ИНФО                                           
     
  МУЗЕЈОТ НА ВОДА ВО ГРАДИШТЕ
– МОЖНОСТ ЗА ПАТУВАЊЕ НИЗ ВРЕМЕТО


Охрид наскоро ќе добие уште една културно-историска знаменитост и туристичка атракција - Музеј на вода, исклучителен археолошки комплекс, единствен од тој вид во овој дел од Европа.
На јужното крајбрежје на полуостровот Градиште во Заливот на коските веќе се издига праисториска палафитна (наколна) населба која, според истражувањата, своевремено се простирала на површина од околу 8.500 метри квадратни. Станува збор за автентична реконструкција на дел од наколната населба, идентична врз остатоците од подводниот археолошки локалитет „Плоча Миќов град“, со хронолошка припадност некаде на крајот на бронзеното и почетокот на железното време, меѓу 1200 и 700 година пред нашата ера..
Паралелно со изградбата на наколната населба и Музејот на вода, на ридот над Заливот на коските е реконструирано и Градиштето - военото утврдување од римско време, т.н. каструм. Ѕидовите на утврдувањето што некогаш ја штитело Римската империја од непријателите, повторно се издигаат високо на ридот кај Градиште.
Римската тврдина со патека е поврзана со наколната населба во Заливот на коските, така што туристите и гостите ќе имаат несекојдневна можност да патуваат низ времето, од античкото до праисториското и обратно. На истата локација ќе биде изградена и нуркачка база, со две простории, наменети пред се за сместување на опрема за нуркање. За полесна пристапност до целиот музејски комплекс ќе биде изградена и посебна патека од римски плочи, што ќе се спојува со магистралниот пат Охрид - Свети Наум.
Реконструкцијата на овие два објекти е спроведено по проект финансиран од Владата, односно преку Министерството за култура на РМ. Уште на самиот почеток на градежните активности околу реконструкцијата на Музејот на вода и римскиот каструм, локалитетот го посети премиерот Никола Груевски, која во таа прилика рече дека музејот ќе претставува не само нова туристичка атракција, туку и сведоштво за цивилизација стара илјадници години.
- Станува збор за напредна цивилизација во тоа време, споредена со другите земји и континенти, што зборува дека Македонија е древна земја која има што да покаже пред светот, рече Груевски.
Директорот на Управата за заштита на културното наследство, охридскиот археолог Паско Кузман, за овој проект изјави дека ќе биде атрактивна туристичка дестинација.
– Целта е да се поврзе римското со праисториското време. Тврдината и наколната населба ќе бидат поврзани со патека така да посетителите ќе можат да патуваат од римско време во праисторијата и да комуницираат со тие времиња“, рече Кузман.
Покрај екстериерот на наколната населба, реконструиран е и ентериерот, а во неколкуте дрвени куќички изградени на платформата поставена на колци над водата ќе бидат изложени сите предмети пронајдени за време на осумгодишните археолошки истражувања на подводниот локалитет, така што посетителите ќе можат многу реално да го почувствуваат животот во бронзеното време.
Отворањето на Музејот на вода е предвидено за в понеделник, 8 декември, Денот на Свети Климент Охридски во 13 часот. Честа да го отвори ја има претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски. На свеченоста се поканети бројни гости од јавниот, културниот, политичкиот живот.
 
     
     
     
     
     
     
     
 

 

 
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     
     

 ВЕСТИ

  ПОДНЕСЕНА ПЕТИЦИЈА ДО АЛБАНСКИОТ ПАРЛАМЕНТ ЗА ВРАЌАЊЕ НА МАКЕДОНСКИТЕ ТОПОНИМИ ВО МАЛА ПРЕСПА

Македонците од Мала Преспа преку пратеникот од регионот Корча, Едмонд Спаху, до Собранието на Република Албанија поднесоа петиција за враќање на старото македонско име Пустец на општината Лиќенас.
Петицијата на пратеникот Спаху му ја предаде градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко.
Името на општина Пустец беше сменето во времето на Енвер Хоџа во седумдесетите години од минатиот век, кога беа сменети и имињата на повеќето села во Мала Преспа.
Заменик градоначалникот на општина Пустец, Васил Стерјовски, вели дека со петицијата се бара донесување закон за смена на името на општината од Лиќенас во Пустец.
- Советот на општина Пустец неколкупати има донесено одлуки за враќање на македонските топоними на селата, но тие не се одобрени од страна на префектурата Корча, во чијшто состав е општина Пустец. Од префектет на регионот, Елфрида Зефи, имаме усна согласност дека ќе ги одобри одлуките на советот на општината ако Собранието донесе закон за смена на името на општината, изјави Стерјовски.
За донесување закон за смена на името на општината потребно е двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници во Собранието.
- Петицијата ја подржува Демократската партија на премиерот Сали Бериша кој има мнозинството пратеници во Собранието. Но, исто така, потребни се гласовите на опозициската Социјалистичка партија на Еди Рама, додаде Стерјовски.