ПОЛИТИКА

Шемшево како показ за нашата иднина

НЕКОЈ НАМЕРНО ГИ ДРИБЛА МАКЕДОНЦИТЕ

Пишува: Кокан СТОЈЧЕВ

  • Зошто родителите на македонските ученици од петте села во Тетовско кои и натаму се трн во око на албанските екстремисти мораат повторно да тропаат на портата на министерот Положани? Нели работата веќе е договорена?! Во интерес на мирот и сожителството се постигна компромисно решение. Кој тоа се мајтапи со децата и преку нивниот грб прави кариера?
  • Според нарачателот на ова сценарио, Македонците мораат да бидат понижени и навредени, што секако треба да не загрижи и заплаши, бидејќи македонскиот народ во сопствената држава мора да моли за сопствени права од припадник на албанската малцинска етничка заедница!

Учениците од македонските села од тетовскиот крај, Жилче, Ратае, Прељубиште, Туденце продолжуваат со наставата во привремените простории на локалното училиште во село Сиричино. На тој начин, обесправени и без некоја перспектива дека нивните деца ќе се вратат да учат во село Шемшево, се излажани од власта и од новиот министер за образование Азис Положани дека нивниот проблем ќе биде решен со компромис. Но, очигледно компромисот не вроди со плод. Бистата на контроврезниот Јумни Јонузи и натаму е камен на сопнување. Неговиот споменик ги подгрева албанските шовинистички страсти, а истовремено го потврдува сомнежот кај родителите на македонските ученици дека ова намерно им се прави за да продолжи иселувањето на Македонците од Тетовско.

Затоа, Иницијативниот одбор на родители повторно побара прием кај министерот за образование и наука, Азис Положани, за да им објасни зошто се уште не се спроведува компромисното решение за дислокација на бистата на Јумни Јонузи. Родителите на учениците кои веќе десетина дена учат во локалното училиште во Сиричино ќе бараат одговор лично од министерот кога конечно ќе се реши проблемот со образованието на нивните деца, кои оваа учебна година ќе ја завршат со скратена програма за сто дена.

Не е започната ниту изградбата на салата и не се знае кога ќе почне. Бистата не се трга и не знаеме зошто. Министерот за образование Положани преку телефон ни рече дека преговорите треба да продолжат. Не ни е јасно зошто, што треба да се зборува уште кога веќе е донесено компромисното решение. Времето си минува, а родителите бараат да дојде некој и да им објасни може ли оваа држава да го реши ова прашање или не, изјави неодамна Трпко Кировски, претседател на Иницијативниот одбор на родители од Шемшево.

ИЗМАМЕНИ

Учениците Македонци по три ипол месеци натегања, држ-не давај, ја почнаа наставата во училиштето во Сиричино. Тогаш беше најавено дека децата ќе бидат таму само два до три дена додека се дислоцира бистата од училишниот двор во Шемшево. Сегашната ситуација говори дека учениците во Сиричино немаат доволно простор за настава и затоа го преадаптираа ходникот во училница. Наставата од петто до осмо одделение се одвива во прва смена, а помалите доаѓаат попладне.

Инаку, за потсетување, пред дваесетина дена на состанокот што се одржа во село Сиричино, Одборот на родителите на учениците, како и поголем број на родители, односно претставниците на месните заедници од Жилче, Ратае, Прељубиште, Туденце и од месното село каде што беше средбата беше донесена одлука нивните деца да ја започнат наставата.

Бидејќи веќе премногу загубија со нивното три ипол месечно неодење на настава и не смее да се дозволи тие да ја загубат и целата учебна година, беше потенцирано на состанокот.

Ние не сме против сожителството, но нема да прифаќаме никакви нови дополнителни компромиси. Еден е направен и тој мора да се реализира, изјавија тогаш претставниците на Македонците од споменатите села, донесувајќи заклучок дека македонската Влада треба да определи личност како своевиден олеснувач во контактите со претставниците на Албанците од Шемшево, Озормиште и од Копанце.

