|
ПОЛИТИКА
Одржана лидерската средба кај претседателот Трајковски
ЗАКОНИ ЗА ПРАВАТА НА АЛБАНЦИТЕ?!
Пишува: Жаклина МИТЕВСКА
- Законот за пасошите ќе се донесе до јуни следната година. Сега за сега
се уште не се знае дали албанскиот јазик ќе се најде на насловната
страница на пасошите. Но, како што тргнале работите, по се изгледа ќе има
место и за него. Двојазичноста на пасошите ќе значи промовирање на
бинационалниот карактер на државава.
- Пакетот закони за децентрализација кои ќе треба да се донесат до
декември и зајакнатите надлежности кои ќе треба се пренесат на локалната
самоуправа до локалните избори предвидени за крајот на 2004 година, ќе
значат уназадување на правата на Македонците во оние средини каде што тие
се малцинство.
- Средбата кај Трајковски беше збогатена со присуството на амбасадорот
на САД, Лоренс Батлер, и специјалниот претставник на Европската унија,
Алексис Брунс.
Н а 26 декември минатата година се
одржа долгонајавуваната лидерска средба кај претседателот Трајковски. На
состанокот кој траеше три часа присуствуваа лидерот на СДСМ и премиер,
Бранко Црвенковски, и првите луѓе на ДПА, Арбен Џафери и на ПДП, Абдурахман
Алити. Демократската унија за интеграција ја претставуваше заменик-
премиерот Муса Џафери, кој во Владата е задолжен за децентрализација, но и
за вработување на Албанците во државните служби. На лидерската средба
присуствуваа и министрите за финансии Петар Гошев и за локална самоуправа
Александар Гештаковски, бидејќи ресорите со кои тие раководат се вклучени во
исполнувањето на Рамковниот договор. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од
потписниците на охридската спогодба не присуствуваше на средбата. Овој
состанок кај Трајковски беше збогатен со присуството на амбасадорот на САД,
Лоренс Батлер, и специјалниот претставник на Европската унија, Алексис Брунс.
Учесниците на средбата кај Трајковски се надеваат дека ВМРО-ДПМНЕ
останува на определбата за спроведување на документот и дека најголемата
опозициона партија ќе се појави на следната средба кај Трајковски,
предвидена за овој месец на која ќе бидат дефинирани листата и роковите за
законите што не се поврзани со децентрализацијата, а произлегуваат од
Рамковниот договор. Неколку од тие закони, како што изјави портпаролот на
Трајковски, Борјан Јовановски, може да бидат усвоени и пред предвидениот рок
во јуни следната година.
ВМРО-ДПМНЕ одамна најавуваше дека нема да учествува на таа средба.
Неколку дена пред одржувањето на состанокот кај Трајковски, екс-министерот
за внатрешни работи, Бошкоски, изјави: Ние ги исполнивме главните обврски
од Рамковниот договор, кој е минато, а новите закони не се толку битни. Нема
да учествуваме на циркусијадата што ја подготвуваат некои типови, како што е
и Претседателот на државата сакајќи да се претстават како фактор на
одлучување.
Без оглед на тоа што на средбата не присуствуваше Георгиевски, лидерот на
СДСМ, Бранко Црвенковски изјави: Охридскиот договор во рамките на веќе
направените уставни реформи е од толку големо значење што не треба на кој
било начин да се вметнува, односно да се користи и злоупотребува за
дневнополитички потреби и за дневнополитички активности. Она што
можам да го кажам, додаде Црвенковски, е дека ставот на СДСМ и ставот
на Владата е дека имплементацијата на Рамковниот договор останува еден од
најголемите приоритети и ние тоа ќе го правиме со или без поддршка на
ВМРО-ДПМНЕ.
ЗАКЛУЧОЦИ
На оваа рунда разговори кај Трајковски беше заклучено општините да
останат под државна капа и во наредната година, а спорниот закон за патни
исправи, на кој заглави и претходната влада, во Парламентот да влезе
најдоцна до јуни идната година. Јовановски потенцира дека на средбата не
било разговарано за конкретните решенија за употребата на јазиците на
насловната страница на патните исправи. Но, кружат информации дека можно е
Владата веќе во февруари да предложи законско решение за употребата на
јазиците на пасошот, односно дали на насловната страница ќе се најде место и
за албанскиот јазик. Искуството не учи дека Албанците ќе го добијат и ова
право. Рамковниот договор не ја содржеше обврската за двојазични патни
документи, бидејќи со таквото решение државата би се втурнала во класичен
федерален облик. Се поставува прашањето кој ги омекна позициите па
актуелните властодршци воопшто да разговараат за ова горливо прашање? Дали
повторно вината ќе ја бараме во меѓународните посредници или во
неспособноста на актуелните кадри да се справат со несопирливата офанзива на
албанските политички партии и во власта и во опозицијата. Ќе посегне ли
некој повторно по оружјето доколку не се задоволат албанските апетити?
