ПОЛИТИКА

Протераните и роднините на 12-те киднапирани Македонци со нови очекувања во Новата година

ПОМЕЃУ НАДЕЖТА И ОЧАЈОТ

Пишува: Рената МАТЕСКА

  • Роднините на 12-те киднапирани Македонци очекуваат од Владата на Бранко Црвенковски да ја обелодени судбината на нивните најблиски, како што им беше ветено. За екс-министерот Бошкоски судбината на киднапираните Македонци е во рацете на коалицијата на СДСМ и ДУИ.
  • Веќе втора Нова година во прифатните центри за многу протерани Македонци новогодишната желба е колективна - што побрзо враќање дома!

Годината си замина, но за жал останаа многуте проблеми и трагедии меѓу кои и судбината на протераните и деградирани Македонци и енигмата за 12-те киднапирани Македонци.

"Информацијата за уништената документација во МВР за киднапираните е само добивање време", велат роднините

До кога ќе се леат солзи?

Веќе втора година се влече неизвесноста за животот или смртта на киднапираните Македонци, а нивните роднини се уште се во исчекување од надлежните да им ја расветлат голата вистина. Засега само ветувања, очекувања, шпекулации, констатации, но ништо конкретно. Многу ноќи непроспиени, многу часови изгубени пред нечии канцеларии, за некои гласноговорници само да им ги "замачкаат" очите. Но, вербата и надежта кај овие Македонци е восхитувачка, тие се упорни во потрагата по вистината.

Веќе многу е кажано, многупати се посочени виновниците, но ништо не е сторено. Според некои непотврдени шпекулации, само шест од киднапираните се живи и се наоѓаат на Косово, а преостанатите шестмина биле веднаш убиени. Според други информации, никој од овие луѓе не би можел досега да биде жив, бидејќи ако е така, со амнестирањето на терористите не би постоела препрека за нивно ослободување. Енигмата останува за да ги измачува роднините кои едноставно не можат да ги прежалат најблиските кои ништо лошо не сториле за да ги снајде таа зла судбина.

НАДЕЖ

Од страна на Црвенковски бевме информирани дека се уште немале податоци за случајот со киднапирањето на нашите најблиски, кога нешто ќе се дознае ќе не информираат. Се калкулира нешто, но не знам што! Јас лично сметам дека не може за толку кратко време да исчезне еден куп документација за случајот. Тоа е само купување време! Единствена надеж ни влева активната работа на Комисијата за исчезнати лица која освен во Сараево, отвори канцеларија и во Скопје и врши силен притисок врз сите релевантни субјекти за расветлување на случајот, ни изјави претставникот на роднините на 12-те киднапирани Македонци, Војо Гоговски.

ДЕМАНТ

Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, во врска со обвинувањата на СДСМ дека материјалите од истрагата за 12-те киднапирани Македонци биле уништени, вели дека тоа е најтешкото обвинување.

Судбината на 12-те киднапирани Македонци беше и е во рацете на ОНА, односно Али Ахмети. Судбината ја знае коалицијата на СДСМ и ОВК, истакна Љубе Бошкоски.

ДОЧЕК

Додека некои беа во дилема дали во Париз или во Рим за Новата година, протераните, тероризирани Македонци во сопствената држава и оваа Нова година ја славеа заборавени од сите, во неколкуте прифатни центри. Ретки се луѓето што се сетија барем на протераните дечиња да им подарат новогодишно пакетче. На овие луѓе им е веќе преку глава од односот на релевантните фактори во државава за нивниот таканаречен престој на "државна сметка", како тие самите да се виновни што некој ги избрка од родните огништа, што им ги изгоре, разруши и ограби домовите.

ПОПРАВКА

Од вкупната бројка протерани Македонци, според владиниот портпарол Сашо Чолаковски, на 4.874 се уште не им се реконструирани домовите, додека на преостанатите 3.569 лица куќите им се поправени, но тие уште не им се враќаат дома поради кревката безбедносна состојба. Сума сумарум во Македонија има 8.443 протерани лица од кои 6.349 се сместени во семејства, а 2.094 се наоѓаат во колективни центри за сместување низ државава, говорат информациите од Владата.

Меѓу чекорите што Владата има намера да ги преземе за поголема безбедност на повратниците и за целосно враќање на протераните во своите домови, се отворање и реконструкција на полициските станици во кризните региони. За реконструкција и ревитализација на кризните подрачја, како дел од Рамковниот договор, од донаторската конференција во Брисел беа обезбедени 85,86 милиони евра.

ГОВОР

Сите граѓани кои поради стравот за себе или за своите најблиски беа присилени да ги напуштат своите домови, мораат да се вратат во нив. Државата мора да создаде услови ова да се реализира, а меѓународната заедница се обврза да го помогне овој процес. Можеме да кажеме дека сме успеале само ако се вратат раселените лица во своите обновени домови. Во спротивно насилството и етничкото чистење ќе бидат наградени, а правото и правичноста заборавени. Во регионите погодени од кризата, државата со помош на меѓународната заедница треба да им овозможи на луѓето да ги обноват основите за нивниот економски опстанок. Со ова многу повеќе ќе им ја засили нивната определба да се вратат и да продолжат да живеат на вековните огништа. Присуството на полицијата и преостанатите механизми на правната држава се предуслов за ова.

Топката со вистината за судбината на киднапираните Македонци се префрла од една на друга влада

Децата сместени во прифатилишта, протерани од дома посакуваат од Дедо Мраз пак да си играат на родното огниште

Веќе никогаш не смее да се дозволи граѓаните на Република Македонија да се прашуваат дали патиштата во земјава се безбедни или да се плашат од криминалните банди кои се се уште активни во некои подрачја. Не смее да се повтори старата практика на толерирање на сивите зони на криминалот и практичното постоење на екстериторијални енклави во кои полицијата не влегуваше со години. За реализирање на крајната цел - целосно безбедносно стабилизирање на земјата пред нас е исклучително сериозната и комплексна задача на реформирање на секторите на одбраната и безбедноста. Само професионални и компетентни личности можат да бидат припадници на службите за примена на законот кои треба да дејствуваат почитувајќи ги основните принципи за транспарентно и одговорно работење во согласност со европските стандарди. Мултиетничноста во нивниот состав се подразбира затоа што искуството не научи дека таквата структура може да има кредибилитет, особено во етнички мешаните средини, се вели во годишното обраќање на претседателот Борис Трајковски во Собранието на Република Македонија, а на која за првпат присуствуваше и лидерот на ДУИ, познатиот терорист Али Ахмети.

Но, на протераните Македонци и на роднините на 12-те киднапирани Македонци им е преку глава од празни ветувања и ораторски гестакулации. Тие сакаат нешто попрактично и пореално.

ПРОГРАМА

Според Европската агенција за реконструкција, во Република Македонија 38,5 милиони евра се донирани од Европската унија за програмата за 2003 година, наменети за Македонија кои се многу важни за економските и социјалните реформи на нашата држава, како и за приближувањето кон европските структури, како што беше предвидено во Договорот за стабилизација и асоцијација и во охридскиот Рамковен договор. Акцентот ќе биде ставен врз развојот на демократијата и владеењето на правото, судството и МВР, економски и социјален развој и секторот за животна средина.


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"