Но, од тогаш до денес ништо не е променето. Некој ги дрибла родителите на македонските ученици, а со децата се мајтапат за да се постигнат политички или други скриени поени. Оваа статус-кво ситуација ни оддалеку не мириса на добро, а тоа неодамна го потврдија некои западни аналитичари кои Шемшево го оценија како бастион или тврд орев за враќање на мирот и довербата меѓу Албанците и Македонците. Очигледно некој ја контролира ситуацијата на теренот, но тоа сигурно не се државните органи. Општ е впечатокот дека напнатата ситуација е пред распламтување кое може да има несогледливи последици, а во прилог на ова оди постојаното одржување на тензијата. Затоа, родителите на македонските ученици се чувствуваат дека се измамени. Но, прашање од кого? Дали од власта или од новиот министер за образивание Азис Положани кој ги убедуваше за веќе познатото компромисно решение, бришење на името на училиштето "Даме Груев"?!

ПОСТОЕЊЕТО

Зошто родителите на македонските ученици од петте села во Тетовско кои и натаму се трн во окото на албанските екстремисти мораат повторно да тропаат на портата на министерот Положани? Нели работата веќе е договорена. Во интерес на мирот и сожителството се постигна компромисно решение. Кој тоа се мајтапи со децата и преку нивниот грб прави кариера?

Околу овие прашања се кршат разни копја на интереси. Но, по се изгледа, според нарачателот на ова сценарио Македонците мораат да бидат понижени и навредени, што секако треба да не загрижи и заплаши, бидејќи македонскиот народ во сопствената држава мора да моли за сопствени права.

Дали дојде време Македонците да се фатат за оружје и да бијат битка за човекови права и слободи? Ако се водиме според принципите на т.н. ОНА, односно ДУИ, тогаш очигледно како ни тргнале работите да се тркалаат удолу мнозинството мора да бара од малцинството, односно божемната напатена заедница, абер дали ќе бидат примени на разговор. Да не зборуваме за некое оправдано барање кое се однесува на образованието на децата и за другите проблеми.

Во селото Шемшево започна да се бие битката за егзистенцијалното постоење на Македонците во Западна Македонија. Во неа учествуваат многу играчи - и домашни и странски - но нивната цел ги брише разликите. Тоа е валкана игра на суровата реалност која пред се крие голема политичка ујдурма. Затоа Македонците кукаат и се чувствуваат обесправени, понижени и навредени. Нивните основни права на слободна комуникација, образование, се загрозени. Притисокот што го прават одредени албански екстремисти е голем и тој е евидентен, бидејќи ако можеше да се средат работите околу училиштето во село Шемшево досега немаше да гледаме реприза на минатогодишните страотни настани. Затоа, она што сега се прави со Македонците е само предигра за многу пострашни моменти што не очекуваат. Само се очекува договорениот сигнал за да започне акцијата за чистење, односно довршување на процесот на протерување на Македонците од Тетовско и од Западна Македонија. Тоа исто сценарио еднаш им беше успешно, но оној чуден инает на малубројните храбри жители од македонските села Жилче, Ратае, Прељубиште, Туденце и Сиричино не дозволи државниот систем да се распадне и да владее царството на Арнаутите.

Затоа, мора многу посериозно да се зафатиме со проблемот во Шемшево. Со него паѓа и последната сламка за враќање на довербата меѓу Македонците и Албанците. Меѓунационалните односи се доведени под нож и уште една ваква искра ќе ги разгори налудничавите апетити на екстремистите. Тие постојат и кај едната и кај другата страна. Тоа не може да се скрие, бидејќи сами им даваме простор да се прехранат и да го освојат срцето на оние и малку разумни луѓе што живеат во Република Македонија. Но, очигледно и новата политичка структура на власта се чувствува немоќна да се соочи со се потешкиот проблем во селото Шемшево. Таа по се изгледа е немоќна да стапне во селото и да воведе ред и закон, а штом не се почитуваат правилата на една земја, тогаш се може да се случи на теренот. Моментот од оваа циркусијада до масакрот е кус. Тој не може да се предвиди, но може да се избегне, доколку се има волја и кај двете страни. Меѓутоа, од сегашната ситуација може да се извлече повеќеслојна поука, ем национална ем политичка. Затоа нека ги отворат очите македонските политичари, но и албанските. Инаетот не оди во прилог ниту на едната, нуту на другата линија. Во моментов и двете губат, а најмногу децата. Затоа треба да се подзамислат, дали ни се потребни генерации што се полни со омраза. Ако негативно се размислува, тогаш крајот набргу ќе стигне, но во него нема да има победници, освен губитници. Затоа умот во главата нека биде ладен, но и разумен. Ако веќе го имаме, но очигледно разумот е загубен, како и нервите. Затоа мора да предупредиме дека ваквите експерименти не ни се поотребни, туку спокоен живот и мирен интелектуален и економски развој.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"