Терористички акт во Куманово

Полицијата нема нови информации за инцидентот во Куманово во кој од експлозија на бомба подметната во контејнер пред кумановската гимназија "Гоце Делчев" загина едно лице, а четири беа повредени. Во МВР велат дека истрагата е во тек, но оти засега нема сознанија за евентуалните сторители на овој терористички чин. Според истражните органи, засилено се собираат информации во врска со инцидентот, се вршат анкетирања на граѓаните.

Во многубројните реакции од домашни и странски лица кои го осудија овој терористички акт се вклучува и Министерството за надворешни работи на Албанија. Во соопштението од ова Министерство се вели дека се надеваат оти ваквите ситуации ќе бидат третирани на соодветен начин од властите, без да се остава простор за нивна злоупотреба за одредени политички цели.

Во јануари нови амбасадори

Промени во систематизацијата на Министерството за надворешни работи, враќањето на старата дипломатска номенклатура и враќање на правилниците за работа, вклучувајќи ги и интерните конкурси за праќање дипломати, се трите главни промени во МНР кои ги најави министерката за надворешни работи, Илинка Митрева. Таа најави и измени на законот за патни исправи, односно за издавањето дипломатски пасоши, бидејќи биле регистрирани злоупотреби на дипломатските пасоши. За враќањето на некои од амбасадорите, Митрева потенцира дека ќе зависи од нивниот квалитет и упатеност. Имињата на новите амбасадори ќе се знаат во јануари.

Министерката потврди дека се констатирани финансиски злоупотреби во МНР, но Министерството за финансии било надлежно за правната завршница на тие злоупотреби.

Георгиевски се подготвува за предвремени избори

Во интервјуто за неделникот Фокус, лидерот на најголемата опозициона партија Лубчо Георгиевски, на прашањето дали на земјава & се заканува граѓанска војна, вели дека можеби тоа се претешки зборови, но дека нема да биде симпатично да се живее во Македонија. Причина за тоа, според него, се промовирањето на ОНА како фактор кој се поддржува, уништувањето на сето она што е создадено на економски план, како и јавниот и политичкиот линч на кој е изложена опозицијата.

По само сто дена принудени сме да размислуваме за промовирање на идејата за предвремени избори и тоа само поради катастрофалните потези на новата власт. За таа цел ќе се случуваат масовни демонстрации какви што немало досега, вели Георгиевски.

Погрешен потег на ДПМНЕ

Отсуството на ВМРО-ДПМНЕ од Парламентот и замрзнувањето на подготвеноста за спроведување на Рамковниот договор, е политички погрешен потег, токму за најголемата опозициска партија во Македонија, изјави специјалниот пратеник на ЕУ за Македонија, Алексис Брунс.

Тој во интервју за Радио Слободна Европа потенцира дека во неколку наврати се обидувал да го убеди Георгиевски колку е важно тој да присуствува на лидерската средба. Брунс истакна дека и покрај отсуството на претставик на партијата на средбата, вратата за присуство на ВМРО -ДПМНЕ на овие средби е отворена.

Година на реформи

Претседателот на Република Македонија, Борис Трајковски во новогодишното интервју за повеќе медиуми, изјави дека 2003 година ќе биде година на законот и на реформите. Односите со Владата на Црвенковски, според него, се интензивни и конструктивни. Запрашан за неговиот став за крајниот статус на Косово и дали би прифатил негова независност, Трајковски вели дека за Косово се важни стандардите пред статусот, а кога ќе се решава за статусот, Македонија нема да биде повикана. Околу неговото евентуално кандидирање за втор мандат, Трајковски вели дека премногу е рано сега да каже што и да е.

Македонија има шанси да ги подобри состојбите!

Согледувајќи ги економските параметри, затекнавме состојба што гио надминува сите песимистички очекувања, нагласува премиерот Бранко Црвенковски во интервју за новогодишното издание на "Денес".

Во буџетските ставки, додава Црвенковски, е констатирано дека нема министерство во кое не се воочени бројни злоупотреби, малверзации и склучување штетни договори. Премиерот изразува цврсто уверување дека Македонија има шанси и оти ќе направи се за подобрување на состојбите.

СДСМ да го објави договорот со ДУИ

Стојан Андов, координатор на пратеничката група на ЛП, инсистира Владата да го објави договорот што, пред нејзиното формирање, бил склучен меѓу СДСМ и ДУИ, а со кој би требало да се стабилизира безбедносната состојба во земјава. Либералот Андов ја повика Владата наместо "да се занимава со ловење вештерки, да се обиде да ја санира состојбата за која сама е виновна".


 

Gore

 

Copyright © 2002 "МАКЕДОНСКО СОНЦЕ"