ИНФО                                           
     
  КОНЦЕРТ НА ЕВРОПСКА МУЗИКА ВО ДОМ НА АРМ

Скопје, 11 декември (МИА) - Симфонискиот оркестар „Macedonian Music and Entertainment“ и хорот „Св. Климент Охридски“ вечер во Домот на Армијата ќе одржат Концерт на европска музика, во организација на Францускиот културен центар, Институтот „Гете“ и Амбасадите на Франција и на Италија.
Оркестарот ќе го води францускиот диригент Оливие Дежур, а како солисти ќе нстапат Александар Кноп, баритон од Германија, Орнела Пратези, сопран од Италија Дејан Стоев (тенор) и Невен Силјановски (бас) од Македонија. Поводот е 15 години од признавањето на државава од 11 европски земји, а воедно со концертот ќе биде одбележана и годишнината од француско-германското пријателство, верификувано со договорот од 1963 година. Поради тоа, концертната програма е спој на дела од композитори на двете земји - првата кантата од „Божикниот ораториум“ на Бах и првиот дел од „Детството на Исус Христос“ на Берлиоз.
- Идејата беше да се создаде концерт за Божик, кој ќе ги обедини Франција и Германија. Избравме две дела со поглед на Божик од два различни народа и истории. Од уметнички аспект презедовме ризик зашто меѓу делото на Бах и на Берлиоз има разлика од 120 години, тие се од различни епохи и меѓу нив како да имало земјотрес. Делото на Бах е тензично, а концертот ќе заврши со смирувачките тонови на Берлиоз, рече диригентот Дежур на прес-конференција порано, неделава.
Тој додаде дека концертот ќе биде средба меѓу Македонија, Франција и Германија. Сепак, нема да се свири дело од македонски композитор. „Цивилизацискиот спој“ диригентот го гледа во оркестарот зашто е составен од македонски музичари, а за програма со македонски дела рече дека можеби ќе има во друга пригода, за некој нареден божикен концерт.
Оркестарот „Macedonian Music and Entertainment“ е оформен пред година и пол, во соработка со Македонската радиотелевизија. Насије Мопа, која е менаџер на тој проект, рече дека идејата била да се создаде специјализиран оркестар што ќе снима оркестарска филмска музика за меѓународни продукции и филмски куќи од Европа и од САД. За таа цел во договор со МРТВ годинава беше опремено студиото за снимање М1 со висококвалитетна опрема за снимање. Во оркестарот се собрани најталентираните македонски музичари - по една третина од Македонската филхармонија, од Македонската опера и студенти од ФМУ. Првиот концерт оркестарот го изведе во јуни минатата година.
Директорот на Францускиот културен центар Јоан Урес рече дека концертот има посебно значење зашто ќе го означи крајот на претседавањето на Франција со Европската унија. Директорот на германскиот институт „Гете“ Томас Дикхаус, пак, истакна дека се радува што концертот е плод на германско-француското пријателство и додаде дека тој е доказ оти културата не треба да паѓа под влијание на недоразбирањата во политиката. Концертот почнува во 20 часот, а влезот е слободен.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ГРУЕВСКИ НА САМИТ НА ЛИДЕРИТЕ НА ЕВРОПСКАТА НАРОДНА ПАРТИЈА ВО БРИСЕЛ

Премиерот Никола Груевски денеска ќе учествува на Самитот на Европската народна партија, што ќе се одржи во Брисел во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ.
На Самитот, како што информира прес-службата на Владата, ќе присуствуваат претседателот на Франција Николас Саркози, германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Италија Силвио Берлускони, на Холандија Јан Петер Балкененде, на Луксембург Жан Клод Јункер, на Белгија Ив Летерм, на Чешката Република Мирек Тополанек и на Полска Доналд Туск, како и претседателите на Европската комисија Жозе Мануел Баросо и на Европскиот парламент Ханс Герт Потеринг.
На собирот во Брисел ќе бидат и претседателот на Романија Трајан Басеску, премиерот на Хрватска Иво Санадер и други високи претставници на партии членки на Европската народна партија.
Учеството на Самитот, премиерот Груевски ќе го искористи за запознавање на своите колеги со напредокот на Република Македонија во реформите и мерките кои Владата ги презема за подобрување на животот на граѓаните и за интегрирање во Европската унија, како и за процесот за ослободување од визното ограничување, информира владината прес-служба.