ПОГЛЕДИ

Огледалце, огледалце

МАРИОВО НА КОЕ МУ СЕ ВРАЌАМЕ!

Гог ма Гог

Јазикот во устата е многу немирен... Како водата е, пустиот, сака да "излезе", да каже, па макар и самиот да се – поткаса. Деновиве пред Нова година и Божиќ, без пари, за што друго да размислуваш, освен за сиромаштијата и арамиите. Со гнев или бес/з? Се сетив на следбеникот на големиот Конфучие, Сјун Це: "... Ако се служиш коректно со јазикот и обичаите, ќе помогнеш да има мир, а Духот ако го исчитиш од страста, ќе му се отвори на разумот!".

Леле мајко, кој да ги разбере овие филозофи, погладни од нас, а ербапи, мислиш побогати и од – Ротшилдови!? Имам еден постар човек од мене, и како секој добар шахист што има свој секундант, го прашувам за совет пред да конвертирам потег: Да пишувам за арамиите, му велам? Не, ми вели... Народот таквиот сој на луѓе брзо ги заборава. Ќе видиш, ако сега за нив толку многу се зборува и се пишува. Арамии имало, има и ќе има. Народот го мачат други проблеми за кои арамиите не знаат, оти тие се секогаш понови од вчерашните, а ќе остане само она кај арамиите, да го паметат и да им тежи што направиле.

Да, се согласив, и побарав друга тема... Во Мариово почнаа да се раѓаат деца, на каменот, во скрките, во јаслите како Исус Христос! А, оти да не? Кому оваа земја македонска му згрешила да не биде миросана и благословена... Дури ни на оние терористи шумски или урбани, сеедно, кои бездушно сеат и страв и смрт.

Плачот на бебињата во Мариово е можеби спасот за Македонија. Нивните родители се оние разочарани бегалци од индустријализацијата која мудриот Марко ја предвиде како "елиминација на селанството...". Стојко и Неда, Ристе и Трајана не се срамат повеќе од своето потекло зачнато во заветрините на Трибор, или Железна Порта, и му се враќаат на старото огниште во камените куќи во Витолиште, Крушејца, Кален, Бешиште, таму кај што некој од зад планините им говори тивко и сугестивно дека Македонија е убава земја и на секоја педа од нејзината територија вреди да се живее.

Бегањето од селото скапо го плативме. Неодамна го слушам Милан Ѓурчинов кој не го напаѓаше Скопје како центар и град држава, но мошне жилаво и уверливо ја бранеше – провинцијата... Ѓурчинов, сосема разбирливо, зборуваше за книжевноста и литературните списанија, меѓутоа неговите метафори погодуваа во сукусот на нашиот живот, оној што беше готов да "умри" за Мариово, а го разбуди плачот на првите новородени деца по две, три или пет децении.

Корозијата на нашиот мир не ја предизвика Али Ахмети, оти нашиот "состав на материјалот" во состојба во која го доведовме, можеше да го "нападни" и Ила Итемха (кованица од превртени зборови). Во Македонија ние не ги оставивме луѓето да го живеат својот живот и да им помогнеме во подобрувањето на квалитетот на - животот... Напротив: секое интровертно погледнување на нашата слика, безусловно ќе ги открие големите грешки, ако сакаме да си ги признаеме. Ние и ден денеска тие грешки ги повторуваме, како непоправливи ученици, заинатени дека "никој не може да не учи, ние сите ќе ги научиме!".

Оживувањето на Мариово е камен по главата на Власта, да се отрезни дека нејзината транзиција од социјалистичко во капиталистичко општество претставува чин издигнат на степен на гол - опстанок... Вратете се назад педесет години кога им ги земаа последните овци и крави, кога им ги сечеа шумите, кога колективно ги колективизираа и од сопствениците направија измеќари, па до ден денес кога истата судбина ги снајде и со фабриките и со задругите.

Каде, се прашуваа таткото и мајката на новороденото дете? Назад, во Мариово! И тргнаа, стасаа и почнаа нов живот... Оние што украдоа, не ги збира никаде. Ни на Бермудите, ни на Хаваите. Во право бил мојот стар, добар секундант: Тие немаат свое Мариово да му се вратат!


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"