|
КОМЕНТАР
Македонски плурализам
КУМАНОВО - ЦЕНТАР НА ТЕРОРИЗМОТ ВО 2003
Пишува: Мишко ТАЛЕСКИ
- Самиот старт на новата година може да биде многу фрапантен за нашава
земја и покрај тоа што официјалните македонски власти и претставниците на
меѓународната заедница во Скопје се обидуваат преку своите реторики
значително да ја ублажат ситуацијата во која се наоѓаме.
- Можеби навидум ништо не се случува, се чека на СДСМ и на ДУИ набрзина
да ги реализираат проектите од Рамковниот договор, но отстрана се множат
индивидуите, групите и организациите кои чекаат на сите грешки на
истомислениците на Црвенковски и Ахмети.
С екогаш кога ги дочекуваме новите
години првата мисла која ќе ни паднела на памет била желбата за здравје,
среќа и поубави нешта од претходните дванаесет месеци. Но, како што
одминуваат годините, визиите ни се менуваат и наместо пари и богатство
посакуваме да има само мир и безбедност, да ни бидат живи и здрави чедата, а
за пари и луксузи само здравје. Колку луѓето станаа скромни? Дотерани во
ќошот на небиднината не им преостанува ништо друго освен да се помолат за
малку похармоничен живот. А, вредностите на животот полека исчезнуваат, се
претопуваат во нешто сосема поинакво од она што е својствено за нашиот човек
и граѓанин.
Годините кои минуваат како возови по пругите ја расипаа човечноста во
човекот, злото ја замени добрината, неискреноста и лагата надвладеаја над
искреноста и вистината. Граѓанските маси станаа деконсолидирани, некој успеа
да ги подели, да ги сврти едни кон други, да ги одроди. Стратешките идеи на
новопечените политиканти и на оние т.н. доајени од политичката сфера сосема
свесно ја насочуваат водата на воденицата од која поплавени ќе останат
умовите на обичните. На крајот само да не се удават.
ИМААТ ЛИ ПРАВО
И на стартот на третата година од новиот милениум целата македонска
популација по кој знае кој пат е исправена пред нови предизвици во овие
тешки времиња. И по онаа народната "ќе се откачиш од едно, ќе се закачиш за
друго", македонската држава "успешно" ги турка годините. Со закани, со
притисоци, со арамилак и пак некако се тера. Тврдокорноста и тврдоглавоста
на македонските граѓани ја прави ситуацијата многу покомплексна. Што & да се
случи во секој домен и сегмент на општествениот живот народните маси
реагираат пасивно, со недоволно познавање за материјата и проблематиката
која лежи во институциите на системот. Со пцуење и викање пред телевизиските
и радиоприемниците ништо не се решава. Сакајќи да докажеме и да покажеме
дека народот повеќе никој не може да го лаже и да манипулира со него, сепак
голем дел од него и натаму потпаѓа под пресијата на идеологијата на одредени
партиски структури. Замаен од "харизматичноста" на најголемите партиски
водачи од лева и десна провиниенција истиот тој народ многу години наназад е
воден во беспаќето налик на Самоиловите војници од 1014-тата. Така слепо
воден повторно пред новата година тој народ, македонскиот, наместо благодет
бара мир од истите оние што го разградија мирот, соживотот и вистинското
човечко однесување. Апелира за мир пред институциите и организациите
злоупотребени од неморалното однесување на политичките гарнитури надвор од
сите етично-морални и меѓународно-правни норми. Се накотија квазиполитичари,
квазипатриоти, станавме квазидржава со видливо опаднати белези на државност.
