невистинити податоци во книгата за промени за катастарската
Општина Центар 2, со намера да биде овозможено прикривање на податокот за
вистинскиот сопственик на недвижен имот на вкупна површина од 3.285
квадратни метри и станбена површина од 260 квадратни метри на Водно.
Неофицијално, досега приведените четворица осомничени за помагање во
фалсификување службени исправи, пред истражната судијка Мешковска,
транспарентно и без емоции го потврдувале она што им се става на товар.
Поради малверзации на 24 декември на Мирче Ѓорѓовски, поранешен директор
на Државниот геодетски завод, истражниот судија во Основниот суд 1 во Скопје,
кој го води предметот околу малверзациите во скопскиот Катастар, му одредил
мерка притвор од 20 дена во Истражниот затвор во Шутка. Ѓорѓовски е
осомничен дека учествувал во фалсификувањето на документите за куќата на
Водно која ја градеше екс-премиерот Георгиевски.
МАЛВЕРЗАЦИИ
Според шпекулациите во јавноста, но и во редовите на ВМРО-ДПМНЕ, следен
за апсење е Војо Михајловски. Поради злоупотребите во Фондот за здравство,
тој треба да се најде зад решетки. Михајловски се товари за купување "глувче"
за компјутер по фрапантна цена од 69 илјади денари и за сомнителна зделка на
набавени 150 тони сол по цена од 70 денари, а продадена по осум денари за
килограм. Пронајдени се документи за набавка на болнички ноќници по цена од
6.825 и 7.885 денари, свинско месо по 827 денари за килограм, печка на
струја скапа 3 милиони денари и други матни зделки за кои полицијата
подготвува службено досие. Меѓутоа, кружат информации дека формалниот повод
за неговото апсење, најверојатно, нема да бидат неговите малверзации како
директор на Фондот за здравство, туку матните зделки во име на ВМРО-ДПМНЕ и
нејзиниот сопственички статус во повеќе фирми. Како покрупни се издвојуваат
"Македонска банка", печатницата "Гоце Делчев", веледрогеријата "Здравец",
тетовска "Пластика"...
По своите матни зделки и ручеци познат е и Ламбе Арнаудов, екс- директор
на Електростопанство на Македонија. И тој најверојатно ќе се најде зад
решетки. Доскорешниот директор на Електростопанство на Македонија, само во
еден ден во август имал направено сметка за угостителски услуги во
охридскиот хотел "Дон Вито" од неверојатни 20.000 евра, за кои обврска за
плаќање паѓа на товар на претпријатието со кое раководеше. Според
моменталната состојба, односно достасаните фактури, како што неодамна беше
изјавено во оваа институција, за последниве три години раководството на
фирмата за репрезентација, спонзорства, реклами и донации има потрошено 2,9
милиони евра, што во однос на трошоците за исти намени во 1998 година
претставува зголемување за 258 отсто. Овие износи, веројатно, ќе бидат уште
поголеми, бидејќи уште достасуваат разни нови фактури. Според пресекот
направен во ЕСМ со крајот на октомври, вкупниот долг за испорачана
електрична енергија на стопанските субјекти и на граѓаните изнесува 208
милиони евра. Притоа, индустријата должи 128 милиони евра, од кои половината
отпаѓа на 15 фирми што влегуваат во категоријата на директни потрошувачи.
Меѓу нив, на пример, "Топилница" (порано во рамките на Рудници и железарница)
должи 6,8 милиони евра, "Фени индустри" има долг од 2,2 милиона евра, "Алумина"
- 1,3 милиони евра, некогашниот МХК "Злетово", сега "Инвеста" должи 1,8
милиони евра, "Ладна валалница и "Валалница за ленти" - 1,2 милиона евра.
Истовремено, покрај големите побарувања, ЕСМ е и голем должник, бидејќи на
банките и на доставувачите им должи 76 милиони евра, при што, со оглед дека
постојано доаѓаат нови фактури, како што велат во претпријатието, се очекува
оваа бројка да биде уште поголема. Во однос на странските кредитори, ЕСМ има
долг кон Светка банка, ЕБРД, Париски клуб, Кинеска банка, Чешка банка, како
и за увозот на струја. Од домашните банки, ЕСМ во овој период има земано
единствено кредити од Македонска банка, и тоа за обезбедување плати за
вработените, каде што моментално имаат долг од над 3 милиони евра. Што се
однесува до доставувачите, најголем долг постои кон осигурителната компанија
"Кјуби Македонија" кој моментално изнесува 3,5 милиони евра (а бил 5,3
милиони евра) и единствено се должи на предвременото раскинување на
договорот со оваа куќа и барање нов осигурител. На ОКТА должат 4 милиони
евра, од кои 1,4 милиони евра се основен долг, додека друго се камати,
бидејќи станува збор за долгови од лани и преклани. Кон фабриката "Карпош"
долгот е 722.000 евра, а во списокот на фирми на кои треба да им се плати
има многу "фантом"- фирми, со по еден човек. Таква е веројатно, како што
велат во ЕСМ, и "Блиф" на која за регулирање на документацијата и запишување
на недвижности во катастар треба да & се платат 438.000 евра.