Ако не гледа Горниот во каква каша сме, тогаш веруваме дека во Неговата
светост има барем малку милост да ни вдахне надеж оти во овие долните,
скапаните политичари нема хуманост. Од нив немаме никакво фајде. Направија
таква ѓурултија и пакост што веруваме и Нему би му било тешко да ја среди
замрсената ситуација. Тие немаат ниту лице, ниту образ да се свртат и да го
послушаат плачот што се слуша од Галичник, од Скопје, од Куманово, од Прилеп,
од Струмица и од многу други места во Република Македонија.
Во овој наш и мил зовриен котел само гледаме бруталност, насилија,
убиства, незадоволство, разочараност, бесперспективност и многу други лоши
нешта. Заборавивме на многу убави нешта. А, што беше тоа љубов? Кога за
последен пат сме се насмеале на некоја добра шега? Сето ова толку ни
недостига, сето ова ни е многу далечно. Само од снајперот "црна стрела" се е
така близу, па и смртта што е неизбежна. И таа е "човечна" и праведна, па ќе
ги стигне сите. Дури и политичарите што мислат дека се вечни и живеат
забарикадирани во своите дворци. Дури и терористите што се сместија во
Парламентот. Амнестијата не е некоја сигурна гаранција. Затоа веруваме дека
и нивната последна надеж - алтаните - нема да ги спаси од заслужената казна.
Таа кога тогаш ја пронајде целта.
ГРБОТ И СЛАМАРИНАТА
Деновиве чувме дека нашите политичари само негде летаат. Нели по малку е
чудно да станале птици преселници в зиме. Одат ли на долго зимување? Да!
Само што некои во Шутка, други фаќаат усвет. Мајка "бежанија". Овој "долниот"
толку се размавтал и им влеал страв што не знаат што да прават. Но, да не
биде ова уште една манипулација за народот. Горко мачкање на очите. На ваков
светол чин, пред четири години, во името "борба против корупцијата" и
претходните се заколнаа, а од нивната акција остана само "бисерите". Затоа
сега не знаеме дали сме на земја или на небо.
Инаку, сведоци сме дека нашите политичари не можат да најдат удобни
кревети за спиење, па затоа кога лежат постојано се превртуваат, мешколат и
пцујат. Кој им е виновен што ја уништија древната Македонија, ама и
индустријата, па таа јадна не може да им најде соодветен кревет? Но, и во
тоа има нешто добро и поучно. Нека им се научи грбот на сламарина. Белки ќе
научат и ќе почувствуваат во какви услови спие народецот. Тој е сличен на
затворскиот. И во Шутка и во Идризово не е посјајно. Ако за народот има
место, тогаш ќе се пронајде и за политичарите. Веруваме дека нема постојано
да живеат во облаци, освен ако не не надмудрат. Ако не абдицираат во Сибир
или во Дубаи, на Кипар или на друго место. Но, мал е светот. Насекаде не има.
Политичарите заборавија дека Македонците отидоа на печалба на сите
континенти.
КОЈ ШОК БИ БИЛ!?
"Зар и ти сине Бруте" - крикна Цезар. Во неговите зборови има поучна
вистина, бидејќи во многу нешта може да не потсети на нашите "Цезари".
Римското царство се распадна затоа што внатре имаше непријатели.
Македонското царство, она постарото и од Рим, на Александар Македонски, се
распадна поради истата причина. Од внатре црви ја изедоа Македонија. Затоа
се плашиме дека црвите ја нападнаа Република Македонија, последното
прибежиште на македонскиот народ. Кој не верува во оваа суровост, чиниме е
слепец! Но, и тие можат подалеку да видат од оние што имаат очи, ама не
можат да ја видат сопствената грешка. Имаат уши, ама не можат да слушнат.
Зошто? Му служат на непријателот. Му служат на ѓаволот, на сатаната.
Премногу војници Луцифер примил во служба. Премногу аргати му ја продадоа
душата оти политичарите не му дадоа на народот леб и работа. Нема полоша
судбина на сопствениот народ да му го одземеш лебот, куќата и државата.
Таква зла клетва не ја надвиснала судбина на ниту еден народ и затоа мораме
да патиме. Од такви црнила со векови страдаме и не можеме да се вивнеме кон
височините. Нам ни се чинат дека се толку далеку, а за нив е потребно само
малку да се допрат, да се достигнат. Кој шок за нас би бил, кога народот би
имал работа, би имал плата? Би имал... барем некоја си посветла иднина. Но,
македонскиот народ не е навинат да биде вработен. Не е навикнат на мир и на
благосостојба. Него постојано го учат да живее со поднаведната глава. Но,
зошто вратот и главата толку ниско да ги спуштаме? За достоинството и
почитта е потребно само малку, само малку среќа. Зарем и таа ја загубивме!?
Што к'сметлии ќе бевме?
ЗА ТУЃИНАТА
О, Господи прости ни ги гревовите, ако ние мораме да им ги простиме
будалаштините на нашите новопечени "болјари". Умот им е споулавен и затоа Те
молиме да ни помогнеш нивното беснило да го изгониш, оти од нив страдаме,
еве повеќе од десет години. Еве повеќе од педесет години. Еве повеќе од
петстотини години. Еве повеќе од две илјади години. Еве повеќе од илијадници
години. Од век на век тоа ни се збрало и ни натежнало. Не беа доволни парите.
Не беа доволни златниците. Не беа доволни замоците. Па, Господи што сакаат?
Господе помагај! Не знаеме што повеќе да им дадеме, а и да посакаат уште
нешто повеќе немаме, освен коските и кожата. Само тоа ни остана. Од
немајкаде си ја трпиме душата, од немајкаде ги јадеме трошките, од немајкаде
живееме во оној дел што се уште се нарекува Република Македонија. Можеби
утре, како по традиција, од колено на колено, пренесено, ќе се разбудиме во
некоја друга држава. Во некое друго царство. Во некоја земја небиднина. А
бре туѓина си е туѓина! Зарем нашата земја, нашата родна грутка, нашата
татковина да ни стане туѓина!?
Затоа Господи помагај! Само ти ни остана. Нека не крепи здравјето. Нека
не крепи надежта дадена од Тебе, оти Пандорината кутија од Македонија
направи се, освен она што треба да биде - Република Македонија. О, Господи,
дај ни малку сила да го изгониме ѓаволот од нашиот двор и да ја закрепиме
нашата древна македонска држава.