Сега некој се обидува да не врати на некогашната позиција, да не спаси од
лудилото кое како епидемија ги зафати сите. Се промовира чесност од
некогашните нечесни луѓе, му се плука на граѓанинот во избрчканото лице и
незатскриено му се смеат за наивноста која ја прикажал. Имаат ли право тие
луѓе кои сме ги одбрале и како поранешни и како актуелни наши водачи да ни
ја честитаат Новата година која ќе биде нова само како бројка, а се друго ќе
биде по старо!? Имаат ли лице и чесен образ да излезат само пред камерите,
но не и пред незадоволните и обесправените и да ни посакаат среќа и успех во
новата 2003? Зарем забораваат дека нашата среќа и успех зависат токму од нив?
РЕТЕРИРАЊЕ
Ништо веќе не паѓа озгора, ништо Господ Бог не подарува, се мора да
заслужиме и постигнатото да го оправдаме. И деновиве како и сите години
досега ќе празнуваме, ќе се радуваме на новогодишните празници, ќе го
чествуваме раѓањето нашиот небесен судител, Исус Христос. И така ќе ги
развлечеме гозбите и гостите до новата година од стариот календар за да ги
испочитуваме и василичарите. Се изнаработивме минативе месеци па редно е
убаво да се одмориме. Но, некој не седи со скрстени раце, некој не им
придава големо внимание и значење на празнициве, туку активноста смислено и
плански разработено ја концентрира врз сосема други работи.
Последниве недели медиумите во земјава нашироко пишуваа и информираа за
нови раздвижувања на новоформирани терористички одреди длабоко во
територијата на Република Македонија, во граничниот појас на југословенскиот
протекторат. Оттука, самиот старт на 2003-тата година може да биде многу
фрапантен за нашава земја и покрај тоа што официјалните македонски власти и
претставниците на меѓународната заедница во Скопје се обидуваат преку своите
реторики значително да ја ублажат ситуацијата во која се наоѓаме. И можеби
навидум ништо не се случува, се чека на СДСМ и на ДУИ набрзина да ги
реализираат проектите од Рамковниот договор, но отстрана се множат
индивидуите, групите и организациите кои чекаат на сите грешки на
истомислениците на Црвенковски и Ахмети. Тие грешки ќе бидат вешто
искористени од двете страни на опозицијата во насока на разнишување на
коалицијата која сега засега стои некако на здрави нозе, но со широки
можности за нејзино деградирање.
Улогите на опозиционите ВМРО-ДПМНЕ и ДПА на Георгиевски и Џафери можат да
бидат многу поопасни кога се надвор од власта, отколку кога се во неа. Имено,
секоја партија кога ќе претрпи пораз на изборите се декларира дека ќе води
конструктивна политика и нема да & одмага на новата власт. Но, дали секогаш
е така? Губењето на власта може да придонесе за ретерирање на ставовите кај
одредени личности во зависност од улогата што ја имале додека биле на власт.
Така, наместо конструктивна може да се води екстремна политика која од
вербални екстремизми може лесно да премине во практични и физички
радикализми. Тоа е чест случај досега во голем број постсоцијалистички и
јужноамерикански земји кои имаат недоволно развиено чувство за демократија.
Поставеноста на македонската опозиција досега не отскокнуваше многу од
просечната европска демократија, додуша со повремени излети и потези кои не
значеа ништо друго освен што побрзо враќање на позициите на власта.
Актуелните чекори на новоизбраните македонски владејачки гарнитури од ден
на ден се повеќе ги разгневуваат новите опозиционери, бидејќи решенијата што
се преземаат од институциите на системот и судските органи ги засегаат лично
поранешните функционери. И сега како да се одвлече вниманието на јавноста и
на државните органи од овие процеси? Многу лесно, се разбира.
Четири години наназад преживувавме по најмалку две афери неделно - те
политички, те економски, те воени. Така преживуваа тогашните властодржци. Со
нови скандали, со судири, со уривање на темелите на државата.
Политичко-теренските банди на стартот на 2003-тата подготвуваат погодно тло
за отпочнување на нова серија атаци против безбедносните сили, а преку нив и
на институциите на државата. Еклатантни примери за тоа има многу.
