ОБРАЗОВАНИЕ
"Хелсиншкиот комитет" за состојбата со човековите права во Република
Македонија за ноември 2002 година
ПОВРЕДИ НА ДЕМОКРАТСКИТЕ ПРИНЦИПИ
Пишува: Рената МАТЕСКА
- Според "Флака" дошло до отпуштање на 20 полицајци Албанци кои биле дел
од проектот на ОБСЕ. По проверката спроведена од Хелсиншкиот комитет се
констатираше дека во тие случаи нема ниту трага од некаква "афера против
етничките полицајци". Хелсиншкиот комитет повикува на внимателност и
професионалност при објавувањето вакви "афери".
Н а први ноември Република
Македонија ја доби новата Влада во чиј состав влегоа претставници на
изборната коалиција "Заедно за Македонија" и партијата на етнички Албанци -
Демократска унија за интеграција (ДУИ). Уште при самиот чин на конституирање,
опозиционата коалиција ВМРО-ДПМНЕ/Либералната партија, во знак на протест
поради "вклучувањето на поранешните терористи на ОНА" во извршната власт,
најавија бојкот на парламентарните седници до крајот на годината.
Хелсиншкиот комитет апелира до Собранието, и посебно до неговиот
претседател, промптно да се реагира во ваквите и слични случаи со цел да се
избегне овие неправилности да се претворат во преседани за нови и нови
неправилности, предупредуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права
на Република Македонија.
За свои највисоки приоритети Владата ги определи и почна да ги реализира
кадровските промени и финансискиот пресек на состојбите кај сите буџетски
корисници. Притоа, на планот на кадровските прашања беше забележително дека
редица од кадрите што беа на позиција во 1998 година, значи кога СДСМ ги
изгуби изборите, беа вратени на тие позиции или беа поставени на позиции од
ист или приближен ранг, се вели во извештајот.
На планот на финансиите, Владата дури и претранспрантно, но во секој
случај со голем број детали, ја известуваше јавноста за своите наоди коишто
главно се состоеја од утврдување на бројни и тешки финансиски малверзации
или неправилности во работата на своите претходници.
Поздравувајќи го овој процес на финансиско "скенирање" на состојбите до
сега, Хелсиншкиот комитет предупредува дека Владата се наоѓа на сериозна
крстосница. Натамошен, неизоставен чекор е поведување соодветни судски
постапки, солидно поткрепени со "неговото височество - Доказот". Овие
постапки, меѓу другото, ќе треба да им ја дадат можноста на нивните
претходници да се искажат по бројните наводи. Во спротивно, целата оваа
акција може да се случи да се сведе на обична дефамација на политичкиот
противник, а што беше еден од клучните сегменти на наводно политичкото
дејствување токму на претходната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
ПОПИС
Во текот на ноември беше спроведен Пописот на граѓаните, домаќинствата и
становите под меѓународен надзор од 50 експерти од 26 земји. Според изјавите
на Државната пописна комисија и на Заводот за статистика, Пописот бил на
завидно ниво, додека меѓународните монитори во својата прелиминарна оценка
позитивно ја оценија вкупноста на оваа обемна статистичка операција. Сепак,
информациите од теренот даваат поинаква слика.
Мониторите на Хелсиншкиот комитет сигнализираа уште во времето на
селекцијата на попишувачите дека има бројни нерегуларности во таа постапка,
како и дека податоците од катастарската евиденција се често или застарени
или неажурирани или дури и крајно неточни. Потврда за ова беа и неколкуте
случаи во Скопско каде цели улици и дури и месни заедници беа "прескокнати".
Хелсиншкиот комитет, од страна на ромската заедница беше запознат со нивните
оценки дека голем број ромски семејства во повеќе градови во Македонија не
се опфатени од пописот. Хелсиншкиот комитет не можеше да се увери дека
Пописот е добро подготвен и соодветно реализиран и покрај неколкуте
одложувања. Поради тоа, сметаме дека е многу важен периодот на сумирање на
резултатите, а од клучна важност е висока искреност на страна на Заводот за
статистика во смисла на издржана оценка дали добиените резултати се
употребливи за кредибилна обработка.