"Нема да учествуваме на циркусијадата што ја подготвуваат
некои типови", изјави Бошкоски
На средбата кај Трајковски е укажана потребата од меѓународна поддршка во
градењето на мерките за доверба. Приоритет да им се даде пред се на
безбедносната состојба во подрачјата опфатени со ланскиот конфликт,
создавање услови за враќање на раселените лица, пред се преку обнова на
разурнатите домови и инфраструктура, за што Владата презема обврска. Јасно е
дека роковите се пробиени, но добро е што официјалните ресори не отстапуваат
од она што е предвидено со планот за враќање на протераните.
Состанокот, како што изјави Борјан Јовановски, портпарол на шефот на
државата, ја постигна својата цел. Реафирмирана е определбата за целосна и
брза примена на Рамковниот договор, кој придонесува за зацврстување на
стабилноста на државата и за нејзиното приближување кон ЕУ и НАТО.
ДЕЦЕНТРАЛИЗАЦИЈА
Според заклучоците усвоени на состанокот кај Трајковски Владата до мај
оваа година ќе го подготви пакетот закони за децентрализација, по што
Собранието би ги усвоило најдоцна до декември 2003 година, во согласност со
член 96 од Законот за локална самоуправа. Целосниот трансфер на надлежности
дефинирани во тој Закон треба да се реализира до 2004 година, односно до
наредните локални избори.
Владата, пак, во текот на овој месец ќе донесе нацрт-оперативен план за
децентрализација. За јануари се најавува уште една лидерска средба на овие
теми. Другите закони што не се поврзани со децентрализацијата, а
произлегуваат од Рамковниот договор, договорено е Парламентот да ги донесе
до крајот на јуни идната година. До следната лидерска средба ќе биде
дефинирана листата на овие закони и точните рокови за нивно донесување.
Владата во почетокот на 2003 треба да донесе и Акционен план за правична,
односно соодветна застапеност на заедниците на јавната администрација во
која ќе биде определена динамиката за исполнување на оваа обврска од
Рамковниот договор. На средбата е заклучено Министерството за финансии до
крајот на идниот месец да изврши процена на трошоците што произлегуваат од
спроведувањето на Рамковниот договор, а кои ќе паднат на товар на Буџетот,
за да се обезбеди поддршка од меѓународната заедница на тој план.
Вицепремиерот Муса Џафери и министрите за локална самоуправа и за финансии,
Александар Гештаковски и Петар Гошев, го презентираа Нацрт-планот за
спроведување на Рамковниот договор што го утврди Владата. Но, факт е дека
големо влијание врз успешното спроведување на законот ќе има и начинот на
географското формирање на новите општини пред се поради притисокот од страна
на албанските политичари тие да бидат со етнички граници. Тоа би значела
класичка кантонизација на државата. Сепак, на потег е Гештаковски со
неговиот тим.
ЗАКОНИ
Гештаковски на неодамнешната седница на Заедницата на единиците на
локалната самоуправа изјави: До крајот на идната 2003 година се очекува
да бидат донесени три системски закони, за територијална поделба на
општинските граници и за финансирање на единиците за локалната самоуправа, а
врз основа на овие исклучително важни правни акти што ја опфаќаат
децентрализацијата, ќе се изработи и законот за градот Скопје, чие
усвојување би било на пролет 2004 година.
Министерот Гештаковски, образложувајќи ја потребата од новото
прекројување на границите и определување на локалната мапа во Република
Македонија, како и за финансирање на новите општини за чиј број се уште не
знае колкав ќе биде во иднина, соопшти дека првата фаза од овие носечки
закони за територијална поделба и за финансирање на општините, односно за
финансиска децентрализација, ќе биде презентирана во април - мај 2003 година.
Расправата за овие проекти со основните согледувања е предвидена за мај -
ноември во идната година, а донесувањето за ноември - декември 2003.
Главен и носечки дел од имплементацијата на Рамковниот договор, како што
потенцира тој на состанокот на Заедницата на единиците на локална самоуправа,
е децентрализацијата кој Владата ќе го утврди како нацрт, а врз основа на
одредени забелешки во текот на јануари 2003 ќе го усвои како план за негова
реализација. Во документот точно се определени законите, можеби и повеќе од
80 проекти во секоја сфера, како и во кои рокови треба да се донесат и во
кои рокови да се трансферираат надлежностите. Клучен момент за спроведување
на реформата во локалната самоуправа се локалните избори 2004.
Иако Владата најави целосна имплементација на Рамковниот договор заборави
дека на овој начин направи чекор напред за Албанците, а чекор назад за
Македонците. Но, одамна се знаеше дека ќе биде така. Уште со потпишувањето
на Рамковниот договор тие му ја запечатија судбината и иднината на
македонскиот народ. Тоа ќе значи уназадување на правата на
Македонците во оние средини каде што тие во својата татковина ќе бидат
малцинство.
|