Радикалните компоненти од обете страни повторно се консолидираат со
изработка на нови фази кои би требало да бидат многу поопасни и покрвави од
минатогодишните. Контроверзните ставови на вториот човек на ДПА, Илијаз
Халими, од пред неколку дена го потврдуваат сето тоа. Правата на Албанците
во земјава наместо да се усовршувале и развивале, тие оделе во надолна
линија, па затоа ако се сакало побрзо стекнување на она што е зацртано со
охридскиот Договор потребна била уште една, но поостра војна меѓу двата
етникума, мнозинството и малцинството. За ваквата изјава на Халими би
требало да се бара соодветна одговорност, бидејќи јавно изнесува став кој се
коси со демократските начела и поттикнува омраза меѓу мешаното население.
Но, сепак, не е се туку така кажано. Само еден ден по изјавата на
екс-заменикот на парламентарниот спикер се случи најгрозоморниот
терористички акт во поствоениот период во земјава. Кумановскиот случај со
една жртва и неколку повредени ги демантираше официјалните ресори во
државата дека банди нема. Тие се уште постојат, ги прават последните
генерални проби пред финалето кое би следело со разлистувањето на
вегетацијата на пролет.
МИТСКО ДЕЛО
Последниве години навикнавме да трпиме закани за постојани пролетни
офанзиви па така и оваа. И службите однадвор и оние добро упатените одвнатре
веќе не го доведуваат под знак прашање сценариото за нови воени дејства,
туку се разгледуваат само моделите и методите на кој начин тоа би постигнало
поголеми ефекти. Со партизански и герилски облик или со невидлив т.н. урбан
тероризам. Деновиве се испробуваат сите рецепти. Кој од нив ќе надвладее?
Урбаниот тероризам на Блискиот Исток со години наназад предизвикува
хорор-кошмари за израелскиот народ кој на ниту еден начин не може да го
сопре дивеењето на палестинските фанатици. Таквиот облик на водење војна
доведува до три ефекти: политички, безбедносен и психолошки. Секој од овие
постигнува одредени резултати и збирно даваат огромна предност пред
институциите на системот кои ако се однесуваат пасивно и неорганизирано,
можат да бидат доведени пред свршен чин. Се поставува прашањето колку
македонските безбедносни и разузнувачки служби се подготвени да се соочат со
предизвиците и опасностите што со себе ги носи урбаниот тероризам од гледна
точка на неговиот софистициран облик во кој се појавува.
Дали антитерористичкиот корпус со кој располага македонската држава може
навреме да ги открие, спознае и спречи бомбашките подметнувања на фреквентни
места од типот на централни градски подрачја, автобуски станици, контејнери?
Време за дополнителни инструктажи и обуки нема. Тоа овластените досега
требаше да го имаат на ум. Кулминацијата на нештата се уште не е достигната.
По инсценираното труење на злоупотребените Албанци, по терористичкиот акт
пред гимназијата "Гоце Делчев" јасно е дека Куманово е следната цел на
албанскиот терористички и муџахедински ешалон.
Ако Тетово, Гостивар и Дебар како така ги сметаат за свои цврсти упоришта,
тоа не е случај и со кумановската Општина.Таму соживотот и процентуалната
застапеност на етникумите се слични со периодот од пред отпочнувањето на
воената криза. Сега работите и таму некој сака да ги промени. Имено,
Куманово влегува во зоната на таканаречени албански етнички територии, па
оттука не зачудуваат последните акции водени во насока на побрза реализација
на призренските карти.
Сето ова не наведува на следниов заклучок: Најавуваат пролетна офанзива,
но веројатно не очекува и жешка зима. Изјавата на промоторот на тероризмот
во Македонија, Али Ахмети, дека нема причини и повод за нова војна во
Македонија е само ставање превез врз очите на сите оние кои будно ги следат
работите. Неговите следбеници и ученици активно се подготвуваат да го
продолжат неговото митско дело. Дали наскоро можеме да бидеме сведоци на нов
видоизменет рамковен договор?
|