МЕЃУЕТНИЧКИ ТЕНЗИИ
Во месец ноември се уште не се најде решение за латентните случаи на
меѓуетнички тензии како оние околу Основното училиште во Шемшево или
нетрпеливоста меѓу средношколците Македонци и Албанци. Иако остварија бројни
средби со ресорните министри и Премиерот Црвенковски, и иако, наводно, се
изнашло компромисно решение за двете етнички заедници (да се смени името на
училиштето во "Шемшево", да се дислоцира бистата на Јумни Јонузи надвор од
училишниот двор, и да се врати секретарката - Македонка на работа) учениците
Македонци се уште не се седнати во училишните клупи заради неисполнувањето
на договореното. И додека се уште траат овие превирања, продолжуваат
судирите помеѓу средношколците на етничка основа. Од Скопје тие се префрлија
во Струга, каде во Средното училиште "Нико Нестор" судирите биле толку
жестоки што надлежните одлучиле да го затворат два дена додека не се смират
страстите. Посебно треба да се издвои случајот на бојкотот на наставата во
тетовското Средно економско училиште. Мотивите за овој бојкот е, наводно,
протестот поради задржувањето во притвор на малолетниот Фадил Ферати
осомничен за воено злосторство, инаку ученик на ова училиште.
Хелсиншкиот комитет во повеќе наврати известуваше и реагираше против
задржувањето на Ферати во притвор што беше обележано со редица процедурални
пропусти и со непримена на Законот за амнестија, но со огромна загриженост
констатира дека при овој бојкот, како и при минатомесечните протести на
учениците на Средното училиште "Зеф Љуш Марку" во Скопје, директорот на
училиштетот (овој пат г. Џелал Јусуфи) е на чело на протестите. Неспорно е
дека треба да се поздрави солидаризирањето на директорот со иницијативите на
учениците, меѓутоа, поттикнувањето вонинституционални протести од типот на
улична демократија би требало да го привлече вниманието на Министерството за
образование и наука кое е се уште надлежно за назначувањето и отповикувањето
на директорите на училиштата.
ШТРАЈКОВИ
Кумулираното незадоволство во социјалната и економската сфера ескалираше
во форма на бран од штрајкови што се интензивираше при крајот на месецот.
Според извори од Сојузот на синдикати на Македонија, на 20 ноември во штрајк
биле 8.054 работници. Заедничка карактеристика на сиве овие протести се
следниве барања: а) Неисплатени плати и неуплатени придонеси; б) Нестручно и
недомаќинско управување; в) Негирање на законитоста на приватизацијата.
Извесно е дека во подолг период редица претпријатија ја избегнувале
должноста да ги уплатуваат социјалните придонеси на работничките плати и
дека власта тоа го толерирала, иако морала тоа да го знае. Во периодот на
преземање на власта од страна на новата Влада доаѓа до неисплаќање на тие
две, односно три месечни плати, при што работниците "констатирале" и дека не
се уплатувани придонесите. Сепак, се чини дека работниците не ги отворале
овие прашања во исчекување да дојде до промена на власта, поаѓајќи од речиси
извесната претпоставка дека "старата" власт не само што нема да им ги реши
проблемите, туку и ризикуваат да бидат отпуштени доколку штрајкуваат (за
вакви случаи и Хелсиншкиот комитет редовно известуваше).
ДИСКРИМИНАЦИЈА
Во "Дом за доенчиња - Битола" во ноември, каде постојат индикации дека се
прекршени работни права врз основа на дискриминација по етничка линија,
случајот созреа до ниво на главна расправа пред битолскиот Основен суд.
Станува збор за неосновано отпуштање на три медицински сестри од страна на
директорката (Г'зиме Османи) на Домот и на нивно место вработување на три
Албанки. Иако Трудовата инспекција донела Одлука за поништување на таквите
одлуки на директорката, таа не ја спровела оваа одлука на инспекцијата.
Хелсиншкиот комитет, имајќи предвид дека е индициран случај на етничка
дискриминација, со внимание ја очекува одлуката на Судот.
ИСЧЕЗНАТИ ЛИЦА И МЕДИУМИ
Хелсиншкиот комитет нема намера да се откаже од постојано потсетување на
државните органи за потребата од расветлување и окончување на сите случаи на
исчезнати лица независно од нивното етничко потекло и независно од протекот
на време.
Хелсиншкиот комитет ги повикува медиумите да ги објавуваат сите судии што
одбиваат да дозволат "увид" во веќе изречени пресуди. На тој начин медиумите
ќе контрибуираат во разбивањето на нетранспаретноста на нашите судови, а
која има една единствена цел - да се избегне анализата на работата на
судиите, значи да се избегне - одговорноста.
Според извори на "Флака", дошло до отпуштање од работа на 20 полицајци,
етнички Албанци, кои биле дел од проектот на ОБСЕ. По проверката од типот "случаен
примерок" спроведена од страна на Хелсиншкиот комитет, се констатираше дека
во тие случаи нема ниту трага од некаква "афера против етничките полицајци".
Хелсиншкиот комитет повикува на внимателност и професионалност при
објавувањето вакви "афери".
|