ИНФО                                           
     
  ФИЛМСКИ ВОЗ СКОПЈЕ - ВЕЛЕС ЗА СТО ГОДИНИ
ОД РАЃАЊЕТО НА КОЧО РАЦИН


По повод 100 години од раѓањето на Кочо Рацин, основоположникот на македонската современа литература, денеска од железничката станица во Скопје кон неговиот роден Велес ќе тргне филмскиот воз „Кочо Рацин“.
Манифестацијата ја организира Европската филмска академија ЕСРА Париз-Скопје-Њујорк, во соработка со Министерството за култура, Македонски железници, МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија и општината Велес. Претставници на овие институции и голем број писатели и студенти ќе бидат патниците во возот што ќе сообраќа во чест на поетот и револуционер.
Централниот настан по повод денот на раѓањето на Рацин (18 декември 1908) ќе опфати повеќе сегменти. Во возот ќе биде поставена изложба на фотографии на Рацин, подготвена од Македонскиот центар за фотографија. Програмата ќе продолжи во Велес со посета на куќата и на споменикот на Кочо Рацин и со изведба на музичко-сценски ораториум „Вечниот Рацин” во новоотворената сала „Бели мугри”.
Овој настан неодамна го најави ректорот на ЕСРА Јордан Плевнеш на собир во НУБ „Св. Климент Охридски“ посветен на стогодишнината од раѓањето на Рацин. Тој рече дека идејата за настанот ја добил додека бил амбасадор во Франција, каде што во 2002 година бил организиран воз од Париз до Безансон по повод 200 години од раѓањето на Виктор Иго.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  МИЛОШОСКИ: СЛЕДНИОТ ЈУБИЛЕЈ МАКЕДОНИЈА ЌЕ ГО ОДБЕЛЕЖИ КАКО ПОЛНОПРАВЕН ЧЛЕН НА
НАТО И ЕУ


Убеден сум дека следниот јубилеј со сопствени залагања, но и со продолжување на помошта и поддршката и од вашите земји, Република Македонија ќе го дочека и одбележи како полноправен член на НАТО и на ЕУ, место кое Македонија навистина го заслужува, нешто што нашите пријатели со кои денес го прославуваме овој јубилеј, постојано ни го потврдуваат.
Вака македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски им се обрати на претставниците на дипломатскиот кор во земјава на централното одбележување на јубилејот 15 години од воспоставувањето на дипломатските односи на Република Македонија со 13 земји од Европа, синоќа во Домот на АРМ во Скопје.
Во обраќањето по повод „15 години европско пријателство и партнерство“ Милошоски потенцира дека македонскиот народ и сите припадници на други етнички заедници високо ги ценат пријателството и соработката која следеше изминативе години.
- Изминатите 15 години се карактеризираат со духот на меѓусебна доверба, почитување и помагање. Тоа особено доаѓаше до израз во развивањето на политичката, економската, културната и останатите видови соработка од взаемен интерес потврдени со бројни посети на највисоко ниво, потпишани бројни меѓународни договори, реализирани бројни заеднички иницијативи, рече Милошоски.
Тој подвлече дека не можеме да ја заборавиме и поддршката и помошта што Република Македонија ја имаше во периодите кога се справуваше со одредени потешкотии во својот развој, како што беа економските ембарга во 90-тите години, војната во соседството и големиот бран бегалци и внатрешната криза во 2001 година.
Во обраќањето, шефот на македонската дипломатија посочи дека европскиот дух на пријателство и партнерство особено дојде до израз преку константната поддршка која Македонија ја добива во нејзините напори за целосно интегрирање во ЕУ и во НАТО, од страна на, како што рече, најголемиот број земји со кои го одбележуваме овој јубилеј.
Добрата соработка, според Милошоски, дојде до израз не само во билатералните односи, туку и во однос на повеќе регионални и глобални прашања врзани со заедничките напори за зачувување на мирот и безбедноста и изградбата на демократски слободни и просперитетни земји.
- Република Македонија во изминатиот период докажа дека е кредибилен партнер на меѓународната заедница, земја која даде придонес за стабилизирање на состојбите во регионот на ЈИЕ, а како функционална мултиетничка демократија покажа дека соживотот на различни етнички групи и религии претставува наша додадена вредност за европското семејство, рече вечерва во обраќањето по повод одбележувањето на јубилејот министерот Милошоски.
Амбасадорот на Норвешка Карл Виби во обраќањето пред присутните дипломати потенцира дека Република Македонија има постигнато значаен политички и општествен напредок од нејзината независност од 1991 година и од воспоставувањето дипломатски односи со 13 земји во декември 1993 година.
- Надвладеаја политичките сили кои се залагаа за градење на иднината на земјата преку дијалог и компромис. Меѓународната заедница се залага да и помогне на Македонија во нејзините напори за изградба на демократска, мултиетничка и просперитетна држава, рече амбасадорот Виби.
Тој изрази цврсто убедување дека Македонија ќе продолжи по патот на стабилноста, умереноста и реформите и сигурно ќе го заземе, како што рече, своето место во евроатлантската заедница, посакувајќи им просперитет и благосостојба на народот на Македонија од името на 13 земји со кои во 1993 година се воспоставени дипломатски односи. Амбасадорот Виби вети продолжување на поддршката за остварување на реформите потребни за да се исполнат критериумите за членство во ЕУ.
- Главниот товар од транзицискиот процес на своите плеќи ги носи македонскиот народ, рече Виби поздравувајќи ги веќе преземените чекори, но и надевајќи се дека ќе бидат преземени дополнителни мерки кои ќе го унапредат одржливиот економски развој на Македонија.
Амбасадорот на Франција Бернард Валеро потсети дека заеднички се спроведени голем број активности и проекти, со цел нашата земја да напредува кон ЕУ.
- Македонија се развиваше во регионален контекст, кој понекогаш беше навистина тежок, но сепак се случи значителен прогрес. Македонија само пред неколку години беше корисник, а денес дава придонес во меѓународната безбедност, во свет во кој постојат голем број опасности, рече Валеро.
Според него, вопспоставувањето дипломатски односи значи исто како да се потпишува договор за доверба и воља за спроведување заеднички активности. - Токму тоа и го направивме пред 15 години, рече Валеро, потенцирајќи дека Македонија со вопоставувањето на дипломатските односи презеде и ангажман да си ја обезбеди својата иднина и судбината за идните генерации во ЕУ.
Во декември 1993 година Сојузна Република Германија, Кралството Данска, Кралството Холандија, Италијанската Република, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Кралството Норвешка, Кралството Шведска, Република Бугарија, Република Албанија, Француската Република, Република Фиска, Исланд и Република Полска, воспоставија дипломатски односи со Република Македонија.